Колку всушност е смртоносен коронавирус? | Панорама | DW | 28.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Колку всушност е смртоносен коронавирус?

426 лица починаа само во еден ден во Германија како последица од Ковид-19, нов црн рекорд. Што значи пораст на смртност од коронавирус? Умираат ли сега повеќе луѓе отколку пролетоска?

Како може да се објасни порастот на смртни случаи?

Кривата на новозаразени во Германија нагло порасна во октомври. Од средината на ноември, со мали промени нагоре или надолу е рамномерна, со благ пад иако е сеуште на високо ниво. Севкупно има многу поголем број на заразени, а официјалната бројка од почетокот на пандемијата до сега се ближи кон милионската граница. Со недели експертите предупредуваат дека со вакви бројки ќе се зголеми бројот на тешки случаи и починати. Шефот на Германското болничко здружение Гералд Гас на 2 ноември за „Билд“ изјави: „За две до три недели ќе го надминеме пикот на хоспитализирани пациенти од април.“

Имал право. Последните бројки од 25.11 покажуваат 3781 Ковид 19 пациенти во Германија сместени на интензивна нега, а најголемиот број во април беше 2850. И извештајот на Роберт Кох Институтот и Германското интердициплинарно здружение за интензивна нега и итна медицина (ДИВИ) покажува јасен тренд – се намалува бројот на слободни кревети по болниците на интензивна нега. За Ралф Крумкамп од Германскиот центар за истражување на инфекции очигледна е зголемената стапка на смртност во Германија како последица од корона. „Растечкиот број на смртни случаи е последица на зголемениот број заразени. Во моментов расте бројот на заразени кај лица над 80 години. Треба да продолжиме да ги набљудуваме растечките стапки на смртност“, вели Крумкамп за ДВ.

Дали вториот корона-бран во Германија е полош од првиот?

Ова зависи од тоа кои бројки ги користите како основа за анализа. Во однос на новозаразени, вториот бран е значително посериозен од првиот. Во првиот бран бројот на новозаразени се искачуваше максимум до 6000 на ден, додека во вториот бран имаме 23.000 регистрирани случаи дневно. Но овие бројки треба да се анализираат и според бројот на направени тестови. Ако пролетоска во Германија се правеле 300.000 до 400.000 корона-тестови неделно, изминатите недели оваа бројка е меѓу 1,2 и 1,7 милиони. Бројот на непријавени случаи пролетоска е веројатно многу поголем од сега.

Во однос насмртните случаи сликата е малку поинаква. И покрај тоа што на 25. месецов во еден ден починаа 410 лица, сепак дури сега се достигнува пикот од првиот бран. Бидејќи споредбено, кривата на просекот од последните 14 дена е слична како и за време на првиот бран.

Дали смртноста во вториот бран е повисока од првиот?

Не, напротив. Бројот на починати лица во однос на вкупниот број заразени сега е понизок отколку пролетоска. Така на пример РКИ во средината на април регистрира 6,98% смртност во однос на заразени, а кон крајот на октомври 0,94% што е значително пониско. Податоците за стапката на смртност во ноември се уште не се обработени. Кога станува збор за процентот на починати треба да се земе предвид дека референтна вредност се вкупниот број на евидентирани случаи што е многу поголем поради зголемениот број тестови. Но дури и со ова процентот е многу понизок во однос на првиот бран. Ова може да се должи и на подобрата заштита на ризичните групи.

Infografik COVID-19: Tägliche Todesfälle verschiedne Europäische Länder DE

Дневен број на смртни случаи во различни земји на ЕУ

Тоа што и апсолутната бројка на починати во моментов (1045) е пониска од пролетоска (2252) е исто така позитивен сигнал. „Имаме вредност кај бројот на починати која е полесно воочлива,“ вели Ралд Крумкамп. „Оние со лесна симптоматика се занемаруваат во бројот на регистрирани, ако не тестирате консеквентно. Тешките и смртните случаи се подобро евидентирани бидејќи се клинички релевантни.“

Дали сега умираат повеќе луѓе отколку вообичаено?

Да, во многу земји во 2020 умираат повеќе луѓе споредено со претходните години, исто и во Германија. Но, податоците во поединечните земји покажуваат сосем различни стапки. Во Германија претходно имаше значително помалку смртни случаи отколку во други европски земји. Но и тука ширењето на коронавирусот доведе до препознатлив натпросечен морталитет, односно бројот на смртни случаи е над историската годишна средна вредност. Од крајот на март до крајот на мај умреле повеќе луѓе отколку во истиот период во изминатите години, а во 15-тата календарска недела 14% повеќе од просекот од изминатите четири години. Поради повторно растечкиот број на смртни случаи поврзани со коронавирусот морталитетот сега е повторно над средната вредност од минатите години.

Уште појасен е трендот ако се погледне Европа: според податоците на проектот Европски мониторинг на морталитетот, стапката пролетоска била голема и значително над вообичаеното ниво. Ако се погледаат статистиките на европските земји се забележуваат големи разлики: држави како Шпанија, Франција или Белгија покажуваат надпросечни вредности, Финска и Грција на пример се во просекот. Нашиот инфографик со податоци од Европскиот центар за контрола и превенција на зарази ги појаснува различните стапки по држави. Прашањето - дали сега умираат повеќе луѓе од вообичаено - има многу различни одговори.

Реклама