Колин Пауел заминува од функцијата | Теми | DW | 16.11.2004
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Теми

Колин Пауел заминува од функцијата

Оставката на американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел, во фокусот на пишувањата во германскиот дневен печат

Колин Пауел и Џорџ Буш

Колин Пауел и Џорџ Буш

“Франкфуртер Рундшау“ во денешниот коментар околу оставката на американскиот министер за надворешни работи забележува:

" Колин Пауел, по пропаѓањето на американската "блиц" стратегија во Ирак, брзата војна, доби повеќе слобода во делувањето. Сепак, според овој весник, тоа не промени ништо во неговата изолирана позиција внатре во владата во Вашингтон. Колин Пауел, едноставно не е во согласност со Џорџ Буш. Тоа е недоразбирање, кое самиот Пауел брзо го откри, но долго време одбегнуваше да се соочи со неминовната последица, читаме во овој весник кој натаму во текстот додава дека причина за ова, е фактот што Пауел не сакал во целост да го препушти бојното поле на неистомислениците. Сепак, тоа е недоволна основа за уште еден четиригодишен мандат во Белата Куќа, пишува во денешниот коментар весникот “Франкфуртер Рундшау“

“Зидојче Цајтунг“ во своето гледиште за повлекувањето на државниот секретар на САД, констатира дека во Белата Куќа со години тлее конфликт помеѓу министерството за одбрана и министерството за надворешни работи, за стилот во кој САД би требало да настапат на меѓународен план, односно целокупниот надворешно политички концепт. Колин Пауел, беше речиси либерално издание на политичар, во споредба со оние кои стоеа од другата страна, потпретседателот Дик Чејни и министерот за одбрана Доналд Рамсфелд. Пауел на крај сепак не беше доволно силен да се наметне и да се здобие со доверба кај претседателот. Дека тоа го загуби, знаеше уште од оној момент кога против своето убедување настапи пред Советот за безбедност на Обединетите Нации и изјави дека Ирак располага со оружје за масовно уништување, читаме во денешниот текстот во “Зидојче Цајтунг“

На сличен став е и весникот "Ханделсблат" кој наведува:

“ Самиот Колин Пауел, ги потхрануваше шпекулациите дека по претседателските избори постојат шанси за поинаква, мултилатерална надворешна политика на САД. Настапите на претседателот Џорџ Буш во последните денови, читаме во овој весник, исто така зборуваа во прилог на тоа. Тоа што Пауел сепак ја одбра оставката, значи дека политиката на Џорџ Буш во иднина, не остава доволен простор за нови идеи, што значи: за владата во Вашингтон, Ирак сепак преставува почеток на демократизација на Блискиот исток. Колин Пауел, се откажа од натамошни рововски битки со потпретседателот Чејни и министерот за одбрана Доналд Рамсфелд. Европјаните така го изгубија најважниот партнер за разговор. Констатира во денешниот текст околу оставката на Колин Пауел, весникот “Ханделсблат“

“Тагесцајтунг“ пак истакнува:

“ Владата на Џорџ Буш како ретко која досега, надворешнополитичките ингеренции од Стејт Департментот ги пренесе на Пентагон. Министерот за одбрана Доналд Рамсфелд, секогаш имаше поголемо влијание од државниот секретар Колин Пауел, а и во анкетите често беше попопуларен. Актуелниот шеф на дипломатијата, читаме во “ Тагесцајтунг“ никогаш не успеа да стави сопствен белег на воената и надворешнополитичката стратегија на САД. Ништо не зборува во прилог на тезата дека претседателот Џорџ Буш би можел да најави некоја суштинска промена. Тоа значи и дека наследникот на Колин Пауел ќе има ограничен маневарски простор. Освен доколку некој од јастребите не го превземе и министерството за надворешни работи“ пишува денешен “Тагесцајтунг“

Поврзана содржина