Коле Штерјев: Не ми е важна функцијата, туку образот! | Македонија | DW | 07.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Коле Штерјев: Не ми е важна функцијата, туку образот!

Што значи тоа, кога за оставки од претставници на независни тела зборува претставник на извршната власт, прашува претседателот на Советот на обвинители, по изјавата на заменик-министерот за правда

Ќе се почнат ли конечно да се решаваат  состојбите во правосудството?  Ова е прашањето откако Владата на вчерашната седница и официјално го формираше долгонајавуваниот Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев.

Во Советот ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, државниот јавен обинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховниот суд, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од апелациските судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од основните судови Скопје 1 и 2. Како што соопшти владината прес-служба, членови на Советот ќе бидат и народниот правобранител Иџет Мемети и претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу принт-групата на граѓански организации за правосудство.

Меѓу стратегијата и практиката

Но, дали стратегијата е доволна за средување на состојбите во правосудството? Во изминатиот период имаше реакции дека ништо не е сменето, дека во практиката повторно се во игра политички влијанија, непотизам и конфликт на интереси. Во тој контекст, фокусот е насочен кон Советот на јавни обвинители, неодамна критикуван и од американскиот амбасадор Џес Бејли, кој повикувајќи се на медиумски известувања, зборуваше за пример на судир на интереси.

„Имало случај кога еден јавен обвинител, член на Советот гласал за одлука на член на семејството на друг член на Советот, и тука ми се чини дека станува збор за судир на интереси. Јавноста и професионалците изгубија уште неколку грама доверба во системот“, изјави Бејли.

Повеќе за темата: 

Битка за судството

Судиски пародии

Медиуми тогаш тврдеа дека има два случаја на судир на интереси. Првиот - избор за обвинител на внука од сестра на сопругата на претседaтелот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјeв. Вториот - неизбор на обвинителка која постапувала по предмет за сопруг на член на Советот на јавни обвинители.

Запрашан за ваквите наводи, заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски завчера изјави: „Нема да се мешам во работата на Советот на обвинители. Од морален аспект, јас лично сметам дека треба да си поднесат оставка“. 

„Не ми е важна функцијата, туку образот“, изјави  за ДВ претседателот на Советот на обвинители, Коле Штерјев.

„Јас го почитувам законот, и постапувам исклучиво во согласност со законот. Но хајка не можам да спречам. Ако таа продолжи ќе мора јавно да излезам, да ги дадам сите аргументи за да го обелам образот“, вели Штерјев. 

Тој се сомнева дека изјавата на Ристовски е „личен став“.

„Немам дилема дека не е лична, и сметам дека зад неа стои некој друг. Но, треба да се прашаме што значи тоа, кога за оставки од претставници на независни тела зборува претставник на извршната власт“, вели Штерјев.

Поради службени обврски, немаше време за детални образложенија. Но, извори во Советот тврдат дека во случајот за кој се критикува Штерјев, не е прекршена одредбата од член 3 став 1 точка 5 од Законот за спречување на судир на интереси, каде се стриктно наведени степените на сродство, а според нив посочените роднински релации не влегуваат во „конфликтни“. За неизборот на обвинителката, објаснуваат дека таа и досега не била избрана со мандат во посоченото обвинителство, туку неколку пати времено упатувана таму.

Судии тужат

Ова не е единствениот случај околу кој се кршат копјата во јавноста. Во декември лани на критики беше изложен Судскиот совет, со забелешки дека политиката повторно вмешала прсти во изборот на судии и претседатели на судови. Тогаш, наместо судијата Лазар Нанев кој бил најдобро рангиран кандидат за избор за судија во Апелациониот суд во Скопје, Судскиот совет ја избра треторангираната кандидатка. Судијата Бетим Јахја, иако бил најдобро оценет кандидат за претседател на Основниот суд во Тетово, Судскиот совет за прв човек на тетовскиот суд го избра четврторангираниот кандидат.

„По доставувањето на одлуката ќе биде поведена постапка за судска заштита пред домашните судови, а потоа и постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што веќе имам ангажирано полномошник, кој ќе ги застапува моите права и ќе ја подготви апликацијата“, изјави тогаш судијата Лазар Нанев.

Вчера тој кусо потврди дека постапката е започната.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

DW.COM