Кои се „човекот без лице“ и Србинот кој врбува џихадисти? | Свет | DW | 11.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кои се „човекот без лице“ и Србинот кој врбува џихадисти?

Германската полиција деновиве уапси петмина исламисти кои во Германија подолго време регрутираат идни борци за Исламска држава, меѓу кои и Абу Вала. Кој е всушност тој?

Службите и полицијата одамна го имале во фокусот Бобан С. (36) од Дортмунд. Уште во август беше извршен претрес во станот на овој човек за кого германските медиуми наведуваат дека е германски Србин со пасоши од обете земји. Понекаде пишува дека е конвертитет, но не се наведува дали е роден во Србија или во Германија. Тој е уапсен во рамките на големата акција против главните помагачи на Исламска држава во Германија. Бобан С., заедно со уште четворица други уапсени исламисти, врбувал млади муслимани и им помагал да стигнат до Сирија или Ирак за да им се придружат на џихадистите.

Четврточни конференции

Бобан С. не бил централен човек во мрежата, но она што им го раскажале соседите од Дортмунд на медиумите, не звучи наивно. Во станот од 50 метри квадратни, сопственост на девојката на Бобан, Надин Х., до првиот претрес во август редовно во четврток се одржувале „конференции“ со истомислениците. На состаноците доаѓале одвоено или мажи со долги бради или целосно забулени жени.

Соседите велат дека до пред четири години оваа двојка била сосем „нормална“ и повремено организирала седенки и куќни забави. Одеднаш тоа престанало, за наскоро соседите да ја сретнат Надин целосно покриена со никаб. Бобан С. барала да го викаат Абдурахман. Под ова име настапувал како проповедник во просторија за молитви во северниот дел од Дортмунд. За тоа локалниот весник Рурнахрихтен пишува дека „во Дотрмунд, кој не е познат како упориште на поддржувачите на ИД, стратегијата на радикалните салафисти со години е одржување конспиративни состаноци во приватни простории.“

Сојузното државно обвинителство тврди дека С. меѓу другото имал задача „истомисленците и оние подготвени да заминат на фронт да ги подучува на арапски јазик и на радикално-исламски содржини. Целта била создавање идеолошка и јазична основа за идни активности во ИД, посебно за учество во борбени активности.“ 

Покраинската служба за заштита на уставниот поредок го оценила Бобан С. како лице кое врши радикализација на луѓето, и тоа еден од водечките во покраината.

Islamisten-Kundgebung in Hamburg (picture-alliance/dpa)

Пјер Фогел во отворен судир со Абу Вала

Првиот човек Абу Вала

Бобан С. алијас Абдурахман не бил уапсен во август иако и тогаш постоеле конкретни сомневања. Се претпоставува дека германските органи причекувале да соберат цврсти докази против целата мрежа која Ралф Јегер, министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вествалија, ја нарекува група „салафисти кои влечат конци“ во поддршката на џихадистите. Истрагата почнала минатата есен.

Прв човек наводно е Ирачанецот Ахмад Абдулазиз Абдула А. (32) познат под името Абу Вала. Тој бил активен во местото Бад Залцдетфурт кај градот Хилдесхајм во Долна Саксонија. Уапсениот квинтет е прилично „шарен“. Покрај Абу Вала и Бобан С., во него спаѓаат Турчинот Хасан Ц. од Дуизбург, Ахмед Ф.Ј. од Камерун и Махмуд О. кој има германски пасош.

Абу Вала во својата работа бил прилично успешен. Според податоците на истрагата, само од Хилдесхајм, град со едвај 100.000 жители, 26 момчиња заминале и им се придружиле на терористите во Ирак и во Сирија. Абу Вала има свој Јутјуб канал каде неговите пораки ги гледале до 40.000 луѓе, а развил дури и сопствена апликација за паметни телефони Абу Вала Апп, преку која заинтересираните можат да бидат во контакт со него. „Абу Вала отворено се изјаснува за припадник на ИД и во минатото настапувал во улога на проповедник на бројни салафистички собири“, соопшти Државното обвинителство во Карлсруе.

Deutschland Islamismus - Festnahmen und Durchsuchungen in Niedersachsen, Hildesheim (picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte)

Полицијата уште во август вршеше претреси во Хилдесхајм

Судир во рамките на сцената

Обвинувањето за овој 32-годишен човек не е ново. Критики на негова сметка стигнаа дури и од редовите на исламистите. Исламистичкиот проповедник Пјер Фогел, кој порано ги осудуваше терористичките напади на Запад, поради тоа се најде на удар од Абу Вала. Фогел потоа објави повеќе видео-пораки во кои отворено ја критикуваше ИД и нејзината идеологија. Во една од пораките се гледа замаглениот лик на Абу Вала, но на познавачите на исламистичката сцена им е лесно да го препознаат. Во таа порака Фогел го обвинува Ирачанецот за блискост со ИД. По ова меѓу нив избил отворен судир преку социјалните мрежи, првенствено преку Јутјуб. На тие снимки Абу Вала се гледа само од грб, тој се снима преку рамото без да се гледа неговото лице. Затоа го нарекоа „проповедникот без лице“.

Неговите видео-пораки често почнуваат со религиозни поуки, а потоа седнува на работна маса. Целата глава му е обвиткана со црна шамија, на раката носи сребрен часовник, а пред него е коранот. На една снимка одговара на обвинувањата од Фогел, наведувајќи дека некои се подготвени на соработка со кафирите (неверниците) и со тоа на Умет (заедницата на муслимани) ѝ задаваат удар в грб, наместо да се грижат да им помогнат на народите на Ирак и Сирија. Абу Вала во целата снимка од 54 минути повторува - нема ништо со ИД.

За германските служби Абу Вала е исламистички проводаџија број еден во земјата. Се очекуваат обемни обвинувања, убедливи докази и долг затвор за сите означени за дел од мрежата. 

 

DW.COM

Реклама