1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се целите на Исламска држава?

Н. Штраухлер / Д. Ходали / Е.М.Фиданоска21 ноември 2015

Од 2013 година во оптек е името на движењето чија цел е создавање исламска божја држава. Фундаменталистите на тоа, меѓутоа, работат од поодамна. За нивното зајакнување е виновен, како што се чини, и Западот.

https://p.dw.com/p/1H7HL
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Mustafa

Непосредно по првите вести за нападите во Париз, приврзаниците на „Исламска држава“ (ИД) на социјалните мрежи го славеа терористичкиот акт како свој успех. Во саботата претпладне следеше и писмо со кое ИД презема одгoворност за нападот. Iако тоа не е верифицирано, ретко кој се сомнева дека ИД стои зад нападите. Дел од експертите во меѓувреме веќе не зборуваат за организација, туку многу повеќе за социо-политичко движење со структури слични на државни. „ИД не применува само чисто насилство, туку покрива и други сфери“, вели Кристоф Гинтер, истражувач на исламот од Универзитетот Лајпциг.

Почна во Ирак

Летото 2013 година, кога во Сирија веќе две години беснееше војна, а Западот се‘ уште не можеше да се усогласи околу интервенција, зачестија извештаите на различни организации за човекови права за убиства и масакри извршени од страна на милициите на ИД. Исламска држава со обезглавувања пред камери на брутален начин си обезбеди место во медиумите.

Во регионот, меѓутоа, екстремистите се активни веќе 10 години. Кога Американците во 2003 година влегоа во Ирак, го соборија диктаторот Садам Хусеин и ги исфрлија сите негови сунитски приврзаници од јавните служби - од републиканските гарди се‘ до тајната служба. Многумина беа уапсени и оттогаш се во затвор. Стотици илјади сунитски Ирачани, меѓу кои генерали, офицери, војници и службеници, се‘ повеќе беа потиснувани во офсајд. „Ако немаше ваков развој на состојбата по влезот на САД, немаше да ја има ниту ИД“, оценува Гинтер Мeјер од Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот Мајнц.

Полза од сириската војна

Дел од бившите приврзаници на Садам Хусеин почнаа да формираат отпор против американските сили. Под раководство на Абу Мусаб ал-Заркави беше основана „Ал Каеда во Ирак“. Земјата стануваше се‘ повеќе магнет за џихадисти, кои во 2006 година, по убиството на Ал Заркави, се преименуваа во „Исламска држава во Ирак“ (ИДИ).

Irak - IS Führer Abu Bakr al-Baghdadi
Се нарекува Калиф: Абу Бакр ал-БагдадиФотографија: picture-alliance/AP Photo

На почетокот на 2013 година ИДИ го искористи настанатиот вакуум во власта во Сирија, експандираше и се преименува во „Исламска држава во Ирак и Сирија“ (ИДИС). Дојде до прекин со дотогаш најуспешната милиција на Ал Каеда во Сирија - Ал Нусра Фронт. Ал Нусра Фронт одби да го следи Абу Бакр ал-Багдади, кој ја презема командата. За него не се знае многу, освен дека родено име му е Ибрахим ал-Бадри, дека е израснат во Багдад и дека е од сиромашно семејство. Тој денес заедно со својата милиција работи на создавање Калифат, ако е можно на подрачје на Сирија, Ирак, Либан и Палестина. На крајот на 2013 година терористите за свое седиште ја одбраа провинцијата Рака.

Преземање на власта во Мосул

„Падот на Мосул во јуни 2014 година беше всушност вистинскиот момент на раѓање и експанзија на терористичката милиција“, вели експертот Мејер во разговор за Дојче веле. Мосул, град во северен Ирак, важеше за регион во кој главно се повлекуваа старите приврзаници на Садам Хусеин. Кога ИДИС таму ја презеде контролата, и‘ се приклучија веднаш висококвалификувани сунитски екс-генерали и борци, кои сакаат да се одмаздат поради политиката на дискриминација од страна на тогашниот шиитски премиер Нури ал-Малики. Освен тоа, ИДИС ја ограби и Централната банка, која имаше седиште во Мосул, и така стигна до милиони долари.

Терористичката милиција во 2014 година се проби во насока на Багдад, зашто ирачката армија од страв од ИДИС побегна и без борба зад себе остави најмодерна технологија и оружје. Во освоените територии Ал Багдади прогласи Калифат и ја преименува својата милиција во „Исламска држава“ (ИД). Освен тоа, воведе шеријатски закони, а луѓето со различна вера, како христијани или Језиди, беа или убивани или земани во ропство. „Имаме работа со движење на бунтовници кои имаат јасна цел да поседуваат територија“, нагласува експертот Мејер. „Прогласувањето Калифат има огромен одек во целиот исламски свет.“

Infografik Organisation des "Islamischen Staats" Englisch
Графички приказ на организацијата на Исламска држава

Збиралиште за радикални муслимани од цел свет

Млади муслимани и конвертити од цела Европа се упатија кон Сирија и Ирак за да се борат на страната на ИД. Вкупно околу 50.000 лица се борат за ИД на фронтот. „Сето тоа се муслимани кои сакаат да им помогнат на своите браќа по вера во борбата против шиитите. А, привлечна моќ да се биде следбеник на ИД има и високата плата“, нагласува Мејер.

ИД при своите походи во текот на изминатите месеци освои голем број нафтени и гасни полиња, продава освоена воена опрема, воведува царини и даноци, изнудува пари од киднапирање. Така ИД во меѓувреме може да се финансира сама и веќе не е упатена на поддршка од страна на богати Арапи од Заливот. Според различни проценки, ИД дневно има обрт од еден до три милиони евра.

Да се запре напредувањето, но како?

ИД со своите финансиски средства може без проблем да се снабдува со оружје преку Турција и Либан и според проценките на експертите - претставува сериозна воена сила. Но, терористичката милиција е запрена во обидите да освојува нови територии. За тоа придонесоа повеќе фактори: вооружувањето на курдските пешмерга-борци во северен Ирак од страна на Западот, меѓу другите и од Германија, борбата на борците на ПИД (курдски единици за народна одбрана, н.з.) на североистокот на Сирија, како и коалицијата предводена од САД, во која има и арапски држави, која со месеци бомбардира позиции на „Исламска држава“ и ја има длабоко рането оваа милиција.

Syrien US-geführter Luftschlag gegen IS in Rakka 29.10.2014
Анти-ИД коалицијата се обидува да ја победи терористичката милиција со воздушни напади - експертите се сомневаат во успехот на овој методФотографија: Reuters/N. Fourat

Меѓутоа, Кристоф Гинтер, истражувач на исламот од Универзитетот Лајпциг, се сомнева дека ИД на долг рок би можела да биде воено поразена. Со воздушни напади и други форми на напаѓање исламистите би можеле да бидат територијално потиснати на помало подрачје, но на тој начин не е можно да се победи таа идеологија.

И тој, како и други експерти, смета дека само умерените сунити во регионот можат трајно да ја победат ИД. „Апсолутното мнозинство на луѓето таму е против оваа ’Исламска држава’ и против ваквата радикалност“, нагласува Удо Штајнбах, раководител на Центарот за Блиски Исток и Северна Африка на Хумболт-Виадрина Високата школа за политички развој и менаџмент. „Ако се обединат, ако воено подобро се организираат, тогаш многу бргу ќе бидеме сведоци на воениот пораз на оваа организација.“