Кои се поддржувачите на Вилдерс и холандската Слободарска партија? | Свет | DW | 14.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кои се поддржувачите на Вилдерс и холандската Слободарска партија?

Утре, Герт Вилдерс и неговата Слободарска партија имаат можност да станат втората најмоќна политичка сила во холандскиот парламент. Но, неговите подржувачи се речиси невидливи – дури и во неговата покраина Лимбург.

Герт Вилдерс доаѓа од Фенло, град со популација од 100.000 луѓе во близина на границата со Германија. Матеус, сопственик на локален ресторан вели дека тука сите знаат приказни од детството на Вилдерс. Наводно, останатите деца го тепале затоа што неговата мајка била од Индонезија и затоа што тој изгледал поинаку. Матеус отворено признава дека го поддржува Вилдерс и неговата Слободарска партија (ПВВ) – и очигледно, тој е еден од малкуте кои ќе го сторат тоа. Тој вели дека Вилдерс му се допаѓа затоа што се залага за контрола на имиграцијата.

Роберт Хоусманс е предводник на ПВВ во покраинскиот парламент во Лимбург, каде што партијата е втора по големина политичка сила. Тој има добри шанси да стане пратеник во парламентот во Хаг по изборите во март.

„Ја сакаме сувереноста назад“, изјави Хоусманс кога го прашавме за анти-ЕУ ставот на неговата партија. Тој сака холандската држава да одлучува кој може, а кој не може да влезе во земјата, која инаку веќе ги има најстрогите закони за азил во ЕУ.

Хоусманс не гледа проблем во напуштањето на ЕУ. „Лесно е да се постигне билатерален договор со Германија, Белгија и Франција“, изјави тој.

Niederlande Prozess Geert Wilders (picture-alliance/AP Photo/P. Dejong)

Герт Вилдерс е лидер на крајно десничарската Слободарска партија.

Менување на политичката среќа

Зошто има толку многу гневни луѓе во Холандија, богата земја која има годишен економски раст од 2 проценти? Мартијн Ван Хелверт, кандидат на демохристијаните верува дека економијата направила губитници од многу луѓе, слично како што се случи во САД. „Премиерот Руте шири само оптимизам“, вели Ван Хелверт. „Тој вели дека доколку работите вредно, работите ќе се подобрат за четири години. Но, тоа не е точно“. Како што мејнстрим партиите го губат кредибилитетот, станува се полесно за аутсајдери како ПВВ и Вилдерс да ја зголемат поддршката.

Ван Хелверт се обидува да го прошири допирот до гласачите во неговата изборна кампања. „Имам приемно време за граѓаните“, вели тој и додава “и се обидувам на им помогнам на луѓето да ги решат проблемите“. Се разбира, не сите прашања се поврзани со политиката и владеењето, но има многу голем број луѓе кои биле изневерени од властите.

„Многумина се гневни и разочарани“, вели Ван Хелверт додека се воодешува на штотуку испечатените постери од него во една печатница во Ехте, град кој се наоѓа во близина на Фенло. Тој вели дека гласачите со години се чувствуваат измамени од ветувањата на големите партии кои не може да бидат исполнети, како што, на пример, се ветувањата за даночни ослободувања или финансирање за повозрасните граѓани.Тоа беа само празни зборови. Овој пат, се чини дека неговата партија која владее со години, на национално ниво ќе освои околу 14 проценти од гласовите.

Со исклучок на луѓето кои активно гласаат против имигрантите или ЕУ, повеќето гласачи кои беа неформално анкетирани на улиците во родниот град на Вилдерс немаат многу причини да го поддржат крајно десничарскиот кандидат.

„Тука имаме добар живот“, ни кажа еден повозрасен маж. „Не сум незадоволен. И воопшто не ми се допаѓа Вилдерс. Тој не дебатира, само твита – и тоа што го кажува е лудо“.

DW.COM

Реклама