1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
BASF Werk Ludwigshafen - Verbrennen von Gas
Фотографија: Daniel Kubirski/dpa/picture alliance

Кои санкции би можеле да го запрат Путин?

Давид Ел
6 април 2022

Оваа недела треба да биде усвоен нов, петти пакет санкции против Русија поради нападот врз Украина. Сè уште нема консензус за ембаргото за увоз на руски енергенси во Европската Унија.

https://p.dw.com/p/49TpA

Снимките од убиените цивили во Буча, кај Киев, го зголемија притисокот: Западот не сака да ги остави неказнети можните руски воени злосторства, но исто така не сака воено да застане на страната на Украина против Русија - и со тоа да стане една од страните во тој воен конфликт.

Излезот од таа ситуација може да се види во интензивирањето на постоечките економски и финансиски трансакции: „Со нашите сојузници во наредните денови ќе донесеме нови мерки“, најави во неделата во Берлин германскиот канцелар Олаф Шолц. „Претседателот Путин и оние кои го поддржуваат ќе ги почувствуваат последиците.“

Странските сметки на Владимир Путин и многу негови блиски соработници веќе се „замрзнати“, на сила е забраната за извоз на високотехнолошки производи, некои руски банки се отсечени од меѓународните плаќања, на руските авиони им е забранет влез во европскиот воздушен простор, а на бродовите од Русија им е забранет пристапот до европските пристаништа.

Кои санкции се предвидуваат освен наведените? И колку тие имаат смисла?

Berlin | Bundeskanzler Olaf Scholz gibt ein Pressestatement
Шолц: Претседателот Путин и оние кои го поддржуваат ќе ги почувствуваат последицитеФотографија: Hannibal Hanschke/AFP/dpa/picture alliance

Дополнителните санкции се „исклучително тешки“

„Преостана уште релативно малку“, вели Давид Сираков, директор на Атлантската академија во германската покраина Рајнланд Пфалц. Ќе биде „исклучително тешко“ да се воведат дополнителни санкции, без тие значително да ги погодат оние што санкционираат, односно Западот, а особено Германија. „Тоа пред сѐ се однесува на снабдувањето со гас“, посочува Сираков.

Кога станува збор за гасот, германската влада е во рамките на Европската Унија - кочничар. Трите балтички земји, Естонија, Литванија и Летонија, на 1 април целосно го прекинаа увозот на гас од Русија. Овие земји моментално ги покриваат сопствените потреби со помош на резервите на гас складирани во Латвија. Тие балтички земји во мај ќе се поврзат со европската гасоводна мрежа преку нов гасовод. Во Германија работите се прават поинаку: прво, сакаат да обезбедат алтернативни начини за снабдување на долг рок, а дури потоа да го откажат снабдувањето со гас од Русија.

Deutschland | Nachtaufnahme von der BASF in Ludwigshafen mit dem Rhein
Германската хемиска индустрија предупредува на последиците од санкциите против рускиот гасФотографија: Udo Herrmann/U. J. Alexander/imago images

Германската хемиска индустрија предупредува на последиците од санкциите против рускиот гас: „Секој киловат час, секој тон природен гас што недостасува во хемиската индустрија го намалува производството во другите индустрии“, вели Јерг Ротермел од Здружението за хемиска индустрија (ВЦИ) . Без доволно количество гас, можни се недостиг од лепила, лакови и бои, но и проблеми во снабдувањето со специјална пластика, како и вештачки ѓубрива што се користат во земјоделството и производството на храна, забележува Ротермел.

Санкции против Гаспром банка?

Финансиските институции како Гаспром банката играат клучна улога во реализацијата на активностите поврзани со снабдувањето со енергија. Обединетото Кралство ја санкционираше банката уште во март, но таа не е на списокот со санкции на ЕУ. Јерг Кремер, главниот економист на германската Комерцбанк, смета дека тоа не треба да се направи: „Западот би си наштетил. Ако сите руски банки бидат санкционирани, тоа би значело дека западните увозници на гас повеќе не можат да ги плаќаат сметките со парични трансакции“.

Повеќето големи руски банки се „исфрлени“ од меѓународниот платен систем Свифт, преку кој се одвиваат овие трансакции, врз основа на санкциите на ЕУ. Гаспром банката е намерно изземена од ова. Таа игра важна улога во директивата на Кремљ, која стапи на сила на 1 април, според која сега рускиот гас мора да се плаќа во рубљи. Добавувачите на гас во Германија и Европа, сепак, продолжуваат да плаќаат енергија во евра или долари, а потоа тие пари се префрлаат во рубљи преку Гаспром банката на сметките на концернот Гаспром, кој го контролира најголемиот дел од рускиот гасен сектор.

Некои набљудувачи посочуваат дека Гаспром банка на тој начин ја презема улогата на руската централна банка, која беше санкционирана од Западот, додека други посочуваат дека тоа не менува речиси ништо. Меѓу нив е и главниот економист на Комерцбанк. Порано девизите беа кај Гаспром, а сега кај Гаспром банката, вели Кремер. „Тоа не е некоја голема разлика во системот во кој девизите по нарачка може да се централизираат“.

Санкции во технолошкиот сектор?

Покрај финансискиот пазар, планирано е да се фрли уште еден поглед и на секторот за технолошки добра, најави во неделата (3.04) германскиот министер за економија Роберт Хабек. Политикологот Сираков смета дека сигурно има одредени можности за зајакнување на санкциите, но додава и дека многу економски гранки во Русија се веќе блокирани, бидејќи компаниите повеќе не можат да нарачуваат производи од странство поради финансиски трансакции.

Debatte über Energiesicherheit in Deutschland Robert Habeck
Министерот Роберт ХабекФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Така, медиумите веќе известуваат за фабрики за тенкови кои поради санкции не можат да го набават потребниот материјал и затоа мора да го прекинат производството. Прашање на време е, смета Сираков, „кога другите компании и другите производствени процеси во руската индустрија за оружје ќе бидат погодени од постоечките санкции“.

- повеќе: Странските компании масовно се повлекуваат од Русија поради инвазијата врз Украина

Во понеделникот Германија прогласи 40 руски дипломати за „непожелни лица“ и одлучи да ги протера. Преземањето одредени дејствија против конкретни лица, односно насочено блокирање на влез или замрзнување на банкарски сметки на луѓе од опкружувањето на Путин, сепак имаат подредена улога. Можни се некои дополнителни потези во однос на санкциите, вели Сираков: „Но, кога станува збор за работи што ги надминуваат веќе донесените мерки, работи што навистина би му наштетиле на раководството во Москва, таму, ми се чини, нема многу простор за маневрирање“.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница