1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кое е заедничкото македонско граѓанско „ние”?

11 април 2022

Етничката квота стана во современа Македонија темелниот принцип на идентификацијата, што го отежнува создавањето на јасен наратив на македонското заедништво. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/49knb
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Во последните години во германската научна и културна јавност се одвива многу значајна дискусија за тоа кое е новото германско „ние”. Поинаку кажано, кој е новиот наратив на современото германско општество? Дебатата во голема мера беше поттикната од книгата на младиот германски историчар Јан Плампер, кој во моментот предава на еден престижен универзитет во Лондон. Тој критички го преиспитува досегашниот наратив за тоа кој припаѓа на поимот „Германци” и „германската култура” и смета дека тој одамна требаше да се дополни со новите факти. Насловот на книгата јасно ја зацртува темата: Јан Плампер, Новото „ние”. Зошто кон него припаѓа миграцијата. Една поинаква германска приказна” (Jan Plamper, Das neue "wir”.Warum Migration dazugehört. Eine andere deutsche Geschichte, S.Fischer, 2019). Тој е историчар, а во книгава пишува во стилот на „раскажувачката историја”, која се обидува да покаже дека во германската реалност веќе одамна е создадено едно ново колективно „ние”, а за да се види појасно неговиот лик, потребно е да се раскажат приказните на оние кои досега во Германија се нарекуваа „странци” (Ausländer), „гастарбајтери“ ( Gastarbeiter), „мигранти” (Migranten) или „луѓе со миграциска биографија”. Затоа што досега речиси сите германски влади тврдеа дека Германија не е „преселничка земја” (Einwanderungsland), ниту во јавноста немаше сериозна дискусија за тоа кој термин може да ги именува оние луѓе, кои пред половина век се доселија во Германија од Италија, Шпанија, Грција, Југославија или Турција. Тие не може и понатаму да се нарекуваат„гости-работници”, што буквално значи „Gastarbeiter”. Новата дебата сака да покаже дека тие луѓе, кои некогаш се доселија во Германија, се дел од новото германско „ние”.

Постојана миграција и интеграција

Јан Плампер раскажува врз примерот на преселнички приказни од историјата на Германија дека таа отсекогаш била земја во која, во разни периоди, се интегрирале милиони доселеници. За тоа сведочат биографиите на 12 милиони протерани Германци од источните покраини по Втората светска војна. Во нивната интеграција во Западна Германија тие наидувале на истите проблеми како подоцна „гастарбајтерите” или денешните „бегалци” од Сирија и од африканските земји. Кога се чита редицата од миграциски бранови во Германија, кои германското секојдневие, и покрај почетните нетрпеливости и негативни стереотипи, сепак успешно ги интегрирало, станува јасно дека гераманското општество имало постојана миграција и интеграција на дотогаш „туѓинците” во своето секојдневие. Во дискусијата учествуваат многу научници кои самите потекнуваат од втората или третата генерација на некогашните „гастарбајтери”. Таква е социологината Наика Форутан (Naika Foroutan), со мајка Германка и татко Иранец, кој во осумдесеттите се преселил во Германија. Наика Форутан во својата книга пишува за „пост-националниот” идентитет. Новинарката и публицистка Ферда Атаман (Ferda Ataman), родена 1979 во Штутгарт, од родители кои дошле во Германија од Турција, во својата книгата со провокативен наслов: „Јас сум одовде. Престанете да прашувате” ( Ich bin von hier. Hört auf zu fragen!") напиша една реченица која го отсликува новото германско „ние”: „Германците се викаат Гинтер и Габи, но и Фатма и Фатих.”

-други колумни од авторката: Треба да се бдее врз мирот пред варварството на војната

Во актуелната дискусија се работи за тоа да се дефинира на инклузивен начин тоа ново „ние”, таа нова слика за припадност на германската заедница. Затоа што на сите им е јасно дека едно општество не може да создаде толерантна, демократска култура на работа и живеење, доколку не се понуди нов наратив, „нова германска” приказна, чија суштина ја изговара реченицата на Ферда Атаман. Германските историчари како Јан Плампер укажуваат дека за да се дефинира новото германско „ние”, треба да се напушти етно-биолошката дефиниција на нацијата, која реалноста во модерните општества одамна ја има надминато. Затоа тој предлага термин со кој би се именувале тие луѓе во Германија кои, покрај германскиот имаат и уште еден етнички, културен или само биографско-фамилијарен идентитет. Тие кои досега се нарекуваа „луѓе со миграциска биографија”, а кои често не го знаат мајчиниот јазик на нивните родители, затоа што нивниот мајчин јазик е германскиот. Луѓе кои по својот менталитет, култура и сензибилитет се чувствуваат како Германци, затоа што пораснале во германска средина. Оваа еманципаторска дебата е критична кон сите политички и јазични сурогатни поими, кои беа создадени во процесот на интеграцијата на преселниците во Германија. Дискусијата покажа дека е погрешна сликата за интеграцијата како „казан за топење” (Melting pot). Најприфатлив се чини во моментот концептот на интеграција по принципот што се нарекува „сад за салата” (Salat bowl), во кој различните лисја на салатата не ја губат својата форма и обележје, но, сепак, се суштествен дел од посебниот вкус на салатата.Јан Плампер потсетува дека на тој начин биле успешно интегрирани во повоена Западна Германија 12-те милиони протерани Германци, кои од Западните Германци се доживувале како „туѓи луѓе”, со поинакви обичаи во облеката и јадењето, со „чуден” германски дијалект. Тогашната германска политика се одлучила да им понуди еден „заеднички идентитет”, додека тие својот етничко-културен идентитет, составен од обичаите, дијалектот, ритуалите, приказните, фолклорот, го негувале во своите здруженија. Секако, морало да постои заеднички јазик како lingua franca, а тоа бил германскиот. Јан Плампер предлага нова дефиниција на нацијата која се потпира на државјанството, а не на етно-биолошкото потекло. Терминот кој го предлага за луѓето во Германија кои имаат поинакво биографско потекло е „Германци-плус” или „Плус-Германци” (Deutsche-Plus / Plus-Deutsche). Тоа значи дека тие, освен германскиот идентитет, кој се дефинира со нивната јазичка и културна идентификација со германското општество, имаат уште еден биографски идентитет.

Македонска салата”

Во Македонија неодамна пописот создаде бура на реакции кај политичките партии кои, всушност, се дефинираат како агенции на различни етно-биолошки идентитети, кои партииите ги култивираат во непомирливи, едни со други конкурирачки политички субјекти. Етничката квота стана во современа Македонија темелниот принцип на идентификацијата, што го отежнува создавањето на јасен наратив на македонското заедништво.

Младите не сакаат поделено, туку мултиетничко општество

Притоа, пописот покажа дека резидиентното население, кое го сочинува македонското општество, е колку населението на Хамбург (1.852 милион жители). Во Хамбург живеат 17,1 процент странски државјани. Тие не се неминовно сите граѓани кои имаат миграциска биографија. Келн има малку повеќе од еден милион жители. Во 2020 секој петти Келнјанин или Келнјанка имал само странско државјанство. Според податоците за 2019, 40 проценти од Келнјаните имале миграциска биографија. Кај децата и младинците процентот на оние со миграциска биографија изнесувал во истата година дури 59 проценти. Од целокупното келнско население, 19 проценти имаат странско државјанство, а потекнуваат од 180 нации. Дискусијата за новиот германски наратив за припадноста на Германија сака да покаже дека тоа мноштво на луѓе од различни нации, кои се интегрирале во древниот град на Рајна, чие име – Колониа – го содржи во себе наративот на доселеништвото, е вистинското богатство на Келн.

-други колумни од авторката: Уметниците, диктаторите и војните

Се прашувам, зошто во македонската културна и научна јавност не се дискутира за тоа кое е заедничкото „ние” на македонските граѓани? Кој може да биде модерниот наратив за еден инклузивен идентитет за сите македонски граѓани, кој примарно не би се дефинирал само со етно-биолошкото потекло? Која слика за припадноста на македонското општество како култура, како начин на живеење, како lingua franca е доминатна сега и кои се нејзините недостатоци? За Македонија и за нејзиното шаренолико население во однос на јазикот, потеклото, културата или фолклорот, западните патеписци и историчари уште пред децении го создадоа терминот „македонска салата”. Така, на пример, во Италија или во Франција се нарекува мешаната овошна салата. Тој поим за ригорозните застапници на „чисти раси” и етнички монолитни општества беше кошмарен сон. Можеби затоа дури и самите Македонци го доживуваа како стигма. Меѓутоа, зошто тој да не се разгледува во духот на една нова дебата како модел на македонското заедништво? Како формула на едно ново македонско „ние”, слично на тоа кое се создаде во Германија со интеграцијата на преселниците? Затоа што денешното западноевропско секојдневие е иста таква „овошна салата”, како некогашната македонска. На пример, секојдневието во Келн, во кое живеат луѓе од 180 нации. Тоа за демократите, за оние со европски идентитет, ја сочинува привлечноста на Келн и Келнјаните, чие животно и карневалско мото е „секој е „откачен” (jeck) на свој начин”!

Нели е време и македонското општество да почне да станува свесно дека силата на сите народи кои во историјата живееле во Македонија била токму во тој модус на живеење кој западните Европјани го нарекле „овошна салата - Македонија“, во која секој прво се идентификува со заедничкиот, општествено-културен, а потоа со својот секундарен, етно-биолошки именител? Само јасната припадност на поголемата заедница ги збогатува мултиетничките општества како македонското. За тоа се потрепни интегративни симболи, ритуали и наративи на заедништво, а не на етничка и културна сепарација во национални и јазични гета.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.