1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Кодошење на противниците на војната во Русија

Ирина Чевтаева
14 јуни 2022

Во полиција во Русија сѐ почесто се пријавувани противници на војната. ДВ разговараше со Руси кои биле пријавени од свои роднини, пријатели, колеги и соседи.

https://p.dw.com/p/4Cebv
Sankt Petersburg Festnahme bei Demonstration gegen Ukriane-Krieg
Демонстрации против војната во Санкт Петербург (24.02.2022)Фотографија: Valya Egorshin/NurPhoto/picture alliance

„Во моментов многумина се полудени“

Кирил, 32, ИТ-системски аналитичар од Москва

Кога почна „специјалната операција“, ме обзеде ужас и ширев различни постови против војната во Украина. Еден од моите роднини, кој е љубител на Владимир Путин, реагираше брзо на тоа. Во неговиот дом дури виси портрет на Путин - исто како во училиштата и државните институции. На WhatsApp ме преплави со секакви пропагандни видеа, беше едноставно неподносливо. Прво го игнорирав тоа, потоа му противреков и на крајот ставив сѐ во архива.

Еден ден на врата ми тропна полиција. Рекоа дека има жалба против мене и дека треба да појдам со нив. Во полициската станица ми беа прикажани скриншотови од мојот Инстаграм профил, како и од мојата преписка со овој роднина. Тогаш полицајците прашаа: „Дали е тоа твој роднина? Реков: Да.“ Во текот на разговорот дознав дека не е првпат роднини да се жалат на луѓе кои се противат на војната. Полицајците признаа дека и самите се плашат да не бидат испратени во Украина. На крајот ме пуштија. Но, сега моите објави на социјалните мрежи ги ставам достапни само за пријателите. Оттогаш имам некако чудно чувство.

Дури и не се возбудив толку поради кодошењето, туку повеќе поради тоа што луѓето не се воопшто подготвени да го прифатат твоето мислење, па дури и прават сѐ за да те предомислат. Тоа е најтешкото. Не познавам никого од моите пријатели и колеги кој ѝ дава поддршка на оваа „специјална операција“. Проблеми често има со роднини кои работат во државни институции, гледаат државна телевизија и го познаваат само тој начин на гледање на работите.

Роднината кој ме пријави сега е на мојата црна листа на WhatsApp, но продолжуваме да комуницираме. Јас не сум некој што држи лутина. Тој едноставно има советски начин на размислување и се восхитува на одреден тип на лидери. На луѓето кои доживуваат вакво нешто им советувам да останат луѓе. Многу луѓе во моментов се полудени, но треба да им простите и да не станете и самите такви.

Уште пред војната размислував да ја напуштам Русија. Размислував за Србија. Но, не можам да го оставам моето семејство, кое дефинитивно не сака да си замине. Некаде длабоко во себе сакам да останам и во Русија. Тоа е убава земја, но не под овој режим.

Russland - Ukraine - Konflikt I Sjewjerodonezk
Борби во Северодоњецк, Украина (јуни 2022)Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

„Татко ми ме пријави“

Ана, 21, студентка од Москва

Тетка ми ме викна на 10 април и рече дека полицијата дошла и сака да разговара со мене. Ми го предаде телефонот и полицаецот ми рече дека татко ми ме пријавил - наводно затоа што сум пишувала антивоени постови, сум ја дискредитирала руската армија и сум повикувала на убивање Руси. Сум пишувала разни постови, но такви повици дефинитивно не. Додека полицаецот ми велеше дека татко ми е пијан, тетка ми во позадина викаше дека е алкохоличар.

Кога дојдов во полиција, иследниците веќе беа прилично изнервирани од татко ми. Доказ требаше да биде дека некој од Тајланд наводно му се јавил на татко ми и му кажал за моите објави. Додека бев во станицата, тој ми праќаше пораки дека му било подметнато. Шефот на одделот конечно ме пушти. Следниот ден татко ми ме повика да праша како сум. Реков не баш добро затоа што ме пријави. Тој одговори: „Па, не те затворија.“

Пораснав со баба ми и тетка ми. Често го посетував татко ми додека сè уште бевме во контакт. Во 2014 година заедно ги гледавме Олимписките игри во Сочи и разговаравме, меѓу другото, и за Украина и протестното движење Мајдан. Уште тогаш имав опозициски ставови и се расправав со татко ми. Тој само се смееше на моите политички ставови, но тоа не беше агресивно.

Тој живееше со нас извесно време и тогаш навистина ме нервираше. Потоа, кога имав 13 години, побегнав од дома затоа што ми се закануваше дека ќе ми ги извади очите, а полицијата едноставно не доаѓаше. Сите возрасни никогаш не ми веруваа дека премногу пиеше.

Сега во земјата имаме ваква ситуација: има војна, се случуваат страшни работи и луѓето не сакаат да го видат тоа, бидејќи им е тешко да го прифатат. И онака сум во тешка депресија, а сега мојата лична ситуација е дополнително отежната од она што се случува во целата земја. Се чувствувам уште полошо. Сакам да си заминам некогаш, но во моментов немам средства да го сторам тоа. Луѓето во Русија треба да бидат повнимателни, дури и кога имаат работа со свои роднини, бидејќи и тие можат да ве пријават во полиција.

Russland - Anti-Kriegs-Demo
„Не за војна“ - осамен протест во Москва, 24.02.2022Фотографија: Sergei Karpukhin/TASS/picture alliance/dpa

„Не сакам моето дете да оди и натаму во училиште во Русија“

Ксенија, 30, поранешна наставничка од Ростов на Дон

На 28 февруари ставив две знамиња на мојот балкон на 16. кат и ги обоив: едно руско и едно украинско. На 2 март почнав да лепам летоци во влезот на зградата и во лифтот, на кои стоеше: „Не за војна“. Веќе на 4 март дојде полиција. Беше речено дека соседите ги пријавиле знамињата и рекле дека сум терористка. Полицајците ги погледнаа знамињата и тоа беше тоа. Потоа продолжив да ги делам летоците, но некој постојано ги кинеше.

Додека бев на настава, на 20 март, кај директорката дојде полиција. Морав да одам во полициската станица. Хаусмајсторот во нашата станбена зграда ѝ испратил на полицијата снимка од надзорните камери во лифтот. Ми беше дадена опомена и ми беше дозволено да се вратам на училиште. Таму, пак, ми дадоа хартија и пенкало и ми рекоа самата да си напишам оставка. Директорката рече дека ако сум толку настроена против државата, тогаш не треба да работам за неа, а училиштето, сепак, е државна институција. Оттогаш живеам од социјална помош и внимавам со кого разговарам за овие теми.

Не сакам да останам во Русија и ова лето ќе преземам нешто во таа насока, за да спречам моето дете да оди на училиште во Русија. Секако дека ѝ објаснувам на ќерка ми што навистина се случува во земјата и во светот. Порано одев на протести во нашиот град за да има подобра иднина. Моментално сум целосно збунета, немам заштеда и не знам што да правам.

Имињата на лицата се променети од безбедносни причини