Кого ќе однесе силниот дожд | Северна Македонија | DW | 17.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кого ќе однесе силниот дожд

Има некаков нескротлив нагон кај политичарите за нивните лоши проценки или постапки, или недобро обмислени политики, да наоѓаат вина кај новинарите кои пишуваат за тоа. Пишува Љупчо Поповски

Кој знае, можеби премиерот Зоран Заев ги имал на ум почетните стихови на легендарната песна на Боб Дилан „A Hard Rain's A Gonna Fall“ кога пред некој ден зборуваше како затегната пушка дека нема да дозволи еден педер и еден суетен новинар да ја урнат владата. И тоа после сѐ што помина тој како нејзин прв човек. Боб Дилан пееше вака:
„Oh, where have you been, my blue-eyed son?
(Ох, каде беше мој синоок сине?)
Oh, where have you been, my darling young one?
(Ох, каде беше мое мило дете?)
I've stumbled on the side of twelve misty mountains
(Се сопнав на падините на дванаесет магливи планини)
I've walked and I've crawled on six crooked highways
(Одев и ползев на шест кривулести патишта)
I've stepped in the middle of seven sad forests
(Зачекорив среде седум тажни шуми)
I've been out in front of a dozen dead oceans
(Излегов пред дузина мртви океани)
I've been ten thousand miles in the mouth of a graveyard
(Бев десет илјади милји во устата на гробиштата)
And it's a hard, and it's a hard, it's a hard, and it's a hard
(И тоа е тешко, и тоа е тешко, и тоа е тешко, и тоа е тешко) 
And it's a hard rain's a-gonna fall
(И силен дожд ќе заврне) 

А Заев, во едно препознавање со стиховите кои можеби не ги слушнал, не е чудно да размислувал вака – по сѐ што направив, што урнав режим кој изгледаше како несоборлив, што разголив едно авторитарно владеење, што се соочив со безбројни тажни шуми и кривулести патишта за да го склучам Преспанскиот договор и со тоа да затворам една болна етапа од поновата македонска историја; што го сменив името за да седнеме на масата на НАТО и да ги очекуваме преговорите со ЕУ, што победив во два изборни циклуси, што Македонија ја претворив во балканска ѕвезда на европското небо, што ги собрав сите пофалби дека на овие простори може да просперира и нешто друго што не е национализам, кога го ослободив слободниот збор во општеството...:  е, после сѐ што завршив и сѐ што започнав, сега некои кои не го ценат тоа (или работат за нечии мрачни интереси) сакаат да го урнат. А силниот дожд само што не заврнал.

Процепот на политичарите
Заев се најде во процепот во кој запаѓа секој политичар кој мисли дека неговите дострели се поголеми од грешките (во неговиот случај, реално, работите се такви) и станува многу комплицирано да ја забележи вистинската перцепција на граѓаните. 
Тоа е отприлика ова објаснување – гледам, а не виѓавам. 

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски


Кога пред еден месец владините служби горделиво соопштија дека транспарентноста многу им значи и објавија кој министер каде и кога ќе одел на одмор, изгледаше дека завршиле убава пропагандна работа. Но кога набрзо „рекетарската“ афера го преплави секој дом и беше на усните на секој граѓанин, таа транспарентност околу одморите стана бесмислена, како што стана бесмислено министрите да се сончаат на некоја плажа кога во државата се распламтуваше политички шумски пожар од невидени размери. Барем досега остана нејасно зошто владините ешалони останаа во лежалките покрај некои води наместо со брза интервенција да ги омеѓат јаглесаните простори. За одморската леснотија на обвинителите не треба ни да се трошат зборови. Се разбира, секој има право на одмор по напорната година, но изгледа несфатливо како цели новинарски структури можеа да останат на работа за да ја задоволат неверојатната глад на јавноста за случајот кој ги потресе темелите не само на владата, туку ја доведе до точка на кинење чесноста, етичноста и професионалноста на државните и општествените институции, а министерските ешалони тоа да го следат од дистанца загледани во вестите на нивните телефони додека пијат кафе или пиво меѓу две разладувања во некоја вода.
Од тој аспект Зоран Заев го пропушти моментот на справување со ситуацијата во нејзиниот зачеток, па неговата наизглед афективна реакција за педерот и суетниот новинар (иако по многу нешта, таа изгледа смислена претходно, само се чекаше моментот кога треба да се каже) повеќе личеше на брза интервенција. Секоја брз интервенција со себе го носи и моментот на непромисленост, иако не значи дека тој мора да се појави. Во овој случај непромисленото етикетирање го покри поважниот дел на добрата елаборација за пресметката со корупцијата.
Овој случај со кусата бесмислена и навредувачка тирада на Заев и реакциите на суетниот новинар – Бранко Героски со право верува дека се однесува на него по текстовите што ги напиша за наводната корупција во високите ешалони на власта – на свој начин покажува колку времињата се промениле во последниве десетина години, а од друга страна, и колку останале исти. Затоа, вреди да се потсети на некои настани од 2010 година, од зенитот на владеењето на Никола Груевски. На 15 јуни 2010 на големиот митинг во центарот на Скопје (на улицата пред тогашниот „Мекдоналдс“) Груевски со 80-минутен говор пред неколку десетици илјади души зборуваше за јубилејот - 20 години од формирањето на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај, не се важни пораките за името, референдумот и сите други познати бла-бла работи околу економијата. Груевски на некој начин тогаш го патентира терминот „лажни вести“ (пет години пред таа синтагма да му стане препознатлива порака на Доналд Трамп во кампањата за претседателките избори со која оттогаш секојдневно ги дисквалификува најдобрите светски весници, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“). Груевски во тој говор ја најави пресметката со двата медиуми кои мислеше дека му прават огромна штета. Тој од говорницата жестоко ги нападна А1 телевизија и „Утрински весник“. Не говореше за суетни новинари, туку нив ги оквалификува како медиуми кои биле отворени поддржувачи на СДСМ и работеле да ја урнат неговата влада. Тој тогаш побара од граѓаните да не им веруваат на „Утрински весник“ и А1. Неговиот страв беше поради нивната професионалност и квалитетното новинарство.
„Утрински весник“ на ваквиот повик за негова блокада и по можност затворање одговори на поинаков начин отколку она што сега Героски го кажува дека „оваа лудачка изјава поттикнува на агресија“. Се разбира, Героски има целосно право да се чувствува загрозен и навреден. Но бидејќи времињата во 2010 година не беа исти со оние што се денес во ова хиперсензитивно и фрустрирачко општество, „Утрински весник“ преку текстот на Ерол Ризаов „Премиере, го примивме поздравот“, одговори вака: 

Одговорот на „Утрински“
„Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го удостои ’Утрински весник‘ на 20-годишниот јубилеј на митингот организиран во таа чест. Во редакцијата многу сме среќни поради тоа. 
Почитуван премиер, го примивме поздравот и навистина сме пријатно изненадени што ни давате толкаво големо значење. Да се чуе името на ’Утрински весник‘ на толку значаен датум, голем партиски јубилеј и да се чуе она ’Уа‘ од грлата на илјадници ваши симпатизери ни го потврди она што го знаеме - дека ’Утрински‘ ви е трн во окото откако дојдовте на власт. 

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски


Пред тоа, кога бевте во опозиција имавме одлична соработка. Како први комшии, редакцијата и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш често се гледавме и разменувавме мислења... Почитуван премиере Груевски, без грам иронија Ве уверувам дека Вашиот напад врз ’Утрински‘ на митинг ни даде силен импулс и гаранција дека сме на вистинскиот пат. Дадовте голем придонес, ја стимулиравте нашата редакција во својата професионална ориентација да остане совест на македонското општество. Таман помисливме дека ни мува не Ве лази од нашите конструктивни критики за злоупотреба на власта, Вие ни кажавте јавно колку ви значат нашите размислувања, ставови и информации. Морам јавно да Ви честитам дека влеговте во историјата на балканските народи како единствен партиски лидер и премиер, кој на јавен собир на јубилеен партиски митинг нападна еден национален весник... Јас знам дека, ние, денешните ваши големи критичари ќе ја работиме истата работа кога ќе дојде друга власт, како што и досега истото го работевме“.
Навистина времињата беа поинакви. Тогаш ги немаше громогласните реакции на новинарските здруженија и невладините организации, немаше специјални телевизиски прилози, сѐ беше некако молчаливо. Тоа се сметаше како некаков природен и регуларен напад на еден врвен политичар врз медиуми. Но работите по митингот се развиваа според некаков план. Наредните месеци беше сменет главниот уредник на „Утрински весник“, а пред крајот на годината полицијата изврши брутален упад во А1 со што беше означен почетокот на нејзиниот крај. Сегашниве реакции на новинарите за нападот врз професијата се само доказ дека општеството созреало и на некој начин се ослободило. Секако, Героски има право да избира како ќе си ја одбрани својата работа, а фелата да не го остави да се почувствува осамен. Само, големо прашање е дали еден новинар треба да ги поминува границите како што тоа сакаат да го прават политичарите.
Дека, времињата од друга страна, не се промениле се потруди брзо да даде потврда и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, зборувајќи за новинарите од 1ТВ. Во едно долго и конфузно писание на Фејсбук тој го пишува и ова: „Колку од рекетот заврши во телевизијата каде везден беседеа властодршците убедувајќи нѐ дека блескаме и нели е тоа нематеријална корист за раководството на една политичка партија, дали некој се сети да ги праша бардовите наши новинарски кои беседеа со властодршците во стилот..., да да во право сте, одлично, секоја чест, браво навистина прекрасно, овие од опозицијата, анти-нато, анти-ЕУ, ма катастрофа, Мицко бил ваков бил таков, обична марионета, како и колку се вистинити бројките во книгите на телевизијата за нивните месечни примања или има нешто можеби од медот...“ Здружението на новинарите реагираше и на ваквите приземни квалификации.
Има некаков нескротлив нагон кај политичарите за нивните лоши проценки или постапки, или недобро обмислени политики, да наоѓаат вина кај новинарите кои пишуваат за тоа. Тоа не се случува само овде. Главното прашање е во мерката – и за оние што пишуваат и за реакциите на оние за кои се пишува. А тоа често изгледа како невозможна мисија да се постигне.  

DW.COM

Реклама