Кога ќе се допрат границите | Информации и анализи за Балкан | DW | 01.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Кога ќе се допрат границите

Во Вашингтон сега нема јасен и кохерентен план за Србија и Косово, во ЕУ како да има неколку различни стратегии, а никој вистински не знае што значи „корекција на границите“. И дали потоа ќе следи етничко чистење

Има три правци од кои доаѓаат информациите и шпекулациите за она што се случува околу преговорите меѓу Белград и Приштина и дали на маса навистина е ставен планот за корекции на границата. Едниот правец е она што се случува во Србија и во Косово, вториот е во промената на интонацијата во Вашингтон, а третиот е јавниот молк во Европската Унија околу можното менување на границите на Балканот, со исклучок на Германија. Четвртиот правец е одраз на оваа своевидна какофонија и ги одразува прикриените стравови на соседите – БиХ, Црна Гора и Македонија, па и ужасот што повремено се јавува: дека почетокот на распадот на СФРЈ почна со Косово и дека кругот може целосно да се заврти и најкрвавата драма може да заврши во оган, плач и крв во поранешната српска покраина. А и во нејзините соседи.

Доколку ги слушате сите изјави од Белград во основа ништо нема да ви биде јасно. Пред наводно решавачката рунда разговори на двајцата претседатели, Александар Вучиќ и Хачим Тачи, во Брисел закажани за десетина дена изгледа дека оптимизмот за можно решение што се тркалаше последниве два месеци како да го загуби интензитетот, иако споменувањето на корекциите на границите стана многу почесто. Илузијата дека брзо решение е навистина можно почна да ја шири српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, по неговата посета на Вашингтон во јули и средбите со советникот за национална безбедност Џон Болтон, помошникот-државен секретар Вес Мичел и советникот и зет на претседателот Трамп, Џаред Кушнер.

По средбите Дачиќ во Вашингтон задоволно изјави дека „сегашнава американска администриција е подготвена да ги земе врз еднаква основа нашите предлози за главните проблеми во регионот – одржливото решение за проблемот на Косово е секако едно од нив. Ова е голема промена во споредба со само пред две години, кога во сите разговори со претставниците на САД беше нагласувано дека прашањето на Косово е веќе решено“. И уште додаде: „Денес компромисното решение е широко поддржано“.

Пред некој ден зборувајќи на РТС, Дачиќ нагласи дека „успеавме да ја промениме речиси зацементираната позиција на некои западни земји кога станува збор за Косово“, оценувајќи дека „е направен историски пресврт и историски успех затоа што Косово стана тема за која повторно се зборува. Нам ни се пружа историска можност да добиеме нешто за својот народ и своите граѓани во Косово. Ние можеме и да ја одбиеме таа можност, но немојте овде сега да се правиме невешти – никој не ни нуди Косово да остане цело во границите на Србија. Големата борба допрва ќе се води“.

Ако „историски успех“ бил тоа што почнало да се разговара за Косово и дека дека е јасно дека тоа не може цело да влезе во границите на Србија, тогаш воените акции на српската власт во покраината во 1998 година и интервенцијата на НАТО во 1999 година биле голем историски неуспех. А во тие години и Вучиќ и Дачиќ беа дел од власта на Слободан Милошевиќ. Фактички, „историскиот успех“ на претседателот и министерот е во признанието на реалноста и поразот во Косово.

Александар Вучиќ е секогаш повнимателен во изјавите од неговиот шеф на дипломатијата. Тој сега вели дека би сакал прашањето на Косово да се реши „еднаш засекогаш“ и дека тоа во овој момент е далеку. „Ако може да се договориме добро, ако не – пак добро“. Тоа меко спуштање на неговата експлозивна изјава во јули за хрватскиот магазин „Глобус“ кога рече: „Сите Срби знаат дека го загубивме Косово и јас ќе сторам се во моја моќ да го вратам назад она што може да биде вратено, па работите не можат бидат ниту комплетен пораз ниту комплетна загуба“.

Границите вратени на тобоганот

Поради големата поддршка во јавноста Вучиќ може да го протурка она што го сака во јавноста. Јавното мислење во Србија е подготвено за какво било решение. Прашање е дали Вучиќ е навистина подготвен тоа да го направи. Советникот за надворешна политика на поранешните премиери Зоран Ѓинѓиќ и Зоран Живковиќ, Иван Вејвода, во една своја изјава вели дека „сите овие идеи, како и да ги наречете – размена на територии, корекција на границите или како и да е, секогаш беа во заднината. Имаше повремени разговори зад сцената за тоа уште од почетокот на 2000-те години. Официјално тие никогаш не беа опција, но за нив се разговараше. Сега поворно се вратени на тобоганот“.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на колумната

Во Косово главниот заговорник за корекција на границите е претседателот Хашим Тачи. Тој ја турка оваа идеја наспроти владата, премиерот Рамуш Харадинај и две од трите партии во владејачкото мнозинство. Пред некој ден остро ги нападна сите што се против таа идеја и ги обвини дека се „злонамерни кон поддршката на Косово од неговите зојузници“. Со невообичаен речник тој го оцени ова противење како „бескрупулозна пропаганда против сојузниците“, а отпорот против корекција на границите го нарече „опасен и срамен“.

Во четвртокот се одржаа две седници на државниот врв на Косово, една претпладне и една попладне, за да се разговара каква стратегија да се заземе пред разговорите меѓу Тачи и Вучиќ. На 4 септември косовското собрание треба да одржи седница на која треба да се усвои резолуција со која ќе му се забрани на Тачи да преговара за размена на територии. Харадинај по утринската средба им изјави на новинарите дека било договорено во Брисел да не се разговара за размена на територии. Во четвртокот во Приштина беше и американскиот амбасадор во Белград Кајл Скот, кој заедно со амбасадорот во Косово, Грег Делави, го испитуваше пулсот на раководството што, всушност, сака, а веројатно и заедно да ги пренесат новите размислувања од Вашингтон.

Некаков лонец за решение е ставен на огнот, но уште нема детали што се подгрева во него. Него почна да го подгрева советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, кој неодамна за време на посетата на Украина најави дека САД веројатно ќе ја напуштат стартегијата за која се држат со години дека не се можни промени на границите.

„Политиката на САД е дека двете страни можат да работат меѓу себе и да склучат договор, кој нема да ги исклучи корекциите на границите. Ние нема да стоиме на патот и верувам дека никој во Европа нема да стои на патот ако двете страни го решат спорот на начин кој ќе ги задоволува“.

 Што сака Вашингтон

Тоа е дел од новата стратегија на Трамп, која има едноставна премиса – важно е да се склучи договор, а помалку е важна содржината во него. Но на другата страна од политиката во Вашингтон е Стејт департментот, кој е многу повнимателен и наведува дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија мора да дојде од двете самите држави. Помошникот-државен секретар, Вес Мичел, во четвртокот телефонски разговараше поединечно и со Вучиќ и со Тачи, веројатно да ја подготви дипломатската рамка пред преговорите во Брисел.

Но очигледно е дека нема кохерентна политика или план во Вашингтон. Западни дипломати на Балканот изјавуваат оти „не е веројатно“ дека администрацијата на Трамп поддржува идеи за размена на територии, но дека неостасува јасност во американската политика.

Како вест од извонредно значење во Белград се пренесуваше телефонскиот разговор меѓу Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел, во кој тие покрај жешката тема Сирија и други големи проблеми разговарале и за Косово. „Разговаравме за ситуацијата во односите меѓу Србија и Косово. Ги поддржавме разговорите кои водат кон целта, но истовремено истакнавме дека територијалниот интегритет е голема вредност“, изјави Меркел по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Во белградските провладини медиуми тоа беше протолкувано дека и Меркел се откажува од нејзиниот цврст став дека не се можни промени на границите на Балканот, која го соопшти една недела претходно, по состанокот со босанскиот премиер Денис Звиздиќ.  Но овој, наводно ублажен став на Берлин, беше појаснет во изјавата на германската влада за подгоричка „Побједа“, во која се вели дека нема промена на позициите: „Канцеларката Меркел повторува дека територијалниот интегритет на државите на Западен Балкан е воспоставен и неповредлив. Сојузната влада силно ги поддржува напорите на ЕУ да посредува за одржливо решение помеѓу Србија и Косово“.

Улогата на ЕУ

Дали има еден или неколку европски правци за решавање на ова тешко прашање? И дали некои структури во ЕУ работат на други стратегии за договор меѓу двете земји. Минатиот викенд во тиролскиот град Алпбах австрискиот канцелар Себастијан Курц, во својство на претседавач на ЕУ ги угости Вучиќ и Тачи во рамките на форумот што се одржува таму, а меѓу присутните беше и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Курц сака да биде некаков посредувач меѓу двете страни, наспроти улогата што ја врши шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, иако неговата улога е поткопана поради вклучувањето на крајната десница во владата.

На овој собир Хан, зборувајќи заедно со Вучиќ и Тачи, ја подотвори вратата за корекција на границите. „Какво и да е конечното решение, а ние не смее да исклучиме ништо... тоа треба да ја респектира целта за стабилност во регионот. Ние треба да им оставиме ним, на Србија и Косово, да најдат решение кое ќе биде поддржано од сите нас. Тоа треба да биде унилатерално решение кое нема да служи како образец за други прашања“.

Тачи го дополни Хан велејќи дека „сакаме да ги увериме нашите соседи, членките на ЕУ и другите земји во светот да не се плашат од мировен договор помеѓу Косово и Србија, дури и ако тој содржи корекции на границите“. А Вучиќ уште додаде: „Некој еден ден ќе го одмрзне спорот и тогаш ќе имаме војна. А никој не сака војна“.

Но во некои од важните европски пресолнини не мислат така, иако не зборуваат гласно. Британското министерство за надворешни работи во соопштение за магазинот „Базфид“ нагласува дека односите меѓу Србија и Косово се битни за безбедноста и просперитетот на регионот, но „ние веруваме дека повиците за ново цртање на границите ќе биде дестабилизирачко“. Еден висок француски дипломат, исто за „Базфид“ е уште подиректен: „Границите се експлозивни. Вие не можете да знаете што ќе се случи кога ќе ги допрете границите“.

Навистина, никој не знае што ќе се случи кога ќе се допрат границите. И уште никој не знае што значи „корекција на границите“. Дали тоа значи приклучување на Прешевската долина кон Косово, а сецесија и спојување на северниот дел на Косово кон Србија. Дали таа корекција значи приклучување само на Прешево кон Косово, а не и на Бујановац и Медвеѓа? Дали само мал дел од северот на Косово би одел кон Србија?

Се е нејасно околу корекциите, но јасни се неколку други работи. Доколку навистина се спроведат корекциите на границите ќе биде неизбежно да дојде до договорено етничко чистење, па дури и насилен трансфер на луѓе. Сигурно дека српското малцинство во Прешевската Долина и Албанците на северот од Косово нема мирно да ги напуштат своите домови во оваа „размена“. Не е јасно ни како ќе се однесува Република Српска по ваквиот договор, дали Милорад Додик ќе го отвори прашањето за сецесија и приклучување кон Србија. Не е јасно ни како ќе влијае тоа врз односите во Македонија и дали ќе се родат некои други апетити. Безброј прашања, а ниту еден одговор. Само едно може да биде јасно – дека Русија ќе добие официјална потврда во меѓудржавен договор дека границите во Европа може да се менуваат, па зошто сецесијата на Крим би била грев. Тогаш ставот на Хан дека ова е „унилатерално решение кое нема да служи како образец за други прашања“ ќе стане бесмислен и многу тежок за одбрана ако дојде до поплава на сецесионистички барања.

 

DW.COM

Реклама