Кога твитот е побрз од паметот | Свет | DW | 25.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кога твитот е побрз од паметот

Твитер или Фејсбук даваат корисен увид во најновите вести, а можат и да ѝ помогнат на полицијата. Тоа се виде и при нападот во Минхен. Но тие можат да бидат и извори на забуни, хистерија и целни дезинформации.

Смартфоните во петокот вечерта (22.07.2016) започнаа да вибрираат со забрзано темпо. Нови твитови, пораки преку апликациите Ватсеп или Перископ, а сѐ за една тема - нападот во Минхен. Во нашето дигитално време погледот на социјалните мрежи се подразбира, особено кога станува збор за жешките вести. Ретко може да се случи што било, а во близина да не е некој очевидец со камерата од мобилниот телефон на готовс и со интернет врска, подготвен веднаш да ја сподели информацијата со светот. Но токму нападите како оние во Минхен или Ница се момент кога социјалните мрежи го покажуваат своето лице и наличје.

Традиционалните медиуми- дури и ако меѓу нив великодушно ги вброиме и интернет порталите- немаат никаква шанса да бидат побрзи или да допрат до повеќе луѓе од социјалните мрежи. И тоа дури може и да спаси животи. За време на пукотниците во Минхен, многумина прегу социјалните мрежи пренесоа каде се пука и што треба да се избегнува. Еден корисник на Твитер во целата таа збрка непотребно сликаше позиција на една полициска блокада - иако полицијата јасно предупреди да не се прави тоа. Така и напаѓачите би можеле да видат како дејствуваат силите за безбедност.

Една новинарка на баварската радио-телевизија во тој момент била во такси и видела како сите таксисти преку екраните во автомобилите добиваат предупредување да ја избегнуваат населбата Штахус, бидејќи наводно и таму имало пукотници. Твитерџиката тоа грижливо го сподели со сите под жешкиот хаштаг #Muenchen, иако набргу беше востановено дека во тој дел на градот нема опасност, и оти постои само еден напаѓач кај Олимпискиот трговски центар.

Минхенската полиција уште од откажаната јавна прослава на Нова Година- поради терористичка закана- ужива репутација дека одлично и смирено ги користи социјалните мрежи. Тоа се потврди и во петокот, со прецизни информации до граѓаните за тоа кои области треба да ги избегнуваат, кои возови се откажани и слично. Сето тоа полицијата го направи на неколку јазици. Граѓаните беа повикани да не објавуваат снимки и фотографии од случувањата, туку преку посебна платформа да ѝ ги проследат на полицијата.

Како многу корисен се покажа и хаштагот #offenetür (отворена врата). Тој израз отвора можност секоја институција или обични граѓани да ги известат исплашените граѓани, кои ќе се затекнат на улица, дека ќе ги држат отворени вратите и ќе им понудат прибежиште. Хаштагот првпат се појави за време на нападите во Париз во ноември минатата година на француски јазик #PortesOuvertes. Исто така постои и можност на обична мапа на Гугл секој да го додаде местото каде се отворени вратите.

Тука се и прашањата за тоа дали е потребно да се донира кр за повредените, каде може да се стори тоа, како и останати понуди за помош.

Темна страна

Демократизацијата на комуникациите- кога секој може да напише што сака за што било- се разбира има и своја темна страна. Се појавуваат корисници желни за внимание кои доставуваат лажни информации, кои мислат дека тоа е забавно, кои целно дезинформираат или луѓе кои со најдобра намера сепак шират невистини. Во моментите кога многу нешта се нејасни, кога и нема претерано што да се извести, се случува и традиционалните медиуми да преземат различни глупости од непроверени извори од социјалните мрежи. Во петокот така на Твитер се појавија цела редица слики од наводните сторители, како и од местата на нападот, а сето измислено.

Поради пренесување на една од лажните фотографии германската телевизиска станица Сат1 се извини: „Не смеевме да ја твитнеме таа лажна фотографија (на која наводно бил нападот на Олимпискиот трговски центар). Се извинуваме поради тоа.“

Ширењето гласини, поради кои во еден момент може да се помисли дека половина „калифат“ со калашникови тргнал во Минхен, многу ѝ ја отежнува работата на полицијата. Исто така се шири паника. Една корисничка на Твитер за тоа во петокот напиша: „Пријатели, луѓето во Минхен исто така имаат интернет и се плашат кога едноставно ширите гласини. Престанете со тоа!“

Дури и кога е извесно дека сликите и информациите се автентични, треба двапати да се размисли. Снимките и фотографиите од злосторство, крв и безживотни тела секогаш се вода на воденицата на териристите (дури и ако се покаже дека нападот, како што беше случајот во Минхен, нема никаква врска со тероризам). Тие имено сакаат што поширока публика да го види нивниот крвав пир или злосторството кои многу брзо ќе си го припишат себеси. По нападите во Ница апострофираше и Кристијан Кристенсен, професор по новинарство и експерт за социјалните мрежи на универзитетот во Стокхолм: „Да, имате право да пренесувате насилни слики на мртви во Ница. Но тогаш знајте дека така го правите она што го сакаат терористите“.

Освен тоа, фотографиите од мртви на социјалните мрежи ја погазуват честа на жртвите и нанесуваат бол на семејствата. На тоа јасно предупредија како полицијата во Ница пред десетина дена, така и полицијата во Минхен во петокот. Кристенсен за тоа напиша: „Ако камион би ви прегазил некој сакан, дали би сакале сликата од неговото тело веднаш да се прошири на социјалните мрежи?“

Нападите како оној во Минхен зад себе оставаат бројни жртви и во еден момент во животна опасност доведуваат стотици или илјадници луѓе. За милионите или милијарди останати тоа секако не е прашање на живот или смрт - затоа можеби се исплаќа да се земе длабок здив и да се вклучи мозокот пред да се „удри“ по тастатурата.

Реклама