Кога студот е смртоносен? | Свет | DW | 08.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кога студот е смртоносен?

Премрзнат до смрт – најголеми жртви во зима се бездомниците, кои не нашле место во сместувалиштата. Но, не само тие. Студот е безмилосен, а ние луѓето не сме создадени за минусни температури.

Нашето тело се чувствува најдобро на температура од 36,5 до 37 степени. Тоа е идеалната температура и тогаш функционираме најдобро. Нашиот метаболизам и работата на нашите органи зависат од таа телесна температура и затоа организмот прави сѐ за да ја одржи.

Внатрешноста на телото е составена од важни органи како срцето, белите дробови и мозокот. Телесната обвивка, или т.н.телесна лушпа, е составена од раце, нозе и површинските слоеви кожа.

Вграден термостат

Телото преку рецептори мери дали телесната температура ни е исправна. Ако премногу падне, организмот се обидува да го активира метаболизмот за да го одржи балансот. Метаболизмот помага телото да биде снабдено со потребните хранливи состојки, храната да биде раситнета и разложена за да може клетките да ги апсорбираат состојките. Метаболизмот помага и за загревање на телото. Ако е студено, на телото му е потребно многу повеќе енергија, а крвните садови се стеснуваат за да не се губи топлина.

Една мала разлика

Кога на клетките им недостига крв, телото почнува да нѐ боли - прво прстите на рацете и на стапалата, па носот и ушите. Ако температурата и натаму паѓа, на ред се органите од витално значење како срцето, белите дробови и мозокот, кои функционираат само со ограничени капацитети. Ако телесната температура отстапи само 2 степена од нормата, веќе настапува преладување. За да се заштити телото работи со полна пареа, мускулите се активираат, а ние се тресеме од студ.

Повеќе: Како се живее на минус 30 степени

Ситуацијата станува сериозна

Кога телесната температура ќе падне на 32 степена, телото престанува да се тресе, но тоа не е добар знак. Организмот веќе нема енергија, дури ни за тресење. Нашиот мозок и нервните завршетоци веќе не го пренесуваат сигналот, имаме чувство на тапост во нозете и рацете. Во оваа фаза болката попушта, но ние веќе не можеме ни да се помрднеме. Не можеме да зборуваме. Немаме јасни мисли, збунети сме и без ориентација. Сега телото се вклучува на резерва и се активира програмата за спасување. Но, и тоа по некое време престанува.

Внимателно со алкохолот

Кој смета дека може да му помогне на телото со малку алкохол, се лаже.Алкохолот прво остава впечаток дека одвнатре ни дава пријатна топлина, а тоа е затоа што ги проширува крвните садови. Телото, загреаната крв ја пумпа низ организмот, но таа пак уште побрзо се лади. На кожата чуствуваме топлина, но самото тело смрзнува. Циркулацијата низ нашите органи е лоша, а температурата и натаму паѓа. Минусните температури нѐ парализираат, а секој степен помалку прави да биде уште поопасно.

Нема знаци на живот

Со намалување на телесната температура под 29,5 степени големиот мозок прекинува со работа. Губиме свест и лебдиме помеѓу живот и смрт. Срцето помалку отчукува, наместо 60 пати во минута, само еднаш до двапати. Крвта не може доволно брзо да циркулира низ организмот, смртта е извесна. Лесна смрт? Науката уште не нашла недвосмислен одговор на ова прашање.

DW.COM

Реклама