Кога струјата и греењето ќе станат луксуз | Економија | DW | 26.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кога струјата и греењето ќе станат луксуз

Без струја во зима - тоа е горчлива реалност за илјадници домаќинства во Германија. Каритас истражуваше и студијата покажува кому најчесто му се исклучува струјата и како тоа во иднина би можело да се избегне.

Одеднаш е темно, фрижидерот не функционира, во бањата има само ладна вода - во Германија во текот на изминатата година струјата им била исклучена на 328.000 домаќинства, покажува извештајот на Сојузната регулаторна агенција. Околу 6,6 милиони домаќинства биле соочени со опасноста од исклучување.

Исклучувањето на струјата често е единственото средство на компаниите за електрична енергија кога муштериите не ги плаќаат сметките. По ваква мерка се посега кога долгот е поголем од 100 евра, кога клиентот повеќепати бил опоменуван и кога му било укажано дека ќе му биде исклучена струјата. За погодените од ваквата казнена мерка станува исклучително скапо откако таа ќе биде спроведена. Тие не само што мораат да ги подмират заостанатите долгови, туку треба да платат и за повторно вклучување во мрежата, што, зависно од дистрибутерот на електрична енергија, изнесува до 200 евра. Тоа се трошоци кои за примателите на социјална помош и луѓето со ниски примања се речиси невозможно високи.

Институционална џунгла

Бројот на домаќинства на кои им е исклучена струјата со години е отприлика ист, но досега беше нејасно кој од таквата казнена мерка е најмногу погоден. Германската хуманитарна организација Каритас во соработка со Центарот за европски економски истражувања (ЦЕВ) сега фрли подетален поглед врз состојбата и составот на домаќинставата со исклучена струја, а резултатите од студијата се алармантни. Од исклучување на струјата во Германија се загрозени пред сѐ семејствата, а навистина им се исклучува струјата пред сѐ на самците. Најчесто погодените клиенти располагаат со малку пари, живеат од социјална помош или се веќе задолжени. Натпропорционално е погодена пред сѐ една група: „Се чини за луѓето со ниско образование како да е особено тешко да се снајдат во џунглата од опомени пред исклучување, можеби постоечки долгови и неопходна комуникација со надлежните институции“, наведено е во студијата на Каритас.

Strompreise steigen (picture-alliance/dpa/B. Weißbrod)

Цената на струјата постојано се зголемува

За дел од погодените последиците се драматични. На интернет-форумот „Gutefrage.net“ (ДоброПрашање.нет) една жена пишува, на пример, дека на нејзината пријателка струјата ѝ е исклучена и покрај тоа што мора да се грижи за шестмесечно бебе: „Таа веќе не може да се грижи за бебето, би ме радувало ако имате брз одговор.“ Под нејзиниот текст еден од корисниците наведува дека во најлош случај бебето дури привремено може да биде дадено и на семејство за згрижување.

Како да се излегува на крај со малку пари?

Авторите на студијата од резултатите извлекуваат препораки за решавање на проблемот со исклучување на струјата. „Мора да се земаат повеќе предвид условите за живеење“, вели Петер Хајндл од ЦЕВ. Луѓето кои се задолжени мора да добијат помош најбргу што е можно. Треба да се зголеми бројот на советувалишта за задолжени лица. Освен тоа, луѓето мора да научат да си помогнат и самите себеси. „Мора да го зајакнеме основното образование за сферата на финансиите“, нагласува Хајндл. Во моментов, на пример, организации како Каритас ги советуваат домаќинствата како да штедат струја.

Но, што ако и покрај сите напори, парите едноставно не стигнуваат? Од 2000 година наваму цената на киловат-час е двојно зголемена, а примањата ни оддалеку не држат чекор со тоа. „Она што во социјалната помош се пресметува за струја едноставно не соодветствува на она што навистина мора да се плати за струја“, нагласува заменикот шеф на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Оливер Киршер за ДВ.

Но, не сите приматели на социјална помош се еднакво погодени од мерката - исклучување на струјата. Студијата на Каритас и ЦЕВ покажува дека луѓето кои долго време примаат социјална помош не се толку често исклучувани од мрежата. Авторите од тоа извлекуваат заклучок дека таквите луѓе со текот на времето научиле како да ги распоредуваат парите. Политикологот Кристоф Штринк, меѓутоа, коментирајќи ги резултаите од студијата, за неделникот „Цајт“ вели дека е можно овие лица „да се откажуваат од неопходната струја“, односно дека е можно тие да знаат како да ги распоредат парите, но ги имаат толку малку што, на пример, за да избегнат неплатени сметки и исклучување на струјата се тушираат со ладна вода.

DW.COM

Реклама