Кога два и два не смеат да бидат четири | Северна Македонија | DW | 18.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кога два и два не смеат да бидат четири

Излегува дека аргументот на партиите кои се противат се сведува на следново: Ние знаеме дека изборниот модел е неточен, но тој греши во наша полза! Колумна на Петар Арсовски.

Не знам дали сѐ уште се учи политичка економија на факултет, ама се надевам дека сѐ уште се учи математика. Политичката економија е наука која економијата ја анализира низ призма на политичкиот систем. Ако не се учи, сепак нешто останало запаметено, зашто од оваа перспектива секако изгледа дека некои политичари се обидуваат да ни продадат политичка математика, односно да интерпретираат математички аргументи низ политичка призма. Во дебатата за изборниот модел, преовладуваат тврдења, стратегии и дебата која изгледа дека е врзана со чисти политички мотиви, што во основа е целосна инструментализација на дебатата за изборните правила.

Кога дебатираме за изборниот модел, анализата е во основа математичка, односно јасна и прецизна: аргументацијата треба да биде врзана за тоа како на најдобар начин гласовите на електоратот да се преведат во пратенички места. Во основа, аргументите се следни: се појавува дискрепанција помеѓу дадените гласови и освоените изборни мандати, која е неизбежна, бидејќи има повеќе гласачи одошто пратеници, па така, за еден пратеник да стане претставник на гласачите, за него мора да гласаат извесен број гласачи. Гласачите кои гласале за пратеник кој не бил избран, остануваат без претставник во Собранието, а нивните гласови пропаѓаат. Во Македонија тоа е отприлика просечно околу 7.000 гласови по пратеник. Значи, сите партии (и гласачи) кои во распределбата на пратеници ќе освојат под 7.000 гласа за пратеничко место, ги губат тие гласови. Клучот е во тоа што овој губиток се повторува во секоја изборна единица. Значи, кога дебатираме за бројот на изборни единици, изборот е дали партиите ќе изгубат по 7.000 гласа во секоја изборна единица (во моментов значи шест пати), дали ќе ги изгубат во повеќе изборни единици (со модел од 80 или 120 изборни единици), или ќе ги изгубат само еднаш (во модел со една изборна единица). Изборот, е, значи, математички, и е ултра едноставен. Нема никаква, ама баш никаква, дилема дека една изборна единица најточно го пренесува бројот на освоени гласови во број на освоени мандати, односно, во пропорционален модел со една изборна единица, математички, значи без дилема, бројот на освоени пратенички места најдобро можно соодветствува со бројот на дадени гласови.

Други колумни од авторот: 

Хроника на еден најавен развод

Кандидат за мандатар - повеќе симболика, помалку придобивки

И тука завршува науката, а почнува политиката. Сите дебати кои го анализираат изборниот модел од аспект на тоа кој колку пратеници би изгубил или добил, прават замена на тези и во основа се обидуваат да фрлат политичка магла во математичка формула. Оние кои застапуваат кој било модел освен овој математички најточниот (каде пропорцијата на освоени мандати најточно соодветствува со бројот на освоени гласови), значи сакаат да нѐ убедат дека некако би било подобро да примениме изборен модел каде кој колку пратеници освоил треба помалку! да биде согласно освоените гласови. Внимавајте која аргументација – тие во основа велат, при понуда на модел кој е точен, ајде да го избереме неточниот, ајде да избереме модел каде некој ќе освои повеќе пратеници одошто добил гласови, а некој помалку пратеници одошто освоил гласови. Зошто?  Зашто тоа ним моментално им одговара. 

Така, кога ќе слушнам дека некој вели, со промената на моделот некој ќе изгуби или ќе добие олку или онолку пратеници, знам дека поим немаат од изборни модели, ниту пак ги интересира демократија. Каква врска, по ѓаволите, има тоа кој колку пратеници би изгубил или добил? Кога преминувате на математички поточен изборен модел, промените во бројот на пратеници се математички корекции на претходните грешки, а не нов политички маневар за кој треба да се договараме! Значи, ако некој со новиот модел изгуби пратеници, тоа е само зашто претходно имал повеќе пратеници одошто гласови, а ако некој добие пратеници, тоа значи дека во претходниот модел имал помалку пратеници одошто му следувало согласно освоените гласови.

И вистината, математички, е само таа: дека пропорционалниот изборен модел со една изборна единица и без изборен праг, е најточниот модел кој е достапен, и изборот на кој било друг модел би значело дека сакаме избори кои помалку, полошо, неточно, би ја одразувале волјата на гласачите. Кој било друг аргумент врзан за изборниот модел е едноставно неточен, и се обидува да замени математичка вистина со политичка интерпретација. Во некаков паничен обид да се инструментализира изборниот законик, опонентите на изборниот модел, со неточни и неаргументирани изјави, и со политички маневри, се обидуваат да остават на сила во основа помалку демократски изборен модел од предложениот.

Настрана, за волја на вистината, валидниот аргумент дека промена на изборен модел не се прави прекутрупа, толку блиску до избори, без доволно време за дебата и градење политички консензус. Тоа се валидни поенти: изборниот законик се правила на игра кои важат за сите и не треба да се носат без поширок политички консензус, зашто сите треба да се согласиме дека тоа се најдобрите можни услови за спроведување избори. Но, тоа е различна аргументација од оваа на која сме сведоци. Сега, како што се поставиле партиите кои се противат на изборниот модел, излегува дека нивниот аргумент се сведува на следново: ние знаеме дека изборниот модел е неточен, но греши во наша полза. Затоа, ќе блокираме промена на моделот, за да не го изгубиме она што незаслужено го добиваме. Во превод, правете што ќе правите, ама два и два не смеат да бидат четири.

Реклама