Кога вистината не е вистина | Северна Македонија | DW | 25.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кога вистината не е вистина

Македонското судство може многу да научи од двата земјотреса во судниците во САД оваа недела. Колумна на Љупчо Поповски.

Спектакуларната изјава на личниот адвокат на Доналд Трамп, поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, од минатата недела – „Вистината не е вистина“ – веројатно заслужува да биде запишана како кредо на сите популисти во светот. И на оние кои се на власт и на оние кои сакаат да се доберат до неа. Не е важно дали се во најсилната демократија во светот, Америка, или на Балканот. Тоа е чумата на 21. век – настаните треба да се претстават не онакви какви што се, туку онака како што треба да се замислат. Тоа не е ништо ново во политиката, но ситуацијата сега е отидена во такви крајности, што дури е невeрoјатно да се следи.

На одреден начин тоа креирање на големата лажна планина почна лани во јануари кога советничката на Трамп, Келиен Конвеј, во истата емисија каде зборуваше Џулијани, „Запознајте го печатот“, изјави дека Белата куќа има „алтернативни факти“ за тоа колку луѓе присуствувале на инаугурацијата на Трамп. Тие „алтернативни факти“ можете да ги видите секаде, па така и во средата во Скопје кога почна судењето на 33. обвинети за драматичните настани лани на 27 април. Обвинението е ужасно сериозно – терористичко загрозување на поредокот. Директниот пренос што го гледавме на телевизија од тие настани на 27 април и денес изгледа како нестварен филм. Токму поради таа шокантна нестварност денес оние што подготвуваа преврат ги пречекаа како да се филмски ѕвезди, но на балканско-македонски начин, со зурли и тапани.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Бидејќи вистината не е вистина, во одреден дел од популистички нахранетата јавност тие се третираат како херои. Лидерот на најголемата опозициска партија уште пред два месеца најави дека за недела-две ќе бил подготвен закон за амнестија на учесниците од 27 април, тврдејќи дека како патриоти тие биле неправедно проскрибирани, па дури и лежеле во притвор, но од тоа до денес нема ништо. Алтернативните факти изгледа уште не се склопени во мозаик. Или конечно сфатиле дека не можат да се најдат алтернативни факти со кои ќе се тврди дека вистината не е вистина.

Политичкиот земјотрес во Америка со пресудата за поранешниот шеф на кампањата на Трамп во 2016 година, Пол Манафорт, и признанието на донеодамнешниот личен адвокат на претседателот, Мајкл Коен, дека по налог на Трамп исплатил една порно актерка и модел на „Плејбој“ да молчат за нивните сексуални афери, е настан од глобално значење. Иако од овде може да ни изгледа како битка на демократските институции во САД со едно популистичко, па дури и автократско претседателство. Од двата настана овдешнава политика, и особено судството, може да научи многу нешта, доколку се потруди малку повнимателно да ги проследи настаните. Од нив судиите и обвинителите можат да научат десет пати повеќе од неброените учества на семинари, па нека бидат тие и во Америка. Нивната спектакуларност не е во тоа што може да станат пресвртна точка во претседателството на Трамп, туку во начинот како демократските институции, сепак, можат да одговорат на ужасните притисоци на власта.

Процес од ден во ден

Бонвиванот Пол Манафорт, чии советнички услуги ги користеа повеќе републикански администрации уште од времето на Џералд Форд, а едно време беше и највлијателен лобист во Вашингтон, се соочува со затвор од дури 80 години за даночни измами, банкарски измами и тајна сметка на Карибите, каде што криел 40 милиони евра добиени во Украина за да го советува соборениот претседател Виктор Јанукович. Осуден е за две дела банкарска измама, а секое од нив носи максимална казна од 30 години. Судењето за измамите на Манафорт се подготвуваше повеќе месеци, последното време тој го помина во притвор. Кога почна судењето тоа не прекина речиси ниту еден ден (освен во викендите), додека не заврши процесот. Дванаесет дена обвинителите и одбраната имаа можност да ги судрат своите аргументи, а на поротата и требаа четири дена да донесе одлука дека е виновен за осум обвиненија, а за 10 не можеа да постигнат едногласност. Немаше одложувања, судијата со внимателни аргументи ги отфрлаше обидите на одбраната да го одолговлече процесот, а пресудата за тоа дали е виновен или не ја носи поротата. Судијата сега треба да ја одмери казната. На крајот, адвокатите кои не успеаја да го одбранат Манафорт изјавија дека му се благодарни на судијата за одлично водениот процес, а на поротата дека полни четири дена расправале за неговата вина. Манафорт (69) сега може остатокот на својот живот да го помине зад решетки, а Трамп го фали дека има „голем респект за храбриот човек“.

USA Prozess Paul Manafort | Richard Westling & Jay Nanavati (Getty Images/M. Wilson)

Адвокатите, кои не успеаја да го одбранат Манафорт, изјавија дека му се благодарни на судијата за одлично водениот процес (фото: Џеј Нанавати во средина и Ричард Вестлинг десно беа дел од тимот кој го бранеше Манафорт)

Во Скопје одлуката на судијката Добрила Кацарска да го води процесот без големи прекини, па се закажани 37 рочишта до ноември, наиде речиси на ужас на адвокатите. Како и сите други во судските ходници и тие се навикнати процесите да траат до недоглед. Од една страна, се зголемуваат нивните приходи од услугите за обвинетите, од друга, со недоволна подготвеност за случајот се обидуваат да добијат на време, а од трета и неподготвеноста на судиите им оди на рака. А на судиите многу често им е полесно да го закажат следното рочиште за месец-два, отколку да преземат ризик да навлезат во случајот во неговата срж. Оваа болест на неефикасност на судството сега изгледа неизлечива, но не мора да биде така. Процесот за 27 април е најголемиот испит за македонското судство последниве дваесет години. Не само поради тешките обвиненија за уште потешкиот настан, туку тоа треба да ја покаже подготвеноста на институциите дека може да отиде чекор напред. Во некоја рака, од знаењето, умешноста и непристрасноста на Кацарска ќе зависи дали кај граѓаните ќе може да се врати барем дел од загубената доверба во судството. Клучот за праведен процес е во резистентноста на притисоците и изнесувањето на вистинските, а не на алтернативните факти.

Само петнаесет минути по шокантната пресуда во Александрија, Вирџинија, во јужен Менхетен во Њујорк, адвокатот Мајкл Коен му се предаде на ФБИ и замина во судот да му соопшти на судијата дека се изјаснува за виновен за неколку даночни измами од четири милиони долари и во спогодба со обвинителите да признае дека по налог на Трамп ја исплатил Сторми Даниелс две недели пред изборите во 2016 за нејзината приказна за сексуалната афера да не влијае врз гласањето. Спогодбата со обвинителите треба да ја намали неговата казна. Кога потоа заменикот-јавен обвинител на Њујорк, Роберт Кузами, излезе да даде изјава за новинарите тоа беше лекција која треба да им се даде на учење на овдешните обвинители. Многумина овде ги оценуваа изјавите на Фатиме Фетаи како непотребен спектакл во една таква деликатна сфера, но она што го зборуваше Кузами беше во ист фон, само неколку нивоа повисоко.

Во САД министерот за правда е и јавен обвинител, па Кузами му одговара нему како член на владата. Во десетте минути перфектно образложение без напишан текст за злоделата на Коен и покрај спогодбата за соработка, Кузами рече дека „ние сме земја на закони“, а адвокатот на Трамп ќе „плати многу, многу сериозна цена“ за своите постапки. Во ниту една од рекациите, дури ни во медиумите наклонети на Трамп, немаше оценки за квалификациите што ги даде Кузами и за неговиот настап (како што овде сакаа да ја омаловажат Фетаи), туку за сериозноста на обвиненијата и за последиците врз Белата куќа.

USA - Ermittlungen zur Russland-Affäre - Trumps Ex-Anwalt Michael Cohen (picture alliance/Zuma Wire/Go Nakamura)

Адвокатот Мајкл Коен ќе плати висока цена

Космичката близина

Се разбира, сето тоа може да изгледа како космичка далечина од овде, но сепак тоа не е толку далеку. Судството не е без корени во Македонија, имаше големи успеси и знаење пред три-четири децении, само треба повторно да се врати на она што го знаеше.

Во еден друг случај во Америка од истиот ден, големата федерална порота во Калифорнија го обвини конгресменот Данкан Хантер, еден од најдоследните поддржувачи на Трамп уште во првите денови на неговата кампања за претседател, дека заедно со неговата сопруга ги злоупотребил фондовите за кампања за лични цели. Данкан и неговата сопруга Маргарет ги трошеле парите од кампањата за летувања во Италија, на Хаваи, во Аризона, плаќале школарини за децата. Со кредитната картичка од кампањата плаќале театарски билети, купувале подароци, вечерале, оделе на натпревари, на забар, пазарувале за домашни потреби и што уште не. „Криминалот на Хантерови е што многу од нивните потреби ги задоволувале со злоупотреба на парите од кампањата за да се збогатат себеси“, стои во обвинението на федералната порота. Во обвинените посебно се нагласува и злоупотребата на малите суми, како 160 долари за хотел или ручеци во фаст-фуд ресторани. Републиканецот Хантер се бори за реизбор на изборите во ноември, па неговиот адвокат се пожали до Министерството за правда дека оваа истрага била политички мотивирана од опонентите демократи и побара сите наводи да бидат одбиени. Министерството за правда веднаш ги отфрли ваквите барања. Сега Хантер го чека судење.

Mazedonien Justiz Amtsgericht (DW/P. Stojanovski)

Процесот за 27 април е најголемиот испит за македонското судство последниве дваесет години

Можеш да бидеш корумпиран, но ако те фатат одиш на суд. Без оглед дали измамата е мала или голема. Тоа е правилото. Овде сите овие години расправата се води дали функционерот што правел криминали, па нека се и ситни, треба да понесе морална одговорност. Кривичната како да е од друга планета. Па уште како Џулијани ќе нѐ убедуваат дека вистината не е вистина. Америка не е идеална демократија. Далеку од тоа. Но, ете, три настани само во еден ден ја покажуваат силата на демократските институции. Доналд Трамп е најмоќниот човек на земјава, па сега бара начини како да излезе на крај со специјалниот обвинител кој сам го назначи да ја истражува вмешаноста на Русија во изборите 2016 година. Овдешниот претседател крши устав, ја доведе земјата до имплозија со аболициите, не потпишува закони два пати поминати во Собранието затоа што имал поинакво мислење и со тоа се претвора во отпадник од законот, а обвинителството молчи. Молчи сега, а веројатно ќе молчи и во следниот случај со некој друг претседател. Политичката калкулација секогаш победува.

DW.COM

Реклама