Ковид-19: Скопското жариште не стивнува | Северна Македонија | DW | 12.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ковид-19: Скопското жариште не стивнува

Од новите 164 случаи на Ковид-19 во земјата, повторно повеќе од половина се регистрирани во главниот град. Вкупниот број на досега инфицирани од коронавирусот надмина 3700.

Скопје и денеска предводи на тмурната листа на новоинфицирани од коронавирусот. Во последното деноноќие во македонскиот главен град се регистрирани 85 нови случаи.  Со тоа вкупната бројка на досега заразени во Скопје изнесува 1676 од кои активни случаи се 1040, може да се прочита во најновите податоци на македонското министерство за здравство. Најголем број на досега регистрирани случаи на болеста меѓу скопските општини има Чаир- 235 а следуваат Гази Баба со 89,  Бутел со 88, Аеродром и Центар со по 87, Карпош со 79, Сарај со 75, Кисела Вода со 52, Ѓорче Петров со 39, Шуто Оризари со 29 итн.

Две починати пациентки за 24 часа

Во последните 24 часа од последиците на болеста Ковид-19  починала и една 53-годишна пациентка од Скопје хоспитализирана во  градската болница „8 Септември“. И во болницата во Тетово починала пациентка на возраст од 60 години, со што бројот на починати од Ковид-19 во Македонија се зголеми за уште 2 на вкупно 171 лице.

Повеќе:

-Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот

-До нула зараза преку три Д: дисциплина, дистанца, дезинфекција

-Градот мора одново да се обмисли

Последната бројка на новозаразени во земјата изнесува 164, со што вкупниот број се зголеми на 3701. Освен оние 85 во Скопје, забележани се уште и 24 случаи во Куманово, 18 во Тетово, 9 во Охрид, по 5 во Струга и во Штип, по 3 во Дебар и во Прилеп, по два во Гостивар, Свети Николе и Ресен по по еден новоинфициран случај во Гевгелија, Крива Паланка, Кочани, Македонски Брод, Валандово и во Неготино.

Во земјата во изминатото деноноќие биле направени 1045 теста а 15,7 насто од тестираните биле позитивни на висурот. Македонските здравствени власти од почетокот на пандемијата спровеле 41.049 тестирања на Ковид-19.  Вкупниот број на оздравени пациенти изнесува 1694 а на активни случаи 1836.

Притисокот врз болниците расте

Новите кластери и константно големиот број на нови инфекции постепено ги полнат и болниците ширум државата. На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа биле примени 16 нови, а вкупно хоспитализирани се 93 пациенти. На кислородна поддршка се 44 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

До утрината во болницата  „8 Септември“ биле примени 16 новозаразени, а вкупно хоспитализирани се 60 пациенти. На респираторна машина се 10, a со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти.

Во болницата во Битола хоспитализирани се 25 пациенти, во Штип 23 а на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и во Прилеп хоспитализирани се 31 пациент позитивни и сомнителни на Ковид-19.