Ковид-19 не е главната причина за големата смртност во С. Македонија | Северна Македонија | DW | 24.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ковид-19 не е главната причина за големата смртност во С. Македонија

Минатата година смртноста се зголемила за 26 отсто во споредба со 2019 година. Но, највеќе граѓани починале од болести од циркулаторниот систем и од неоплазми.

Минатата година е забележан рекорден број на починати лица во Северна Македонија од 1995 година навака. Бројот на починати лица лани е зголемен за 26 отсто во однос на 2019 година и изнесува 25 775 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголем број смртни случаи – 3 847, имало во ноември минатата година. Како и минатите години, најголемо учество имаат починатите лица од болести на циркулаторниот систем, што претставува 41,6 отсто, неоплазмите со 15.2 проценти, а потоа следат смртните случаи како последица од пандемијата на Ковид-19 со 10,9 проценти. 

Иако пандемијата на коронавирус не е главната причина, според статистиката, за големата смртност, таа на индиректен начин влијаеше врз ваквите загрижувачки податоци, со оглед на тоа дека повеќе од една година го блокираше здравствениот систем и го оневозможи навременото детектирање и лекување на бројни други сериозни болести со кои што се соочуваат граѓаните.

Малигните неоплазми со учество од 20-25% се наоѓаат на второ место по причина за смрт во развиените земји во светот, веднаш по кардиоваскуларните болести, кои пак учествуваат со околу или над 50% во структурата на морталитетот. Ракот во моментот е одговорен за речиси еден од шест смртни случаи на глобално ниво. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак, и оваа бројка се очекува да се зголеми на повеќе од 21 милиони до 2030 година.

-повеќе на темата: С. Македонија и третиот бран го дочека со висока смртност од Ковид-19 во регионот

Според анализите на Институтот за јавно здравје, во земјата после болестите на циркулаторниот систем малигните неоплазми се втората најчеста причина за смрт. Во 2010 година од рак умреле 3705, а во 2015 година 3741 лицe, додека стапката на морталитет се движи од 180,3 на 100000 население во 2010 година до 180,7%000 во 2015 година.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека со 5,8 проценти се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем, додека оние кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести се застапени со 5,3 проценти од вкупно умрени, со 3,7 проценти се затапени лицата кај кои причина за смрт се болестите на нервниот систем, по што следат останатите заболувања, но со помала застапеност.

Починале 108 доенчиња

Поголем број од починатите се од машки пол и тоа 13 914 или 54 проценти од вкупно умрените лица. Бројот на починати доенчиња изнесува 108 и нивното учество во вкупниот број на умрени изнесува 0,4 проценти. Според податоците на ДЗС, просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 71,6 години, а кај оние од женски 75,3 години или просечната возраст на смртност кај жените е повисока за 3,7 години.

-повеќе на темата: Колку е опасна новата варијанта на коронавирусот, Ламбда?

Бројот на починати лица лани е зголемен за 26 отсто во однос на 2019 година и изнесува 25.775 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Најголем број смртни случаи – 3.847, имало во месец ноември. Според податоците на ДЗС, просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 71,6 години, а кај оние од женски 75,3 години или просечната возраст на смртност кај жените е повисока за 3,7 години.

Опаѓа бројката на насилна смрт

Бројот на умрени лица од насилна смрт во 2020 година е намален за 3.5 проценти во однос на претходната година и е 438 умрени лица. Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет во државата учествуваат со 1.7 отсто, а во структурата според полот, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72.8 проценти.Најголемо учество во вкупниот број случаи на насилна смрт, имаат несреќните случаи со 70.5 проценти, самоубиствата со 24 отсто и убиствата со 5.5 проценти. Кај категоријата самоубиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 16.7 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.