Ковид-19: И многу млади вакцинирани лица мораат во болница | Информации и анализи за Германија | DW | 20.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Ковид-19: И многу млади вакцинирани лица мораат во болница

Лажна сигурност: по пробивањето на вакциналната заштита сѐ повеќе млади лица мора да бидат хоспитализирани. Од друга страна јасна е структурата на 18-те милиони невакцинирани во Германија.

Често корона-инфекциите минуваат потешко отколку што се мисли- и кај младите

Често корона-инфекциите минуваат потешко отколку што се мисли- и кај младите

Бидете претпазливи! Застрашувачки голем број вакцинирани лица сметаат дека со вакцината се целосно заштитени и се однесуваат немарно.

Вакцините се добра заштита од заразување со коронавирусот, но сепак сѐ повеќе вакцинирани лица се заразуваат. Застрашувачки често сликата на болеста кај нив е потешка и трае подолго отколку што очекувале, дури и кај помладите лица.

Според  институтот Роберт Кој (РКИ) во првата недела од ноември  (податок од 10.11.2021) околу 23% од хоспитализираните возрасни лица под 60 години и 46% од пациентите над 60 години биле вакцинирани. Во август тие бројки беа 6% од под, односно 18% од над 60 годишните.

18% од вакцинираните пациенти под 60 години и 42% од пациентите над 60 години починале.

Вакцините и покрај тоа се ефикасни

Иако бројот на вакцинирани хоспитализирани лица од летото брзо расте, тоа не значи дека вакцините против корона се генерално неефикасни. РКИ смета дека вакцините имаат ефикасност од 72 проценти на ниво на цела полнолетна популација.

Редица пред автобус за вакцинација против коронавирусот во Штудгарт

Редица пред автобус за вакцинација против коронавирусот во Штудгарт

И натаму вакцинирани лица се само мал дел од хоспитализираните пациенти. Да беше стапката на вакцинирани лица пониска, Германија сега ќе беше пред колапс на здравствениот систем.

Повеќе: Инфекциите експлодираат: Поставени насоките за новата корона-политика во Германија

Главен предизвик оваа есен ќе биде да се придобијат невакцинираните на пример преку понуда за вакцинирање во супермаркети или фирми и брзо и широко распространето да се нуди третата доза за освежување на заштитата за најстарите лица и за вработени во старечки домови.

Кои се тие 18 милиони невакцинирани лица во Германија?

Засега според РКИ 113.672.633 вакцини против Ковид-19 се дадени во Германија со што 58.043.550, односно 69,8 проценти од населението примиле барем една доза, а 55.925.630 лица, односно 67,3 проценти се целосно имунизирани. Покрај тоа 3.037.757 лица, односно 3,7 проценти добиле трета доза вакцина.

Покрај 9,2 милиони деца под 12 години за кои нема дозвола за вакцинирање остануваат уште околу 18 милиони луѓе во Германија кои иако имаат можност, не се вакцинираат. Во меѓувреме се изготвени неколку студии кои даваат увид во тоа какви профили на луѓе не сакаат да де вакцинираат. Според студијата на Форза, 64% од невакцинираните се анти-ваксери, 29% сѐ уште се двоумат, а 7% се генерално подготвени да се вакцинираат.

Возраста, потеклото и примањата - клучни

Често токму помладите луѓе не се вакцинираат. Во меѓувреме во најголемата популациска група, 18 до 59 годишните, има 12 милиони невакцинирани, односно 22% од населението. Во старосната група над 59 години пак, вакцинирани се 85,5%.

Во Германија има голема разлика меѓу истокот и западот – источните Германци помалку се вакцинираат и не се многу убедени во безбедноста на вакцините. Така на пример, додека во Бремен 81,5% од населението е вакцинирано, во источно германска покраина Саксонија има само 59,4% вакцинирани.

Во помал број се вакцинираат и луѓето со миграциско потекло. Според студијата на Форза тие не се добро таргетирани со кампањата за вакцинација и за нив нема доволно инфо-материјали на јазик кој би го разбрале.

И висината на примањата игра улога во однос на вакцинацијата. Според истражувањето на Макс Планк Институтот за социјално право и социјална политика во 27те земји членки на ЕУ и Израел, околу 30% од оние со ниски примања над 50 години не сакаат да се вакцинираат или го одолговлекуваат тоа, додека кај оние со подобри примања овој процент е 7,8%. Исто така 28,5% од испитаниците во Европа кои се невработени, одбиваат вакцинација.

Гледај видео 02:57

Цела година во комплетна изолација

Две третини од невакцинираните се поддржувачи на десничарски партии

Политичките ставови делумно се одразуваат и во односот кон вакцинацијата: според анкетата на Институтот Форза, 50% од невакцинираните гласачи на последните избори гласале за АфД, што е пет пати повисоко од целокупното население, со оглед на тоа што АфД доби 10,1% од гласовите.

Дополнително 15% од испитаните вакцинални скептици гласале за партијата „Основа“ која е блиска до протестното движење на таканаречени „кверденкери“ (оние кои мислат поинаку).

Партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, но и СПД, а пред сѐ Зелените, се многу непопуларни кај невакцинираните,  додека 10% од нив ги поддржуваат Либералите.

Нарачател на анкетата на Институтот Форза е Сојузното министерство за здравство, а резултатите беа објавени пред неколку недели. Но, Министерството го изостави делот за партиските преференци на испитаниците, кој институтот на своја рака го вметнал во студијата. Анкетата на Форза беше спроведена од крајот на септември до средината на октомври на 3084 испитаници.