Ковид-19 ги менува законите за основно и средно | Северна Македонија | DW | 21.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ковид-19 ги менува законите за основно и средно

Бројот на наставни денови во учебната година може да биде помал од досегашните 180, но не помалку од 100, се вели во предложените измени за кои денеска ќе расправа Собранието.

Собранието денеска ќе расправа за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за основно и средно образование, по скратена постапка. Преку законските измени треба да се изврши прилагодување на образовниот процес поради пандемијата со Ковид-19, со цел безбедна настава за сите учесници во процесот.

„Исто како и за Законот за основно, така и за Законот за средно образование замолуваме да се донесе по скратена постапка заради тоа што не е голем обемот на измена. Со него ќе обезбедиме Владата да може да ги утврди деновите, траењето на училишната година и да донесе план и програма по која што ќе може да одвива училишната година, а со тоа да го заштитиме здравјето и на наставниот кадар, и на учениците“, рече министерката за образование, Мила Царовска, при образложувањето на потребата од законски измени.

Скратени часови и наставни денови   

Според предложените измени, во услови на вонредни околности учебната година може да започне и заврши и во време различно од досега утврденото, за што ќе одлучува Владата. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на земјата или на нејзин дел. Во услови на вонредни околности (кризна состојба, прогласена епидемија/пандемија, пожари, поплави или други природни непогоди) бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, за што одлучува Владата. Во услови на вонредни околности во основното училиште може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација. Кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира и настава со физичко присуство на учениците, доколку се исполнети условите согласно со протоколите, со закон, со епидемиолошката и друга состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, согласно со бројот на учениците во паралелката и со просторните и хигиенско- санитарните услови. Во услови на вонредни околности, наставниот час може да трае пократко, за што одлучува Владата, и таа го утврдува максималниот број на ученици во една паралелка. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење. Заради подготовка за безбедна настава во земјава, како што беше најавено, учебната година ќе започне на 1-ви октомври.

Искуства од соседството

Земјите од соседството кои ја започнаа наставата со физичко присуство, веќе се соочуваат со првите биланси на Ковид-19 во учлишните клупи. Во соседна Бугарија, каде учебната година почна на 15-ти септември, до вчера (за само пет дена) околу 500 ученици и 40 наставници се ставени во карантин поради коронавирусот. До вчера, 26 ученици позитивни на Ковид -19 однеле во карантин 19 паралелки, од кои 4 паралелки се од основно училиште во Софија. Според бугарската заменик-министерка за образование, Тања Михаилова, онаму каде има ученици со позитивен тест но досега не биле на настава, тие паралелки не се ставени во карантин. Според Михаилова, во оваа фаза училиштата нема да бидат затворани.

Повеќе:

Комисијата пред тешка задача: Над 100 училишта бараат физичка настава

Образованието пред стравот од коронавирусот: Европа се врати во училиште

Децата во Европа се враќаат во училиште и покрај коронавирусот

Учебната година како желботека

Во регионот, БИХ, Словенија и Србија ја започнаа учебната година со физичко присуство на 1-ви септември. Во Србија во првите десет дена од наставата 16 ученици беа потврдени како позитивни на Ковид-19, а за две недели таа бројка порасна на 52 ученици и 20 вработени. Црна Гора, земјата која во јуни се прогласи за „корона-фри“, сега регистрира рекорден број активни случаи со коронавирус, или 509 на 100.000 жители. Земјата веднаш ги зајакна превентивните мерки (обврска за носење маски за сите над 7 години во затворени простории и на отворено, растојание од два метра, четири лица на иста маса во ресторан), но сѐ уште размислува околу одлуките за најмладата популација. Почетокот на учебната година во Црна Гора и отворањето на градинките беа одложени за 1-ви октомври, но црногорските епидемиолози велат дека ги разгледуваат сите опции и дека конечната одлука за наставата ќе се донесе во зависност од епидемиолошката состојба.

„Имаме уште десет дена да видиме како ќе се развива ситуацијата“, изјави за РТЦГ, директорот на Црногорскиот институт за јавно здравје, епидемиологот Бобан Мугоша. Водечките луѓе во црногорскиот здравствен систем не ја исклучуваат можноста и за повторно затворање на цели градови ако „болниците брзо се полнат“.

Хигиена и организиран надзор

И во Северна Македонија во крајна инстанца одлуките ќе ги диктира  епидемиолошката состојба. Властите се надеваат дека со предложените законски одредби ќе се обезбеди безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес: учениците, наставниците, ненаставниот кадар и родителите. Подготовките се насочени кон следните цели: да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно со препораките дадени од Министерството за здравство/Комисијата за заразни болести. Се подготвува инклузивен и флексибилен распоред на часови преку кој се реализира наставниот план кој води до практики кои ќе обезбедат постигања соодветно на индивидуалните можности на учениците.

„Исто така, треба да се изгради училишна клима, структури и организација каде инклузијата, грижата, почитта и холистичката поддршка имаат централно место во мисијата на училиштата, како и да се пренесат моменталните сознанија за тоа како се пренесува и колку е сериозен Ковид-19 кај децата и како да сеодржуваат мерките за превенција и контрола“, се вели во образложението за предложените законски измени.

 

Реклама