Докиќ: Пост-ковид симптомите може да траат со месеци | Северна Македонија | DW | 18.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Докиќ: Пост-ковид симптомите може да траат со месеци

Некои како последица на Ковид доживуваат инфаркти и мозочни удари, други пак имаат проблеми со белите дробови. Некои се жалат на опаѓање на косата, вели докторот Дејан Докиќ.

„Го прележав коронавирусот во октомври минатата година. По извесно време ми се нормализира состојбата. Но, не очекував дека на почетокот на февруари годинава ќе се јават некои чудни промени со мирисот. Иако е тешко да се објасни и долови состојбата, некои продукти како кромид, лук, кафе, јогурт, сусам, почнаа да ми мирисаат на нафта, како на нешто изгорено, една тешка миризба којашто не може да се поднесе. Навечер, во спиење знае да ме разбуди арома на изгорено, како нешто да гори, иако тоа не е така“, раскажува 37-годишната Марина Попадински за ДВ. Таа побарала помош од лекар, но одговорот бил дека со тек на време ќе се нормализира сѐ. „Така почнав да барам на интернет и наидов на ‘паросмија’ и забележав дека многу луѓе во светот го имаат овој проблем. По прележувањето на вирусот, промените и оштетувањата коишто ги има направено, постепено излегуваат на виделина“, вели оваа скопјанка.

Некои од оздравените сведочат дека повеќе месеци страдаат од последици од вирусот од кои никако не можат да се опорават. Се жалат на висок крвен притисок, болки во градите и на грбот.

Младата актерка во кумановскиот театар Владанка Димковска за Дојче веле го споделува своето искуство со вирусот. Таа вели дека била позитивна на почетокот на ноември минатата година, но без никакви проблеми и симптоми. „Поминав лесно, со болки во грбот и замор. Но, сега забележувам опаѓање на косата и стегање на мускулите околу срцето. Резултатите ми се добри. Крвната слика ‘џам’. Правев ЕКГ, сѐ е во ред“, вели Димовска. Во меѓувреме сите сигнали упатувале на тоа дека опаѓањето на косата е најверојатно поврзано со стрес, но и со евентуални проблеми со тироидната жлезда.

Некогаш последиците од Ковид-19 знаат да бидат и мачни и далекусежни. А, битката со непредвидливиот непријател да трае со недели, но и со месеци.

„Само што помислив помина сѐ, се спасив, жива и здрава сум, по неколку месеци повторно се вратија мачните симптоми. Се будам наутро со ужасни болки во главата, сите коски и мускули ме 'вртат', во устатата горчив вкус, ушите ми зујат, тешко дишам, а сувата кашлица повторно се заканува да ми го одземе здивот. До кога вака, има ли спас?“. Ова е едно од многуте сведочења на граѓани коишто го прележале Ковид-19, а коишто се споделуваат на специјализирани групи на социјалните мрежи за споделување совети и искуства за коронавирусот. Многумина од нив го опишуваат магичниот круг во којшто се вртат со заболувањето од коронавирус. Оној момент кога многумина од нив мислат дека се избориле со вирусот, тој повторно напаѓа на нови, неочекувани начини.

Долготрајно опоравување

Иако се водат како оздравени, граѓаните се жалат дека подолго време ги чувствуваат последиците од Ковидот. Замор, тешкотии при дишењето и болки во градите, се само некои од симптомите кои ги мачат. Опоравувањето од Ковид-19 е подолготраен процес. Дел од лекарите укажуваат дека во раната фаза на болеста, акцентот на лекување се става на акутните симптоми и компликации. Во фазата на опоравување, пак, се појавуваат некои нови симптоми, поради што одредени пациенти бараат адекватен медицински надзор и неколку месеци по оздравувањето.

Голем е бројот на луѓе кои секојдневно, на специјализирани групи за споделување искуства за Ковид-19 на социјалните мрежи, бараат совети и помош од медицинските лица кои работат на оваа проблематика. Некои сведочат дека и по два месеца, на моменти се чувствуваат како „пола човек“. Губат сила, им отекуваат рацете и нозете.

Corona in Nord Mazedonien

Опоравувањето од Ковид-19 е подолготраен процес

Проценките се дека дури во 35 отсто од случаите, и вопост-ковид фазата луѓето чувствуваат замор, тешкотии при дишењето и болки во градите. Некои се жалат на болки во зглобовите, немање на концентрација и нарушена меморија. Голема е бројката и на оние коишто со месеци го имаат изгубено чувството за мирис и вкус, а се соочувале и со несоница. Некои од нив се жалат и на психички тегоби, како анксиозност, депресија... Оние коишто претходно биле активни и спортувале, сега велат дека имаат чувство како нозете да им се здрвени, секој поминат километар за нив е напор и оптоварување на телото. Дел од симптомите исчезнуваат побрзо, некои по 2-4 недели, а некои можат да бидат присутни и со месеци. 

Гледај видео 03:31

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување

Опоравувањето оди бавно

Пулмологот проф. д-р Дејан Докиќ за ДВ вели дека опоравувањето од Ковид-19 некогаш трае бавно, поради што е неопходна трпеливост и медицински надзор, со цел пациентите полека да си ја вратат силата и кондицијата и да се вратат на секојдневните обврски. Најголем дел од заразените, според него, поминуваат со полесни симптоми, додека кај помал процент од пациентите се јавуваат сериозни последици, поради што пост-ковид третманот е неопходно да трае подолго.
„Некои од нив како последица на Ковид доживуваат инфаркти и мозочни удари, други пак имаат проблеми со белите дробови. Некои се жалат на опаѓање на косата и проблеми со абдоменот“, вели доктор Докиќ. Некои ќе мораат да користат концентратори до крајот за животот, за други пак, државата се обидува да обезбеди респиратори со цел да им помогне во лекувањето и по заминувањето дома. 

-повеќе на темата: Пост- Ковид симптоми: Болеста напаѓа и шест месеци по прележаниот коронавирус

Соочувајќи се со вакви пост-ковид проблеми и компликации за еден дел од заразените со вирусот, Докиќ вели дека во соработката со Министерството за здравство е направена стратегија за нивно подолгорочно лекување. Па така, најтешките случаи, за кои е потврдено дека се негативни, е одлучено да се хоспитализираат на Клиниката за пулмологија, каде во раниот пост-ковид период сѐ уште им се дава кислородна поддршка. Полесните случаи, пак, заминуваат на лекување во Институтот за физикална медицина и рехабилитација, каде со помош на вежби, физиотерапевтите им помагаат полека да се вртат во нормала. 

Рехабилитација

Поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и сѐ поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале Ковид-19, во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има оддел само за таа намена.

Mazedonien Corona-Testzentrum in Skopje

Најголем дел од заразените поминуваат со полесни симптоми, додека кај помал процент од пациентите се јавуваат сериозни последици

Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти. Рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, во просек од 2 до 4 недели. 

-повеќе на темата: Софијанова: За два месеци 42 деца имаа пост-ковид компликации

Надлежните укажуваат дека и оние коишто го прележале ковидот мора и натаму да ги почитуваат здравствените препораки и да не се опуштаат. Анализите покажуваат дека кај 116 случаи, вирусот се вратил по вторпат. Двајца од луѓето кои биле повторно заразени починале. Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Карџовски, вели дека поради неодговорност, дел од граѓаните кои мислеле дека нема да се заразат, повторно дошле во контакт со истиот вирус, или пак со некој друг сој на коронавирусот, најверојатно британскиот, кој е многу позаразен и многу полесно се шири.

DW.COM