Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19 | Свет | DW | 08.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

Од пренесување на вирусот до инфекцијата - Дојче веле одговара на некои од најчестите прашања во врска со вакцините против Ковид-19.

И покрај тоа што ги примиле и двете дози на вакцината Фајзер/Бионтек, 14 постари лица во дом во северозападниот германски град Ознабрик беа позитивни на B117 сојот на Ковид-19, којашто за првпат се појави во Велика Британија.
„Имаше неколку комплетно асимптоматски случаи, а во другите случаи со благи симптоми“, изјави за ДВ, Буркхард Рипенхоф, задолжен за односи со јавност во Окружната канцеларија во Ознабрик. Позитивен тест за Ковид-19 без симптоми или блага верзија на болеста е нормално по вакцинацијата - тоа покажува дека вакцината работи.

Дали вакцинираните лица пак можат да бидат позитивни на Ковид-19?

Вакцините можат да создадат два вида на имунитет - ефективен имунитет или стерилизирачки имунитет. Стерилизирачкиот имунитет е целосна заштита од вирус - ниту една честичка на вирусот не може да навлезе во ниту една клетка во телото, не може да се реплицира и пренесувањето може да се запре.
„Тоа е како светиот грал на вакцините“, рече Сара Кеди, соработник по клиничко истражување по вирусна имунологија на универзитетот Кембриџ. „Но, тоа е навистина тешко да се постигне. Да се запре влегувањето на какви било честички на вирусот е практично невозможно“.

-повеќе на темата: Вакцинирани- и што потоа?

Ефективниот имунитет го спречува вирусот да предизвика тешка болест, но не спречува да бидете заразени или да го пренесувате вирусот.
Повеќето вакцини можат да ограничат колку вирус влегува во организмот, но сепак ќе има репликација на вирусот. Сепак, вакцинирањето треба да резултира со доволно антитела за да се намали колку се реплицира вирусот, изјави Кеди за ДВ. „Затоа гледаме значително намалување на болеста, но сепак потенцијално гледаме некаква репликација на вирусот, која потоа се открива како асимптоматска инфекција“. 

Дали вакцинираните лица можат да го пренесат вирусот?

Во моментов нема доволно податоци за да се знае дали mRNA и векторските вакцини против Ковид-19 можат да го спречат или намалат пренесувањето, според Институтот Роберт Кох (РКИ).
Додека не бидат достапни тие податоци, вакцинираните лица и луѓето околу нив треба да продолжат да ги следат препорачаните заштитни мерки, како носење маска, држење на растојание и редовно миење на рацете, наведува РКИ.
Повеќето вакцини не можат да го спречат пренесувањето, рече Кеди, вклучувајќи го и поголемиот дел од вакцините што се користат подолго време. „Тие не можат да предизвикаат стерилизациски имунитет, но го намалуваат пренесувањето, што е доволно за да се запре вирусот кај популацијата“.

Дали вакцинираните лица можат да се разболат со Ковид-19?

Да, можно е да се разболите со Ковид-19 дури и по вакцинирањето. Но, вакцинацијата помага да се спречи сериозна, опасна по живот болест. Ако сте вакцинирани, најверојатно ќе бидете асимптоматски или ќе добиете лесна верзија на болеста. Вакцината Фајзер/Бионтек е 95% ефикасна во спречување на болести од оригиналниот вид, додека Модерна е 94%, а Окфорд -АстраЗенека е 76% ефикасна. 

Може ли вакцината да заштити од варијантите B1351 и B117?

Како што се појавуваат нови варијанти на коронавирусот, ефикасноста на тековните вакцини може да се промени. Вакцината Фајзер/Бионтек најверојатно ќе биде ефикасна против високоинфективната варијанта Б117 на вирусот, иако нејзината ефикасност е малку засегната, според научниците од Универзитетот Кембриџ. Но, мутацијата E484K - првпат видена во варијантата Б1351 - значително ја зголемува количината на антитела потребни за да се спречи инфекцијата. Податоците сè уште ќе подложат на проверки, бидејќи вклучувале само мал број пациенти.
Јужна Африка одлучи да го суспендира користењето на вакцините Оксфорд-АстраЗенека, откако студијата спроведена на околу 2.000 луѓе откри дека вакцината нуди мала заштита од благи и умерени случаи на Ковид-19.
Шабир Мади, професор на Универзитетот Витватерсранд во Јоханесбург, изјави за ДВ дека неодамна објавените научни податоци покажуваат дека вакцината Оксфорд-АстраЗенека е само 22% ефикасна против варијантата на коронавирус 501YV2 (позната и како Б1351), која е доминантна низ Јужна Африка. .

Дали вакцината против Ковид-19 ќе предизвика позитивен тест?

Вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна и Оксфорд-АстраЗенека не можат да предизвикаат позитивен тест за Ковид-19 на тестовите кои се користат за да се види дали имате тековна инфекција. Вакцините не го содржат самиот коронавирус.
Ако вашето тело развие имунолошки одговор, што е целта на вакцинацијата, можно е да имате позитивен тест на некои тестови за антитела, кои ви кажуваат дали сте имале претходна инфекција, наведува американската здравствена агенција Центар за контрола и превенција на болести ( ЦДЦ). 

Може ли вакцината против Ковид-19 да ви пренесе коронавирус?

Вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна и Оксфорд-АстраЗенека не можат да ви пренесат  Ковид-19, бидејќи вакцините не го содржат самиот коронавирус. Вакцините го учат вашиот имунолошки систем како да препознаете и да се бори против вирусот што предизвикува ковид, според ЦДЦ. Понекогаш ова може да предизвика симптоми како треска, главоболка, замор и болки во мускулите, кои треба да траат само неколку дена.
Почесто може да се појави црвенило, топлина и болка на местото каде што сте ја примиле инјекцијата.

-повеќе на темата: СЗО: Пандемијата може да се контролира

„Тоа е вообичаено за буквално секој имунолошки одговор“, рече Кеди. „Всушност, луѓето што ги познавам и кои примиле вакцини се навистина задоволни што малку боли, затоа што покажува дека работи имунолошкиот одговор - малку болна рака е во ред; тоа е сосема нормално“.
Може да потрае неколку недели за телото да создаде имунитет на коронавирусот по вакцинацијата, според ЦДЦ. Ова значи дека е можно некој да се зарази со вирусот непосредно пред или по приемот на вакцинацијата и сепак да развие Ковид-19. Но, ова е само затоа што вакцината немала доволно време да создаде заштита во организмот.

Гледај видео 03:31

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување