1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Списокот со новата влада стаса во Собрание

ДТЗ
11 јануари 2022

Мандатарот Димитар Ковачевски го достави составот на новата влада до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Приоритет на новиот кабинет ќе биде справувањето со енергетската криза.

https://p.dw.com/p/45O3S
Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мандатарот Димитар Ковачевски го достави составот на новата влада до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој се очекува деновиве да закаже седница за гласење на новиот премиер и министри. Приоритет на новиот кабинет ќе биде справувањето со енергетската криза. Мандатарот Димитар Ковачевски, на прес-конференција во Собранието порача дека втор приоритет ќе биде задржувањето на животниот стандард на граѓаните и на компаниите и  исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти.

Во новата влада ги нема имињата на министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Венко Филипче, Мила Царовска, Јагода Шахпаска и Ирена Стефоска.

Своите позиции и во новиот владин состав ќе ги задржат Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи, Благој Бочварски во Министерството за траснпорт и врски и Фатмир Битиќи како вицепремиер за економски прашања. Досегашниот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски останува во Владата како министер за земјоделие, а Бојан Маричиќ од Министерството за правда заминува на нови задолженија како вицепремиер за евроинтегреции. Нов министер за правда ќе биде професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Никола Тупанчевски, а Славјанка Петровска ќе биде новата министерка за одбрана.

Добри перформанси

Ковачевски вели дека се одлучил да задржи дел од старите министри, бидејќи тие покажале добри перформанси во досегашното работење.

„Имаме нови имиња, ротации и задружување на министерските места. Оние кои ротираа во друг ресор се покажаа како ефикасни министри досега. За министрите кои ги задржаа позициите, анализите покажаа дека се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде управувале, се гледа дека ги имаат зголемено стандардите во работењето и ги реализирале капиталните и оперативните инвестиции на ниво на планот кој го имале за 2021 година“, вели Ковачевски.

-повеќе на темата: Мицкоски за ДВ: Во новата влада се истите лица чии политики беа поразени!

Поранешната пратеничка од СДСМ, Славица Грковска ќе биде вицепремиер за борба против корупција, а Бисера Костадиновска-Стојчевска од Битола е предложена за нова министерка за култура. Досегашниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири во иднина ќе биде прв човек на Министерството за образование. Владата ќе добие и тројца министри од Алтернатива: со здравството ќе раководи Беким Сали, нов министер за информатичко општество се предлага да биде Адмирин Алити, а Џемаил Чупи за министер без ресор, задолжен за дијаспората.