КОВАКС – како вакцините за сите ќе помогнат за глобално опоравување | Свет | DW | 27.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

КОВАКС – како вакцините за сите ќе помогнат за глобално опоравување

Додека во Гана пристигаат првите вакцини преку КОВАКС системот кој го раководат ОН, Западот е предупреден дека пост-Ковид економското опоравување зависи и од вакцинирањето во земјите во развој.

Гана е првата земја која во средата доби вакцини преку КОВАКС програмата која ја раководат Обединети Нации – механизам со кој треба да им се помогне на 92 неразвиени или земји во развој во справувањето со корона-пандемијата, а кој е финансиран од останатиот дел од светот. Илјадници километри на север, вакцинацијата во Германија се забрзува по спориот старт кој беше последица на доцнењето на испораките на вакцини од Бионтек/Фајзер и АстраЗенека. Новиов тренд треба да значи дека најсилната економски развиена земја во светот може да ги олесни ограничувањата во јавниот живот веќе за неколку недели, а не месеци.

Но Западот, сепак се соочува со обвинувања за „вакцинален национализам“ со оглед на тоа дека богатите земји даваат приоритет за вакцинација на сопственото население во трката повторно да се отворат илјадници бизниси кои беа приморани да се затворат и кои се на раб на банкрот. Притисокот во Германија е уште поголем во оваа изборна година со регистриран пад на економијата од 5% во 2020. Во вторникот, Светската здравствена организација, СЗО ги повика побогатите земји да не го потценуваат КОВАКС системот, со кој се поддржува глобална рамномерна распределба на Kовид-вакцините за да се осигура дека и земјите во развој ќе имаат пристап до 2 милијарди дози.

Гледај видео 00:47

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

Се предвидува недостаток на вакцини

И покрај минатонеделната најава на Германија за дополнителни 1,5 милијарди евра за КОВАКС системот, како и слични најави од останатите Г7 земји, првиот човек на СЗО, Тедрос Аданон Гебреjсус предупреди дека „џабе ви се парите ако нема вакцини да се купат.“

СЗО објави дека дел од високо-развиените земји продолжуваат да склучуваат билатерални договори со производителите на вакцини со што го поткопуваат КОВАКС системот и ќе предизвикаат намалување на дозите вакцини кои може да се купат.

Додека здравствените експерти го нагласија моралниот аспект за да се осигура рамномерна распределба на вакцините, на Светскиот економски форум кој годинава се одржа онлајн, беше нагласен економскиот аспект и потребата земјите во развој да не се остават на страна. 

Повеќе на темата: 

Бајката за рамномерна распределба на корона-вакцините

Коронавирус вакцини: ЕУ повторно го остави Балканот на цедило

Коронавирус: 175.200 дози вакцини на „АстраЗенека“ пристигнуваат во март

Сингапурскиот виш министер Тарман Шанмугаратам на една сесија изјави дека глобалното закрепнување ќе зависи од економска сила на земјите во развој, која изминатата деценија имаше уддел од една третина во глобалниот раст.

„Ако гледате перспективно во следните 10 до 20 години, тука лежат најголемите можности за раст“, предвидува тој, додавајќи дека во интерес на сите е да се осигура дека земјите во развој нема да бидат оставени да заостанат.

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот

Споро опоравување

Извештај на Меѓународната стопанска комора (ИЦЦ) кој беше објавен минатиот месец оди уште подетално предупредувајќи дека економскиот развој на развиените земји ќе биде запрен поради слабиот напор за вакцинирање во земјите во развој.

Се предвидува дека богатите земји може да загубат меѓу 4,3 и 9 трилиони долари во БДП во следните неколку години ако неразвиените и земјите во развој не се опорават целосно од последиците од пандемијата.

„Најголемиот удар е врз увозот каде нарушувањето на синџирот на набавки ризикува да предизвика голем застој во повеќето Г7 економии со околу 5% од БДП,“ вели за ДВ, Ендру Вилсон од ИЦЦ.  

Во однос на Германија, ИЦЦ предвиде три сценарија според кои БДП може да се намали меѓу 3,05% до 6,46%. Според проценките секое евро кое државата ќе го даде за набавка на вакцини за посиромашните нации ќе го зголеми идниот БДП на Германија за 20 евра.

Вилсон вели дека Германија е соочена со двоен ризик. Од една страна, нејзината извозно-базирана економија може да биде забавена поради „слабата побарувачка на пазарите во развој“, додека од друга страна притисокот врз домашното производство може да се почуствува врз секторите кои зависат од увоз, вклучително и малопродажба и градежништво.

ИЦЦ вели дека трошоците за зголемување на нивните донации во глобалните системи за вакцинирање се многу помали отколку економските трошоци поврзани со земјите во развој кои и понатаму се во делумен карантин.

Логистички кошмар

И покрај зголемените финансиски придонеси за КОВАКС, некои бизнис експерти сметаат дека глобалниот систем за вакцини и натаму се соочува со големи логистички предизвици. Одолговлекувањата кои ги најавија производителите на вакцини може да се само видливиот дел од проблемите со оглед на тоа дека производството тукушто започна.

Фајзер минатиот месец најави времено намалување на произведените количини во белгиската фабрика. Пожар и инцидент кој претпоставуваат дека се должи на саботажа, пак, го намали обемот на производство во постројките на АстраЗенека во Вејлс и Индија.

Гледај видео 02:37

Природен лек против Ковид-19?

„Синџирот на снабдување на производителите на вакцини во најдобар случај е неефикасен. Секако мора да се докаже во досега невидени околности”, рече Вилсон за ДВ, додавајќи дека бизнис лидери се прашуваат дали е доволно отпорен да се носи со притисокот за производство на милијарди дози. 

Натамошни прекини е можно да се случат со издавањето одобренија за други вакцини од страна на властите со оглед на тоа дека и други производители отпочнуваат со работа и побарувачката за одредени состојки витални за вакцините расте во невидена мера, предупредува тој. 

Дистрибуцијата е друг голем проблем кој може да ја загрози распределбата на вакцините во светот поради географски и инфраструктурни пречки во многу земји во развој. Затоа се бара поголемо вложување на приватниот сектор за транспортот на вакцини. 

ЕУ и САД исто така се соочуваат со критики за воведувањето контроли за извозот на вакцини со што сакаат да ги потпомогнат своите напори за имунизација на населението. Новиот претседател на Светската трговска организација, Нгози Окоњо Ивеала истакна дека пандемијата е нејзин врвен приоритет. Во интервју за Ројтерс минатата недела таа рече дека е од витално значење за членките да ги зголемат напорите да ги отстранат ограничувањата кои ја забавуваат трговијата со неопходни лекови и опрема.