Коалицијата СДСМ-ДУИ може да биде сѐ, но никогаш меѓуетничка | Северна Македонија | DW | 09.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Коалицијата СДСМ-ДУИ може да биде сѐ, но никогаш меѓуетничка

СДСМ е во длабок и тешко надминлив „минус” кај македонското избирачко тело. Но, спротивно на впечатоците, ниту ДУИ не е во далеку поповолна позиција. Пишува Арсим Зеколи

Ќе има ли предизборни меѓуетнички коалиции е прашањето кое „јавноста” со месеци сака да го наметне врз општеството или да го сокрие од него, зависно од интересите на засегнатите.

Да почнеме со опозицијата, која сѐ уште ги трпи последиците од дебаклот со еуфоријата на „веќе договореното”, како што А. Таравари триумфалистички најавуваше дека се собрани 62 гласа за рушење на владата на Заев. Оттогаш, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да даде барем привид на некаква соработка со албанската опозиција. Која, пак, чини сѐ да се дистанцира од каква било приближна блискост или наклонетост кон Ковачевски, Мицкоски и Апасиев.

Споредбено гледано, сегашната состојба во земјата е приближно слична на периодот пред победата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во 1998 година, со една битна разлика – лидерството. Христијан Мицкоски стори сѐ да докаже дека го нема политичкиот дух и дрскост на размислување на Љубчо Георгиевски. Додека пак Зијадин Села, колку и да се обвива во аурите на Арбен Џафери, сепак останува затворен во тесногарадата визура на лидер со харизма, но без визија. Оттаму, соработката или коалицирањето на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата е повеќе предизвик за разнишаните односи во самите партии, отколку восхитувачки потег кој ќе ги електризира гласачите и ќе ја потресе владата. И тоа е таа судбинска разлика помеѓу моралната и авторитативна неприкосновеност на Георгиевски и Џафери во сопствените партии од кои се градеше незапирливата победа на изборите ‘98.

На СДСМ му е тешко, на ДУИ не ѝ е полесно

Состојбата во владината коалиција е далеку поинтересна. Општ впечаток е дека она што пред години го крстев како влада на СДУИ, денес еволуира во Влада на ДУИ со Премиер СДСМ. Согласно тој впечаток, владата на Ковачевски и СДСМ опстојува благодарение на поддршката од ДУИ и сателитите од Алтернатива. Во рамките на тоа, сѐ почести се гласините дека СДСМ ќе биде приморана минусот од загубената поддршка во македонскиот кампус да го компензира преку (пред)изборна коалиција со ДУИ, или дури фактичко – иако не и формално - претопување на двете партии во една заедничка политичка структура. Со што би се направил историски исчекор во надминување на етничките поделби и би заживеал граѓанскиот концепт како нус-продукт на заевистичкото !едно општество за сите”. Тоа се желбите. Или замислите. Или нужност и чаре. Реалноста сепак не игра по истите ноти.

Вистина, СДСМ е во длабок и тешко надминлив „минус” кај македонското избирачко тело. Но, спротивно на впечатоците, ниту ДУИ не е во далеку поповолна позиција. Раководството на ДУИ сака пред јавноста да дава привид на масовна поддршка, но во реалноста е сосема свесна дека разликата која ѐ ја донесе победата на последните избори не беше поради растечката популарност на нивните политики, туку резултат на гневот на граѓаните од пубертетските кавги во албанската опозиција, инаетчиското галамење на Таравари-Реџепи кон крим-корупцијата на ДУИ и снисходливото, служителско молчење за крим-корупцијата кај СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Дистанцирањето на Зијадин Села и Билал Касами од двете македонски партии и зајакнувањето на антикорупцискиот вокабулар ги растоваруваа и Алијанса и Беса од несаканите багажи и им овозможува посилен кредибилитет за директни напади и ронење на севкупната агенда на Ахмети.

Годишнина без честитки од Приштина и Тирана

Вториот момент кој ја отсликува новата реалност во која се наоѓа ДУИ се случуваше пред наши очи и во времетраење од цели седум дена, со секој концерт и парада на одбележување на дводеценискиот роденден на партијата на Ахмети. Сите разголени пејачки, сите самопофални патетики на Али за Ахмети, сите скапи сценографии не успеаја да ја сокријат најпоразителната порака од прославата на јубилејот. За првпат, Ахмети и Груби прославија годишнина без ниту една единствена честитка од Приштина и Тирана – ниту од претседателските кабинети, ниту од владините кабинети, ниту од партиите од власта, ниту од опозицијата. Немаше честитки ниту од Питер Фејт, Никос Коѕијас, Весли Кларк. Од Хаг не стигна абер за Ахмети од неговите соборци Хашим Тачи и Кадри Весели, белким разочарани што ниту еднаш не ги посети во ќелиите од кои и тој самиот стравуваше! Ги немаше никаде ниту Изет Меџити, Беќир Асани, Хазби Лика и останатите кои му овозможуваа на Ахмети да се шепури со имиџот на „идеолошки магионичар”. Tој имиџ на Ахмети денес опстојува единствено во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и „јавноста”. Благодарение на нив, сведоци сме како Ахмети со повиците за борба против корупција ја мимикризира истата епизода на лустрација на соработниците на службите предводена од – о времиња, о судбини – синовите и внуците на еден од најстарите соработници на југословенските служби во Македонија.

Помина времето кога важеше зборот на Ахмети 

Причината за тековната тивка изолација на Ахмети од страна на Косово и Албанија, но и пошироко, интегративците сакаат да ја претстават како „консолидација на партијата согласно новите внатрешни реалности и достигнувања”. Вистината ќе да е малку поболна. Промените во Приштина, судбините на поранешните соборци на Ахмети од Косово, потресите во Тирана резултираа со потрезвено согледување на улогата на Ахмети во сеалбански контекст, вклучително и сомневањата за позадината и мотивите на добар дел од неговите „добри услуги”. Политиката е секогаш во добар дел интрига, макијавелистичко користење на маките на другите за стекнување сопствена добивка. Сѐ додека макијавелизмот на оговарање, пренесување муабети, ширење лаги и купување ден повеќе на сметка на другите не стане толку јасен и очебиен, што единствениот излез е во елиминирање и изолација. Како што сега му се случува на Ахмети. Кој мора да следи како претседателката на Косово и севкупната политичка елита во Приштина приредува свечен и сосема срдечен дочек за Мило Ѓукановиќ, но не наоѓа за сходно до го угости оној што мора сам да се фали дека „придонел за слободата на Косово”. Накратко, времето во кое зборот на Ахмети важеше во Приштина и Тирана е веќе поминат. Сега е време во кое вредат зборовите на неговите измамени сопартијци и нивните сведоштва за „услугите” со кои Ахмети ја цементираше сопствената автократија на сметка на сите други. Накратко, Ахмети и ДУИ се во тивок премин од субјект кон објект.

Но доколку СДСМ е во хендикеп, доколку и ДУИ веќе куцка на една нога, нели е тоа логичен предуслов кон меѓуетничка предизборна коалиција или претопување на двете партии? Да, секако. Со една мала забелешка. Тоа не би била коалиција заснована на меѓуетничка соработка, туку коалиција на привилегирани „контролабилни и предвидливи” Катици, за сѐ со „карт бланш“ амнестија од Кале. Таквата коалиција не е никаква потврда за напредокот во меѓуетничките односи, туку потврда за дегенерацијата на политичкиот естаблишмент и длабоката аморалност на нивните странски подржувачи. Како поинаку да се толкува коалиција помеѓу две партии, во кои главниот збор го водат еден човек кој бараше делење на земјата, Македонците ги нарекуваше славо-Македонци, човек кој имаше привилегија за хулиганство и соработка со партија со богата историја на невротична, шовинистичка омраза кон Албанците, олицетворена и персонализирана во личност која денес ламентира за глупоста на недозволување на образование на албански, а притоа го номинира креаторот на истата омраза за амбасадор во ООН?

Сплотувањето во СДУИ 

А притоа, ниту едните ниту другите со прст немаат спречено невини луѓе да не бидат измачувани за изнудување признание за терористички дела! Коалицијата СДСМ-ДУИ, сплотувањето во СДУИ може да биде меѓуклиентелистичко, меѓусилеџиско, меѓушовинистичко, меѓукриминално и меѓукоруптивно. Но меѓуетничко ниту е, ниту може да им биде подметнато на граѓаните на Македонија кои токму овие две партии ги имаат доведено до питачки стап. Меѓуетничкото, едноставно, не може да се гради од ликоои кои можат да бидат во ист мандат и шовинисти и помирувачи, националисти и граѓанисти, криминалци и судии.

- повеќе од авторот: Баучот на идентитетите над Источна Европа

Но кога тоа реалноста била пречка за наметнување дипломатски фантазмагории? Длабоката компромитираност и криминализираност на првенците на меѓуетничкото нема да биде пречка за – ако треба – и насилно втерување на „граѓанското”. Не треба премногу мудрост да се забележи дека и таа операција на фиктивно меѓуетничко коалицирање и диктирање „Отворен Балкан” е дел од пакетот на „нормализација” на земјата и регионот диктирана од САД, пред препуштањето на жешките компири во скутот на ЕУ и Германија. Во случајот со меѓуетнизирањето во Македонија, пристапот на САД е диктиран од претходното елиминирање на вистинските „непредвидливи и неконтролабилни” носители на процесите на меѓуетнички дијалог надвор од стегите на СДСМ, ДУИ, ВМРО. И, нивна сегашна супституција со „предвидливи и контролабилни” имитатори на дијалог и меѓуетничка соработка, со однапред искалкулирана шема на поделби на тендери, фондови, субвенции.

- повеќе од авторот: Од Брегзит до Брисоут: Европа среде Сцилите и Харибдите на Макрон

Во случајот со „Отворен Балкан”, наметнувањето на наративот за слободни граници, економски бенефити, ивестииции, пазари е модерна верзија на „џамлии и стакленца” за балкански Абориџини и вошливи ќебиња за нивните поглавици. Вистината е повторно малку поинаква. Инвестициите и економијата не можат да бидат изговор за неволноста на САД да ги процесуираат „контролабилните и предвидливи” коруптократи, од кои зависи спроведувањето на нивните проекти. Искуствата на САД од Блискиот Исток се потсетник дека Арапската пролет не се случи поради недостаток на инвестиции, енергенси, гранични премини, туку поради неподносливата неказнливост на - од нив - спонзорираните автократи.

- повеќе од авторот:  Духот на Малта над Белата палата

Ваквиот пристап на САД во nation building во Македонија и regional cooperation во регионот е однапред осуден на катастрофален епилог, диктиран од неминовната поделба и конфронтација која ќе следи. Како последица на наметнат судир помеѓу колонијалната автократија, условена од дипломатски гарантираната неказнивост и националната автократија, куражена од поривот на граѓаните за казна и одмазда. И така ќе остане. Сѐ додека некој во САД не смогне сили и не си ја прочита сопствената Декларација на независност. Со посебно внимание врз ставката за „потрагата по среќа”. И нејзината корелација со масовниот егзодус на младите од земјите со „фантастични економски успеси”.