Клучен момент за договор: Лидерите седнаа на заедничка маса! | Северна Македонија | DW | 14.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Клучен момент за договор: Лидерите седнаа на заедничка маса!

Од лидерите на четирите партии се очекува да постигнат финален договор за излез од кризата, врз основа на рамката договорена на 2 јуни. Прогнозите за успех засега се умерени

Дојде клучниот момент за заедничка лидерска средба, на која се очекува да биде постигнат финален договор за окончување на македонската политичка криза. Во резиденцијата на шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав, претходно завршија и одвоените и заедничката средба на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. На разговорите Заев беше придружуван од заменичката Радмила Шекеринска и Рената Десковска, а Груевски од министрите Никола Попоски, Никола Тодоров и Зоран Ставрески. Детали од средбата не се соопштуваат, но извесно е дека двете страни се под силен притисок да прифатат компромис, во интерес на државните интереси и евроатлантската перспектива на земјата. Според извори упатени во преговорите, копјата досега се кршеле по прашањето колку месеци пред изборите премиерот да се повлече од функцијата и дали барем на чело на МВР, еден од четирите ресори кои СДСМ ги смета за клучни во контекст на изборите, треба да биде именуван кадар прифатлив и за власта и за опозицијата.
При влегувањето во резиденцијата на ЕУ, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на новинарско прашање дали ќе има договор, кратко одговори: „Ќе има“.

Сите на „зелена маса“

Умерен оптимизам владее откако по 17 часот на заедничка маса седна комплетниот преговарачки состав - лидерите на четирите најголеми парти - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, кои треба да постигнат финален договор врз основа на рамката договорена на 2 јуни- транзициски период во кој ќе се спроведат итни реформи во клучните сфери, како и организација на влада што ќе спроведе предвремени парламентарни избори најдоцна до април 2016 година. Со оглед дека многу рокови предвидени во Договорот од 2 јуни веќе се пробиени, неизвесно е дали терминот за избори ќе остане ист или ако се постигне договор - можеби ќе биде поместен соодветно на доцнењето.
Доцна попладнево се очекува лично Хан да го објави исходот од разговорите реализирани во проширен состав, на кои, покрај амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав кои и досега го мониторираа преговарачкиот процес, присуствува и европратеничката тројка - Ховит, Вајгел и Кукан. Тие беа првите олеснувачи во разговорите за излез од македонската политичка криза. Токму во фактот дека еврокомесарот дојде во придружба на европратениците, аналитичарите гледаат сигнал дека европското друштво нема да се врати во Брисел без постигнат договор.

Тежок ден на еврокомесарот
Долг и фреквентен ден имаше еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој во изминатите два месеца е медијатор во преговорите на македонската лидерска четворка. Тој уште утрината ја започна серијата тет-а-тет средби со партиски лидери во седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје, каде група граѓански активисти го дочека со транспаренти „Нема прaвда, нема мир“.
Хан во 9 и 30 часот најпрво се сретна со претседателот на ДПА, Мендух Тачи, а потоа и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Денеска е многу значаен ден за Република Македонија. ДУИ ги даде своите предлози за решавање на кризата. Но, не би било во полза на решението ако сега ги претставам сите опции. Најважно е сите партии да се надминат себе си и државните интереси да ги стават пред партиските“, порача Ахмети по средбата со Хан.
Уште синоќа, веднаш по пристигнувањето во Скопје, Хан јасно ја соопшти целта на посетата.
„Овде сум да работам и да го олеснам постигнувањето договор, со цел да и се помогне на земјата да ја задржи во живот евроатлантската перспектива. Сите треба да се подготвени, бидејќи се работи за иднината на државата, а не за лични интереси“, изјави Хан. Претходно на својот Твитер-профил тој напиша: „Клучни моменти за водачите да се согласат за излез од политичката криза“.

Апели за договор
Порака да се почитува Договорот од 2 јуни, како основа за конечен договор, вчера упати и американскиот помошник државен секретар, Викторија Нуланд, за време на посетата на Скопје.
„Тоа е во најдобар интерес на Македонија и во интерес на силна трансатлантска траекторија на вашата земја“, порача таа.
На постигнување договор за излез од кризата, денеска од маргините на преговорите за Иран во Виена, повика и министерот за надворешни работи на Германија, Франк - Валтер Штајнмаер.
„Би било штета, а и чекор назад за целиот регион на Западниот Балкан, доколку политичката криза во Скопје, која трае извесен период, би го отежнала натамошниот пат на земјата кон евроатлантските структури. Но, тоа не смее да биде последниот збор. Затоа ги повикувам сите страни сега да ги приближат ставовите и да учествуваат на денешните преговори на комесарот Хан, со цел да се надмине кризата и да се одржат избори кои на сите им обезбедуваат исти можности“, порача Штајнмаер.

Реклама