1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон се бори за реизбор на Обама

Ридигер Паулерт /афп/ Е. Милошевска Фиданоска6 септември 2012

Екс-американски претседател Бил Клинтон јасно се заложи за реизбор на Обама, на партискиот конгрес на демократите во Шарлот рече: „Сакам да го номинирам човекот кој нанадвор делува ’кул’, но во себе гори за Америка“.

https://p.dw.com/p/164BB
Фотографија: Reuters

Извиците на воодушевување одвај запреа кога претседателот Барак Обама на вториот ден од партискиот конгрес на демократите во Шарлот, се качи на бината по говорот на поранешниот претседател Бил Клинтон и го прегрна срдечно. Знак на пријателство, но и на благодарност за силниот говор на Клинтон, во кој тој повика на реизбор на Обама.

Клинтон рече дека сака Обама побторно да биде претседател на САД и гордо го предлага за носител на стандардите на Демократската партија.

Клинтон ја стави сета своја политичка тежина на вагата. Тој ги фалеше економските успеси на Обама и го бранеше од нападите на републиканците.

„Го номинирам човекот кој спречи пад во економска депресија и не‘ изведе на патот на опоравување.“

Barack Obama Ankunft Charlotte
Фотографија: Reuters

„Состојбата е многу подобра“

Бил Клинтон е се‘ уште исклучително популарен во својата партија, но и надвор од нејзе. Тој ја искористи таа популарност и ја критикуваше економската програма на републиканците дел по дел. Обама, рече тој, ја презеде земјата во една многу тешка фаза:

„Слушнете ме сега - ниту еден претседател, ни јас, ниту кој и да е од моите претходници немаше да може да ги отстрани штетите кои ги најде Обама кога ја презеде функцијата.“

Michelle Obama Ankunft Charlotte
Фотографија: Reuters

Состојбата е сега многу подобра, нагласи тој, претставувајќи го Обама како човек кој бара компромиси:

„Една од главните причини за реизбор на Обама е што тој е секогаш подготвен на конструктивна соработка. Тој назначи републиканци за министри за одбрана и за сообраќај, тој дури ја назначи и Хилари за министер за надворешни работи.“

Американците, како што нагласи Клинтон, се исправени пред јасен избор, односно мора да се прашаат во какво општество сакаат да живеат - во општество какво што сакаат републиканците и во кое победникот добива се‘ или во општество какво што си претставуваат демократите и во кое благосостојбата се дели?

Кавга околу локацијата

Барак Обама својот голем настап на конгресот на демократите го има денеска. Прво неговиот говор требаше да се одржи на стадион со 74.000 места, но поради невремето кое се заканува, Обама сепак ќе зборува во арена во која има место за 20.000 посетители. Републиканците ваквиот потег го толкуваат поинаку и тврдат дека промената на местото не е направена за да не се загрозува безбедноста на присутните, туку затоа што наводно стадионот немало да се наполни. Кавгата околу местото на одржување на говорот е најновата потврда на очекувањата дека оваа претседателска трка ќе биде тешка и ќе се води со сите средства.