1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон: по поразот не сакав да излезам од дома

БГ
17 ноември 2016

Хилари Клинтон за првпат јавно проговори за исходот од претседателските избори во САД, признавајќи колку тешко и паднал поразот. Таа ги повика своите симпатизери да бидат силни во ерата на Трамп

https://p.dw.com/p/2SoL7
USA Hillary Clinton
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Во првиот јавен настап по изборите Клинтон им порача на своите симлатизери „никогаш да не се предаваат“.
„Знам дека ова не е лесно. Знам дека во изминатата недела многумина се прашуваа дали Америка е земјата која мислевме дека е“, рече Клинтон на настанот организиран од Детскиот одбранбен фонд, каде што ја започна својата кариера. „Но ве молам слушнете ме кога велам: Америка е вредна за тоа“.

„Зависи од секој од вас поединечно да продолжите да работите за да ја направите Америка подобра, посилна и пофер“.

Клинтон не го спомена по име новоизбраниот претседател, и само накусо се осврна на контроверзните политики кои го поттикнаа неговиот подем до Белата Куќа.

Повеќе се фокусираше на иднината барајќи од своите приврзеници да „останат ангажирани на сите нивоа“.
„Потребни сте ни. На Америка и е потребна вашата енергија“, рече таа.

Изненадувачкиот пораз ја фрли во криза нејзината партија, а либералното крило ја обвинува кампањата на Клинтон дека не успеала да испрати повеќе популистички економски пораки. Во приватни разговори со донаторите и со функционери на Демократската партија, Клинтон ја префрли вината за поразот врз одлуката на ФБИ повторно да го отвори случајот со користењето на нејзината службена електронска пошта.

Во говорот, Клинтон не презема одговорност за евентуални пропусти кои можеби ги сторила за време на изборната кампања, иако призна дека изминатата недела не била лесна.

„Неколку пати изминатава недела единствено што сакав да направам е да се свијам со добра книга или со нашите кучиња и никогаш повеќе да не ја напуштам куќата“, призна таа.

На претседателските избори во САД, Клинтон доби речиси еден милион гласови повеќе од републиканскиот ривал Доналд Трамп, но убедливо загуби во трката за делегатски гласови.

Победата на Трамп предизвика серија протести во повеќе градови во САД и загриженост ширум светот.