Климакс без катарза | Македонија | DW | 23.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Климакс без катарза

Доколку минатите три години во овој период се двоумевме дали треба одмазднички да влетаме во Владата или Собранието, темата сезонава е дали ни следува вонредна сосотојба или пак „спонтано” испровоцирани граѓански судири.

Како во секој добар трилер, расплетот на нашата криза се одолговлекува и одложува сѐ додека не се расветли секој од актерите и околностите кои довеле до злосторството. Додуша, ни недостасува драматичниот саундтрек со кој приказната нѐ предупредува и подготвува за неминовната катарза која следи на крај. Дали виновникот ќе преживее со лисици на рацете или ќе се реши антихеројски да загине за жив да не се предаде? И дали правдата ќе биде задоволена или пак во последната секвенца нечија пакосна насмевка ќе ни даде до знаење дека илузијата повторно ја сокрила вината?

Македонија веќе има ветеранско искуство со сезонските плими и осеки на тензии, систематски индуцирани според потребите на политиката. Втора ли е, трета или веќе четврта година ли е што пролетта ни ги полни улиците со толпи народ во име на каузата на денот? Доколку се поведеме според тие искуства од минатото, ние сме сега сред мартовските луди Иди кои ќе се пролонгираат до длабоко во април, следени од климактеричниот мај и замрени во свежите преговарачки вечеринки на јуни. И така натаму, до есенскиот турнус на предбожиќни потресувања со кој се заокружува циклусот и засадува семето на следната рециклирана криза. 

Доколку минатите три години во овој период се двоумевме дали треба со факели и срчи одмазднички да влетаме во Владата или пак во Собранието, темата на оваа сезона е дали ни следува вонредна сосотојба или пак „спонтано” испровоцирани граѓански судири. Поведението на Иванов како последен (после Томислав Николиќ) реликт на посткомунистичката митоманија на балкански гуслари заталкани во ерата на бордовски бизнис-менаџмент со политиката, секако дава причина за двоумење дека таквата можност не е сосема исклучена. Дотолку повеќе што слабите и во коски страшливите лидери – ако Иванов воопшто може да се смета како таков - секогаш верувале дека спасот за сопствената бескрвност, безрбетност и карактерна несигурност ќе го сокријат под туѓ шлем, дебела чизма и стројна униформа.

Кризата извира од политичката врхушка

Проблемот со вонредната состојба лежи во тоа што - сем нејзината привлечна мрачност - како инструмент на разрешница нема логична заснованост, ниту понуда за разрешување на состојбата. Нема логика, бидејќи и покрај сите напори да нѐ убедат во спротивното, кризата и тензиите не извираат од општеството поделено и раскарано до коска, туку од политичката врхушка на власт. Со оглед на тоа, прогласувањето на вонредна состојба е незаслужена и неиспровоцирана брутална казна врз граѓаните и амнестија за политичката братија која, дал врз полициски штит или под аура на жртва, ќе си искамчи свој дел од ќарот. Вториот проблем е немањето понуда за разрешување на ситуацијата, како во делот на организмот кој ја генерира кризата и начинот на кој истиот ќе се излечи. Поради што прогласувањето на вонредна состојба во нашата ситуација ќе наликува на хируршка операција врз генетски наследена болест запишана во национал-политичкото ДНК.

Нелогичноста на преземањето на таков драстичен чекор двојно се надополнува со реалните последици кои ќе уследат, децении и генерации по ред. Македонија, сегашна, па и во рамките на федерацијата, нема историски искуства врз кои би ги базирала емпириските просудби за последиците кои би уследиле. Но, искуствата од другите простори упатуваат предупредувачки на тоа дека вонредната состојба може да се прогласи еднаш, но во реалноста таа никогаш не може да се отповика и останува во перманентната зла памет на народот, општеството и семејството.

Вонредната состојба цели кон тоа да биде насилно индуцирана историска пресвртница во судбината на една држава или нација. Искуствата од другите земји упатуваат на тоа дека таа како таква едвај може да се смета единствено од далечна перспектива после изминати педесет или сто години. Но и тоа во специфични услови, кои кај нас не се присатни. Во наши прилики тоа би подразбирало финална и неизлечива ерозија и на последните институции од каква-таква доверба и сплотеност во очите на граѓаните кои таквиот акт (некои порано, другите со малку задоцнета памет) ќе го интерпретираат како интервенција на институциите на безбедноста во прилог на интересите на организираниот криминал и владејачката елита. Вклучително и опасноста што со оглед на нашата сегашна ситуација, самото прогласување наместо кон спречување на замислената опасност, всушност ќе има контраефект и директно ќе придонесе кон можноста за предизвикување на граѓански судири. Т.е. токму тоа што заговарачите на идејата за прогласување вонредна состојба го користат како провиден аргумент во прилог на исчашената логика на очувите на нацијата. И тоа е само предвидливо предвидливиот аспект на таквата состојба. За предвидливо непредвидливите опасности и непредвидливо непредвидливите последици – не е упатно да се тревожи јавноста. Колку и да се реални.

Горки искуства

Искуствата од последните две децении упатуваат (но не смеат да се земаат како здраво за готово) на тоа дека опасноста од граѓански судири е мисловна именка за реалните партиски инттереси. Најголемите потреси низ кои оваа земја има минувано – од Бит Пазар 94, Гостивар 97, конфликтот 2001, па сѐ до Куманово 2015, упатуваат кон заклучокот дека потенцијалот за граѓански судир донекаде тлее во меѓуетничките односи според паритетот власт-опозиција, и во помала мерка во меѓупартиските односи. Но повнимателното просудување за тие исти инциденти дава причина за констатација дека во позадина се справуваме со феноменот „Перманентно Кале 2012” за освојување на власта (2001) или дефокусирање на јавноста од периодичните социоекономски були во кои владејачките партии циклично не заглавуваат (Гостивар 1997). После сите горки искуства со тестостеронски залети и болни треснувања од земја, сакам да верувам дека граѓанството полека се прилагодува кон коегзистенцијата на ненадминливи несогласувања како фактичка состоба, при што помирувањето со реалноста не е безболна, но секако помалку трагична од егзалтираното бивање херојски пион за туѓи интереси.

Културата на пролетни шарени или црни променади низ булевари затоа, колку и да е веќе-виден-филм без вистински жар и дух, е секако логичен рефлекс на таа состојба во која набилданиот тестостерон се празни низ вокални насилства и ритуали на алфа-мажјаштво во период на парење за политички функции. Можеби иритирачки и досаден феномен, но секако поприфатлив и порационален маскенбал, во споредба со крвави пирови инспирирани од заболени и заплашени умови. Колку и да сакаат да не убедат во спротивното, поведението на атаманите од политичките кампуси во позадина на ривалските кампуси кои внимателно избираат да не чекорат по иста маршрута, упатува на заклучокот дека позади громогласните удирања во гради сепак доминира свеста дека играчката не смее да премине во плачка. Башка, кој вели дека Груевски и Заев сѐ уште не се слушаат и беседат по телефон како што тоа „миротворно превентивно“ го правеле пред изборите?

За претпоставување е затоа дека пред нас повторно ќе се одвива сценариото на подигање влогови, кое ќе кулминира со некој доцно-пролетен политички климакс според порано видените сценарија. Безизлезноста во кој се имаат донесено партиските водства ги принудува низ демонстративни паради да ја затскриваат горливата потреба за некаква повторна Deux Ex Machina интервенција во која некој странски дипломат ќе треба да ги спасува од „пушти ме бе, ќе го скршам“ чаталењето пред сопствените фанови. Но времето си го чини своето и бескрајниот серијал на „Ѓекна на умирање” веќе ја нагризува скрамата на илузијата и принудува на соочување со малата тајна на големата политичка кујна - дека Македонија има доволно политичари за судирање и кризи создавање, но апсолутно нема лидери и авторитети за разрешување на состојбите и градење на иднини. И затоа климаксот ќе биде политички инструмент за менаџирање на кризата преку испуштање на пареа од зовриениот општествен сад, но не и разрешница на општествениот грч во кој овие полулидерства нѐ имаат заглавено. За тоа ќе е потребна катарза на општеството созреано надвор од радиусот на парцијални политички влијанија и жедно за вистински промени.     

 

DW.COM

Реклама