1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Кица Колбе- „Витезот и Византијката“

14 ноември 2020

Новиот, петти по ред, роман на познатата писателка и наша колумнистка Кица Колбе од понеделник, 16 ноември, ќе се најде во продажба во книжарницата на ИЛИ-ИЛИ. По тој повод, објавуваме мал извадок.

https://p.dw.com/p/3lGcf
Universität Bonn | Uni Bonn Hauptgebäude
Фотографија: Volker Lannert

Приказната  во романот „Витезот и Византијката“ се одигрува во Бон, Рим и во едно гратче близу Фиренца, во Тоскана. Главните личности во романот се докторанти по филозофија и историја на уметноста на Универзитет во Бон.

Застана крај отворениот прозорец. Погледна удолу, во метежот на малечката и тесна улица. Од кујната на траторијата, во приземјето на соседната зграда, прегреаниот летен воздух ги носеше угоре мирисите на пржена риба и шкампи, на рузмарин, босилек и оригано, на капучино и сладолед од ванила. Го сакаше богатството од мириси во воздухот на италијанските градови, во секое годишно време. Се загледа отсутно во толпата од туристи отспротива, крај постојката на трамвајот. Неколку метри понатаму, во сенката на старо дрво со густа, широко разгранета крошна, стоеја тројца млади мажи. „Мора да се студенти“, си помисли, расеано гледајќи во нив. Знаеше, во близината имаше неколку факултети. Младите луѓе беа свртени со грбот кон зградата, во која тој стоеше крај прозорецот. Одеднаш, нешто во глетката го привлече.Тројцата млади стоеја потпрени еден до друг. Едниот ја имаше положено раката врз рамената на својот колега. Така правеше и Себастијан, си помисли. Себастијан Бауман му беше колега на студиите во Бон. Даниел ги гледаше восхитено младите луѓе. Тие зрачеа спонтаност и леснотија, слобода и страст за живот. Во тој миг едниот од нив се упати кон трамвајската постојка. Потоа се врати и застана пред другите двајца, во сенката крај стеблото. Се гледаше само неговиот насмеан профил. Како да разговараше со некого што стоеше до стеблото. Му стана непријатно да продолжи да ги набљудува. Полека се повлече само еден чекор од прозорецот, во внатрешноста на собата. Неколку минути ги набљудуваше младите луѓе отстрана, кришум, преку ширум отвореното прозорско крило. Сепак, не можеше многу да види. Пак пристапи кон прозорецот. Тие уште стоеја под дрвото. Еден од нив се сврти, направи неколку чекори во негов правец, кон улицата, со мобилниот на увото.

Дури тогаш му падна в очи девојката со долга, костенлива коса, темен тен и жар црвени усни. Таа стоеше потпрена на стеблото. Очите ѝ ги криеја големите црни очила за сонце. Очигледно тројцата мажи сето време разговараа со неа. Таа стоеше спокојно крај стеблото, со рацете прекрстени зад грбот. Тенката ткаенина на нејзиниот жолт летен фустан, кој стигнуваше само малку под колениците, како да трепереше и при најмалото движење. Не беше свртена кон двајцата младичи што стоеја пред неа, туку стоеше некако настрана, со поглед во далечината.Како да не ја интересираше тоа што тие зборуваа. Девојката зрачеше нешто што му се пристори познато. Тоа дури силно го допре. Тој го знаеше добро тој арогантен поглед на отсутна присутност. Целата појава на младата жена му се стори веќе видена. Тогаш, како од голема далечина, му долета во умот нејзиниот лик. „Да! Така гледаше таа“, проговори нешто во него. Помислата на Византијката по десет години разбуди во него виор од чувства. Возбуда и тага, гнев и вина, одбивност и привлечност. Сепак, најсилни беа тагата и вината. Не знаеше што се случи со неа. Не знаеше дали таа ја преживеа несреќата. Никој од тие со кои контактираше откако остана во Италија не го спомнаа повеќе нејзиното име. А тој не се осмелуваше да праша за неа. По некое време поверува дека му успеа да ја заборави.А сега, неочекувано, за миг му се пристори дека таму, долу, крај улицата, во сенката под дрвото, навистина стои таа. Наталија Поленак. Византијката. Заборави во истиот миг каде се наоѓа.Чувствуваше дека двајцата млади мажи мора да се Јоханес и Андреас, неговите другари во Бон. А дека младичот што зборуваше во мобилниот е тој самиот.Иако тој беше русокос, а момчето имаше црна, кадрава коса, долга до рамената, сепак се препозна себеси во него. Даниел носеше малечки метални тркалезни очила, зад кои бистриот поглед на сините очи стануваше уште поблаг.Имаше коскесто долгнавесто лице, правилен нос, ниту долг ниту детски прчест, сензуални, јадри усни и остра брада. Висок и виток беше, со долги нозе и широки рамена. Уште како студент милуваше налето да носи убави ленени кошули, како темносината што ја носеше и тоа утро. Неговиот изглед беше изразито продуховен. Косата му беше и тогаш на возраст на римскиот студент, како и денес, потстрижена рамно. Му стигнуваше само некои три прста под ушите. Уште ја имаше младешката навика секои пет минути да поминува со прстите низ густата коса, во која веќе се беа појавиле првите сиви влакна.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
„Витезот и Византијката“ е петти роман на Кица Колбе. Фотографија: Privat

Сакаше да се препознае себеси во непознатиот студент. Особено по тоа што сињора Канторини му го кажа за професорот. Вчудовиден, сфати дека посакува веднаш, во истиот миг, да е пак заедно со сите нив, колегите и другарите од студиите. Да не се во Рим, туку во Бон.А со нив да е и професорот! Зошто си го посакува тоа, се праша, радосен, но, истовремено, исплашен од самата помисла? Нешто во него му одговори. „За да почне сѐ одново!“Како да почне сѐ одново кога тој не знае ниту дали таа воопшто е жива?Јасно му беше дека во метежот од туристи и римски студенти во универзитетскиот кварт тој ги бараше познатите лица од минатото.Или, можеби, сепак некој или нешто му ги покажуваше токму сега, кога стравуваше дека ќе го изгуби засекогаш еден од малкуте значајни луѓе во животот?

Не беше свесен дека сето време се џари во девојката под дрвото. Таа во тој миг ги тргна очилата за сонце. Му се чинеше дека со погледот ја допира кожата на нејзиниот долг врат. Врз него висеа големи, тешки обетки.„И таа секогаш носеше такви обетки“, се потсети. Го осети ветрот што ја галеше нејзината долга коса. При секој провев на благиот летен ветрец тенки перчиња од косата на непознатата девојка се креваа во воздухот и завршуваа врз јадрите образи. Како невидливи долги прсти на маж да го допираа нејзиното лице. Почувствува силна возбуда. Сладок трепет проструи низ него и ја разбуди секоја пора. Посака неговите прсти да се тие што го допираат нежно долгиот врат на девојката. Нешто чудно се случуваше со него. Како животот во него досега да беше во длабок сон, а сега се будеше со сета силина на копнежот по љубов. Младичот со долгата коса го стави мобилниот во џебот од фармерките. Тој пак пристапи кон тројката под дрвото.Чудно, тој потоа полека се сврти во неговиот правец. Како некој да му беше укажал дека непознат човек ги гледа отспротива, од отворениот прозорец. Момчето погледна угоре.Се загледа во него.Гледаше дрско, провоцирајќи го.Небаре му ги беше прочитал мислите. Даниел посака веднаш да се повлече од прозорецот. Ама со тоа само ќе признаеше дека сето време ги шпионираше. Затоа остана крај прозорецот. Го погледна младичот со срамежлива насмевка. Кимна, во знак на поздрав. Младичот му отпоздрави со широка, самоуверена и дрска насмевка.Таа значеше дека тој разбира зошто Даниел таму горе, крај прозорецот, не може да го одвои погледот од младата девојка под дрвото. Му стана непријатно. Сепак, не можеше да се сврти и да ја изгуби од видикот четворката. Му беше важно да ги гледа долго, за да разбере зошто толку го возбудува глетката. Кога се приближи звукот на трамвајот, студентите потрчаа кон постојката. Одеднаш посака и тој да појде со нив. Девојката одеше прва. Ги здогледа нејзините долги нозе во белите сандали, со високи потпетици. Потоа трамвајот застана на постојката. И нив ги снема од видикот! „Како да беа убаво привидение. Од едно време кога бев како нив“, си рече со тага. Полека се тргна од прозорецот. Во миг го виде својот лик отсликан врз стаклото на прозорецот како во огледало. Помина со прстите низ косата. Уште немаше четириесет години, а веќе се чувствуваше стар.

Во Тоскана живееше сам. Како што велеше Виторио, без маче, без куче, без жена, без деца. Мештаните веќе го викаа „il solitario“, „осаменикот“. Тоа еднаш му го откри Роберто, градинарот, кога прв и последен пат се обиде да му биде стројник да најде жена во Амбра. Одеднаш, во тие четворица млади што трчаа кон трамвајот, го виде животот како сцена во филм.Тој остана да чека, тие заминаа.Го фати ужас од помислата дека,како во сон, му поминаа десет години од животот. Можеби тие навистина ќе беа најубавите, како што постојано го опоменува Виторио.Студена, длабока тага и празнина му се сви околу срцето. Се сети дека девојката ниту во еден миг не погледна угоре, кон него. Сепак, знаеше дека таа следеше сѐ! Таа не мораше да се сврти и да погледне угоре, кон него, за да му стане јасно дека оваа девојка не е онаа на која мигновено помисли. Ненадејната силна желба во него непознатата девојка да е токму таа, Византијката, го зачуди и го збуни. Доволен беше погледот врз една загадочна безимена девојка за да посака таа да е една друга млада жена, онаа од времето кога тој беше како тројцата момци. Сфати дека токму тоа го фасцинираше кај римската четворка. Тие беа како нив! Тогаш, во Бон, пред десет години. И тие беа неразделната, прочуена четворка. Тој, Јоханес Клеман и Андреас Вагнер. Секако, и таа. Наталија Поленак. Иако, да беше по негово, таа не ќе беше никогаш со нив во кабинетот на професорот.Ама професорот Фон Блументал сакаше при секоја средба со него да биде присутна и новата колешка на постдипломските студии во Бон во летниот семестар 2004-тата.

Ова е петти роман на Кица Колбе. За романот „Снегот во Казабланка“ ја доби наградата на Утрински весник, „Роман на годината“ во 2007 година, а 2009 романот „Жените Гаврилови“ беше македонска номинација за наградата „Балканика“ и ја освои третата награда.