Киро Глигоров - личноста што ги поврза двата столба на македонската државност | Македонија | DW | 03.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Киро Глигоров - личноста што ги поврза двата столба на македонската државност

Го сметаа за „историја што чекори“, за жив споменик на цела епоха. Роден е на денешен ден, а на Македонија ѝ остави резултати кои не смеат да бидат заборавени

Мермерот, бронзата и големите пари потрошени за споменици, не се гаранција дека и почитта и културата на сеќавањето ќе добијат армирани темели. На тоа укажува односот кон споменот и делото на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), роден на денешен ден 3-ти мај.

Глигоров стапи на функција на 73 години, во еден исклучително турбулентен и пресвртен период за Република Македонија. Тоа е возраст на која неговите врсници времето вообичаено го поминуваат во редовни контроли на крвниот притисок, на престој во бања, играат шах, ги поминуваат мирните пензионерски денови во друштво на внуците, се одмораат по завршениот работен стаж... Глигоров ја немаше можноста за мирни пензионерски денови. Стапи на функција кога зад себе имаше 50 години поминати во Белград на најодговорни функции во поранешната СФРЈ, а пред себе голем предизвик - поставување на институционалните темели на независната македонска држава. Го сметаа за „историја што чекори“, за жив споменик на цела епоха - личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година. Тој не бараше да му се креваат споменици. Не нарачуваше негови фотографии да красат канцеларии на државни институции како што тоа денес го прават некои партиски лидери и бивши премиери. Не создаваше имиџ на пастир или светец. Не се лутеше кога во политички кулоари го нарекоа „стариот лисец“. Отворено зборуваше за критиките кои беа упатувани на негова адреса и не се претставуваше како безгрешен. И не беше безгрешен. Ни тогаш не беше табу да се зборува за негови одредени пропусти, што не значи дека треба да се заборават неговите важни резултати, особено оние по кои трајно треба да биде забележан во меморијата на македонскиот народ.

Kiro Gligorov (Dnevnik)

Историски моменти од создавањето на независната македонска држава во 1991 година, архивска фотографија

Живко Кондев, долгогодишен шеф на кабинетот на Глигоров, во една изјава за ДВ рече дека е потребно многу време да се набројат сите резултати на Глигоров, но доволно е да се истакнат и само неколку, по кои трајно ќе биде забележан во меморијата на македонскиот народ.

„За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација. Со државнички способности, мудрост и дипломатски такт, во најголема мерка ја водеше надворешната политика и успешно ги релаксираше меѓуетничките односи. Тој ѝ даваше тон и на генералната политика на Владата која требаше да решава многу сериозни прашања, но и на Собранието. Тој е најзаслужен што Македонија е единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва. Во исклучително тешка ситуација одбра Македонија да не биде 'ничија земја' и да стане членка на ООН, макар и со наметнатата описна додавка пред уставното име, а времето покажа дека и покрај многуте неосновани критики, тој не згрешил. Ако тоа не се направеше во 1993. година, лесно можеше да се случи Македонија сѐ уште да чека на прием во ООН, како што се најде на опашката за прием во ЕУ и НАТО, иако ги исполнува условите за тоа“, потсети Кондев.

Tod von Kiro Gligorov ehemaliger Präsident Mazedonien (Petr Stojanovski)

Глигоров преживеа атентат, неразјаснет до денес

„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“

Со овие зборови тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе референдумскиот резултат на граѓаните собрани на плоштадот во Скопје. Во сеќавање на неговите соработници, остануваат зборовите на Глигоров: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе!“

Во 1995. година година преживеа атентат кој до денес не е расветлен.

По завршувањето на двата мандата (1991 – 1999), автобиографската книга  ја наслови со изјавата од неговиот инаугурален говор во Собранието: „Македонија е се` што имаме“. Она што не треба да се заборави, е дека и Македонија имаше политичар од голем формат каков што беше Глигоров.

Историјата не почнува од „денес и сега“. Земја која држи до себе и до својата меморија, мора со достојна почит да се однесува кон личностите од најзначајниот период на нејзината современа историја.  Глигоров и неговите заслуги заслужуваат многу повеќе од поводно сеќавање.

 

DW.COM

Реклама