Кипар да не се инструментализира за туѓи интереси | Свет | DW | 28.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кипар да не се инструментализира за туѓи интереси

Во Швајцарија денеска почнуваат преговори за повторно обединување на Кипар. Постои многу голем интерес за решавање на кипарскиот конфликт, вели Авероф Неофуту, претставник на грчко-кипарската страна.

Дојче веле: Во изминативе децении беа направени повеќе обиди за решавање на кипарското прашање. Последен пат тоа се случи на почетокот на годината во швајцарското место Монт Пелерин. Колкава е подготвеноста на грчките и турските Кипрани овојпат да се дојде до решение?

Авероф Неофуту: Нашата страна сакаше, сака и е подготвена за решение. Само на таков начин е можно окончување на турската окупација на островот. Но, за танго се потребни двајца. Сѐ зависи од тоа дали Турција навистина ќе покаже политичка желба за решение. Тоа ќе се покаже при централните прашања - безбедноста и гаранциите. Ако и натаму инсистира да остане гарантна сила со право на интервенција и окупаторски трупи во земја на ЕУ, тогаш не треба веќе да се надеваме дека ќе биде постигнато решение. 

Турско-кипарската страна, спротивно на Вашата, сака турските трупи да останат стационирани на островот и Турција, заедно со Грција и Велика Британија, да остане гарантна сила, ако не за цел Кипар, тогаш барем за турскиот Кипар. Како да се надминат овие разлики?

Една од причините поради која турските Кипрани сакаат постигнување решение, е што во повторно обединет Кипар, ЕУ-правата би важеле за сите граѓани. Значи, ако го решиме кипарското прашање, тогаш за нас најголема безбедносна гаранција е Европската унија. Сите треба да се свесни за тоа. Претставете си само, Русија да ја гарантира сигурноста на Балтичките држави или на Полска. Како би го прифатиле тоа другите ЕУ-земји?

Сепак, кај двете страни постојат длабоко вкоренети стравови. Кај грчките Кипрани тие потекнуваат од турската инвазија во 1974. година, а кај турските Кипрани - на негативните искуства од 1960-те години, кога се чувствуваа угнетувани како малцинство. Не треба ли да се сфатат посериозно овие стравови и да се размисли околу модели кај кои двете етнички групи ќе го имаат потребното чувство на безбедност?

Секако. Ако турските Кипрани инсистираат на присуство на турски трупи како гаранција за да се чувствуваат безбедни, тогаш мора да имаат во обѕир како се чувствуваат грчките Кипрани, на кои стравот од турската инвазија уште им е во коските и не би сакале да се повтори слично искуство. Ако се усогласиме околу принцип дека сигурноста на една етничка група не смее да биде на сметка на другата, во рамките на ЕУ постојат средства кои можат да бидат применети во функција на безбедност на сите граѓани на обединет Кипар.

Deutschland, Aferof Neofytou, Vorsitzender der konservativen griechisch-zypriotischen Partei DYSI (DW/P. Kouparanis)

Авероф Неофуту се надева на повторо обединување на Кипар

Но, разлики во позициите не постојат само во прашањата за гаранцијата и безбедноста, без оглед на повеќемесечните преговори на експерти од двете страни.

Преговараме за вкупно шест поглавја. Во поглавјата влада, ЕУ, економија и имотни прашања има голем напредок. Разликите тука се многу мали. Во врска со поглавјето територијални прашања, каде станува збор за тоа колкава треба да биде територијата на двата дела, секоја од страните поднесе свој план. Тоа е важен чекор, но недоволен, треба да се постигне согласност колкав процент од вкупната територија на Кипар припаѓа на секоја од страните и кои области од управата ќе бидат во надлежност на која страна. Единствено поглавје кое останува отворено е шестото, она за гаранциите и безбедноста. Кипарскиот претседател Никос Анастасијадис тоа многу пластично го објасни: од шест чаши, четири се речиси полни, петтата е полупразна, а во шестата нема ни капка вода, а таа е најважната.

Одлучувачки фактор за решавање на кипарското прашање, покрај двете етнички групи, е Турција. За разлика од другите две земји-гаранти, Грција и Велика Британија, Анкара има активна улога.  Во 2004. година Турција го прифати планот на тогашниот генерален секретар на ОН Кофи Анан за обединување на Кипар. Верувате ли дека овојпат ќе се случи нешто такво?

Ние сме многу силно заинтересирани за постигнување решение, за конечно да живееме во една нормална, обединета европска земја. Нема да прифатиме со кипарското да се поврзуваат други прашања, на пример односот меѓу ЕУ и Турција. Сакаме решавање на кипарското прашање за Кипар, а не негово инструментализирање за интересите на некоја друга држава.

Очекувањата од конференцијата во Кран Монтана во последните денови се опаднати. Ретко некој се надева на конечен договор. Доколку сепак дојде до него, како би се одвивале работите натаму? Ќе има ли следна конференција?

Во Швајцарија настапуваме со голема решеност, се надеваме во добрата желба на Турција. Ако ја покаже и ако постојат напредоци во прашањата за гаранциите и безбедноста, ќе останеме таму колку што е потребно за да дојде до сеопфатно решение за кипарскиот проблем. 

56-годишниот грко-кипарски политичар Авероф Наофуту од 2013. година е претседател на конзервативната партија ДУСИ (Демократски сојуз). Тој го наследи Никос Анастасиадис, кој беше избран за претседател на Република Кипар.

DW.COM

Реклама