Кипар бара спас во Брисел, Москва и во црквата | Европа | DW | 20.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кипар бара спас во Брисел, Москва и во црквата

Кипарските лидери денеска се во потрага по ново решение за финансиската криза, откако парламентот вчера го одби планот договорен во рамките на еврозоната. Европските лидери очекуваат итно решение.

Двајца кипарски министри денеска се во Русија на преговори за евентуален нов заем од Москва, додека во земјата претседателот Никос Анастасиадес одржа средба со претставници на меѓународната „Тројка“ - ММФ, Европската централна банка и Европската Комисија за можен „план Б“.

Банките во земјата се затворени веќе трет ден едноподруго, и прашање е дали воопшто ќе отворат до почетокот на следната недела, иако граѓаните можат на автоматите да извлекуваат помали суми готовина.

Должност на државите-членки на еврозоната е заедно да најдат решение за Кипар, откако парламентот во Никозија го отфрли планот за европска помош, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

„Кипар е наш партнер во еврозоната и затоа наша должност е да најдеме заедно решение“, изјави Меркел. Таа вели дека Германија сака да најде решение за Кипар, но тоа треба да биде план за корекции во банкарскиот сектор на островот. Додаде дека очекува да види каков алтернативен план ќе понуди Кипар за меѓународните кредитори за да спречи банкрот.

EU Gipfel Merkel PK 15.03.2013

Ангела Меркел

Новиот француски министер за буџет Бернар Казанове изјави денеска дека кипарската криза не ја загрозува стабилноста на еврозоната и ја повика Никозија да го обнови дијалогот со кредиторите по отфрлувањето на европскиот спасувачки план од Парламентот.

И покрај синоќешното негативно гласање во кипарскиот Парламент, францускиот министер го поддржува воведувањето на спорниот данок врз банкарските депозити над 100.000 евра во замена за кредит од десет милијарди евра.

„Богатството на црквата“ на располагање

Во истовреме во Москва се кипарскиот министер за финансии и министерот за енергија. Додека првиот одржува преговори со претставници на руското министерство за финансии за одредување на нови услови за постојниот кредит кој Кипар и го отплаќа на Русија, како и за нов заем, за вториот се шпекулира дека преговара за продажба на богатите наоѓалишта на гас на руски фирми. Руски извори досега потврдија дека преговорите за нов заем не биле успешни, но одбиваат да ги коментираат наводите за продажба на изворите на гас.

Zyperns Präsident Nikos Anastasiades

Никос Анастасиадес

По состанокот на кипарскиот претседател Анастасиадес со меѓународната тројка изостана официјално соопштение, но според информациите од Никозија, можен е резервен план со кој, наместо еднократно оданочување на штедните влогови во банките, би се обезбедиле средства преку приватизација на пензиските фондови и оданочување на филијалите на странски банки во земјата.

Како можен извор на средства за кипарската економија агенциите се почесто ја наведуваат и моќната Православна црква. Архиепископот Хризостомос веќе најави дека е подготвен да го стави на располагање имотот на црквата под хипотека за да се обезбедат средства со кои би се купиле државни обврзници.

„Богатството на црквата е на располагање на земјата“, изјави утрово Хризостомос по средбата со шефот на државата Анастасиадес.