1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеските туристи како „патувачки паричници“

Ј. Јуан/Б. Георгиевски27 февруари 2014

Сликата на гласни, непристојни Кинези кои плукаат по улици и патуваат во големи групи, со текот на годините исчезнува. Поради тоа, но уште повеќе поради полните новчаници, Кинезите стануваат омилени гости во Европа.

https://p.dw.com/p/1BGKS
Фотографија: Reuters

„Беше многу забавно да се вози велосипед во Штутгарт и на Алпите, под ведро небо, во прекрасната природа. Едноставно фантастично“, раскажува Миао Лилонг со сјај во очите. Овој 32-годишен Кинез по вторпат доаѓа во Европа. Тука ужива во чистиот воздух и во атмосферата во европските градови. Тој може да си дозволи вакво патување, како и многу други Кинези. Имено, според наодите на кинеското Национално туристичко биро, во 2013. година околу 97 милиони Кинези патувале во странство. Тоа е за 14 милиони повеќе од претходната година. Во Бирото прогнозираат дека во текот на годинава таа бројка може да достигне и повеќе од 100 милиони луѓе.

Јазични бариери

Јазикот и натаму им претставува најголем проблем на туристите од Кина.

Chinesische Touristen in Berlin
Кинеските туристи почесто патуваат во групи поради јазичните бариериФотографија: picture-alliance/dpa

„Јазичните бариери се најголем проблем при патување во Европа. Затоа мнозинството Кинези најчесто патуваат во групи, со водич“, вели Јианг Јији, раководител на одделот за меѓународен туризам во Кинеската туристичка академија. Но, и тој тренд полека се менува. „Сѐ повеќе Кинези се обидуваат самите да си го организираат патувањето. Притоа, во меѓувреме постојат и многу добри програми за преведување на паметните телефони, па и јазикот не е повеќе толку голем проблем“, вели Јији.

Сепак, кинеските туристи во Европа не се на добар глас. Тие важат за многу гласни и доста непристојни. Вообичаената слика за „нецивилизираниот“ кинески турист кој плука на улица или вика по келнерот во ресторан, кинеската влада се обидува да ја смени. Па така, минатата година во сила стапи првиот туристички закон во Кина. Тој се однесува на Кинези кои патуваат во странство.

„Групите кинески туристи од 30 или 40 луѓе се преголеми. И доколку сите зборуваат се создава и врева и тогаш особено упаѓаат в очи“, вели Волфганг Георг Артл, раководител на Институтот за истражување на туризмот во странство. „Од друга страна, во Европа сѐ почесто доаѓаат помали групи или поединци кои патуваат сами. Тоа се воглавно искусни патници и веројатно како такви не привлекуваат внимание и не ги доживуваат како Кинези“, вели Артл.

Патувачки паричници

А што ги интересира Кинезите најмногу во Европа? И во тој поглед трендот се менува последните години. Додека порано ги посетуваа културните и уметнички споменици, сега во прв ред сакаат да доживеат авантури. Сакаат да скијаат, да одат на фудбалски натпревар, или дури и да се возат по германските автопатишта. Артл додава дека Кинезите во Европа и не доаѓаат за да се одморат, туку трагаат по „егзотични доживувања“. „Фотографијата од Ајфеловата кула кај нив дома веќе никого не фасцинира, но доколку се вратат и раскажат дека посетувале курс за готвење или танц, сите ќе бидат одушевени. Тоа се нешта кои им носат углед во татковината“, вели Артл.

Pauschalreise für chinesische Touristen entlang der Märchenstraße
Еден кинески турист во Германија просечно дневно троши по 485 евраФотографија: Yuzhou Li

Сепак, многу време за уживање нема. Кинезите немаат на располагање долг период, но затоа имаат многу пари кои треба да ги потрошат во кус период. Уште во 2012. Кинезите ги кутнаа Германците од престолот на најголемите светски патници. Според кинеското туристичко биро, Кинезите во странство, на патување годишно трошат околу 102 милијарди долари, што е за околу 20 проценти повеќе од Германците. Затоа и не треба да изненадува нивниот прекар „патувачки паричници“.

Притоа, тие трошат без разлика на целта на патувањето. Дури и Миао Лилонг, кој одморот го минува на велосипед и во природа, пред да се врати дома оди на шопинг. „Јас всушност и не купувам многу, но морам многу нешта да им однесам на пријателите и роднините“, вели тој. Поради високите даноци во Кина, гардеробата на познатите фирми е далеку поскапа отколку во Европа. Просечниот кинески турист во 2012. во Германија трошел по 458 евра дневно, велат податоците на германската централа за туризам.