Кинеската надворешна трговија предизвикува загриженост | Економија | DW | 08.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинеската надворешна трговија предизвикува загриженост

Во првата половина од годинава сѐ уште изгледаше дека кинеската економија се стабилизира. Но лошите надворешно-трговски бројки на Кина, растечките долгови и слабата валута, предизвикуваат скептичност кај експертите.

Слабиот надворешно-трговски биланс предизвика нова загриженост за состојбата на втората по големина економија во светот. Според бројките на Царинската управа во Пекинг претставени денеска извозот на Кина во јули пресметено во долари опаднал за 4,4 проценти во однос на истиот месец минатата година. Со тоа извозот е за 1,4 проценти послаб од просечните очекувања на аналитичарите. Уште полошо се развиваше увозот, кој со минус од 12 проценти дури за цели 5 проценти не ги исполни очекувањата на пазарот. Уште во јуни падот беше неочекувано силен. Новите бројки потврдуваат дека кинеската економија која се наоѓа среде голема реорганизација сѐ уште не испливала од проблемите.

„Бројките навистина не се добри“, изјави економската експертка од Шангај, Је Тан. Извозот во јули, според неа, не бил уште полош, само благодарение на ниската вредност на националната валута, јуанот, која владата во последните месеци постојано ја девалвираше. Пресметано во јуани кинескиот извоз во јули пораснал за 2,9 проценти, додека увозот се намалил за 5,7 проценти.

Според последните анкети услужните дејности во земјата загубиле од полетот. Покрај тоа индустријата истотака доживеа неочекувани проблеми. Пред сѐ малите и средни претпријатија, според последните анкети се жалат на намалување на бизнис зделките.

Раст на кредит

Во вториот квартал кинеската економија сѐ уште покажуваше знаци на стабилизација зашто забележа раст од 6,7 проценти кој во споредба со истиот квартал минатата година како и со првиот квартал годинава беше неочекувано висок. Експертите меѓутоа имаат сѐ поголеми сомнежи во одржливоста на економскиот раст, со оглед дека тој сѐ остварува во прв ред со рапидно проширување на кредитите. Економистите стравуваат дека растечкиот должнички товар на непродуктивните државни претпријатија ќе им предизвика долгорочни сериозни проблеми на банките.

Поради силно растечкиот број на гнили кредити пред државниот сектор би можел да претстои болен период, кој би довел до тоа да мора да помогне самиот Пекинг но и да интервенираат и банките. Надворешната трговија покрај тоа останува под притисок поради генерално заслабнатата глобална економија и како и натаму ниските цени на нафтата.

Се топат девизните резерви

Инаку во минатиот месец повторно е забележан лесен пад на валутните резерви. Како што во саботата соопшти Кинеската централна банка тие во јули годинава изнесувале 3,2 билиони американски долари, што е за 4,1 милијарда помалку отколку во претходниот месец. Во целата мината година девизните резерви, кои пред сѐ потекнуваат од трговскиот суфицит на земјата, се истопиле за повеќе од половина билион долари. Тоа беше првото намалување на девизните резерви на Кина воопшто. Но и покрај тоа земјата располага со далеку најголеми девизни резерви во светот.

Реклама