Кинеската еуфорија во Дубровник | Економија | DW | 13.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Кинеската еуфорија во Дубровник

Грција стана членка на иницијативата 16+1, чиј состанок на врвот се одржа во Дубровник. Кина во последните десет години веќе вложи повеќе милијарди долари во земјите во источна и југоисточна Европа.

Она за што многу се шпекулираше пред состанокот на врвот меѓу Кина и земјите од централна и југоисточна Европа, официјално е потврдено вчера (12.04) во Дубровник: Грција стана членка на иницијативата 16+1, со што таа го менува името во 17+1. На самитот учествуваше и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Инаку, Кинезите од 2009 година до денес во Грција имаат вложено преку пет милијарди евра, повеќе од било која друга држава.

Оваа иницијатива е основана во 2012 година со цел поттикнување на деловните и инвестициски односи меѓу Кина и земјите од централна и југоисточна Европа. За Кина тие земји имаат посебно значење поради нејзиниот мегапроект Еден појас, еден пат, попознат како Нов пат на свилата, во чии рамки се предвидени милијарди инвестиции во пристаништа, патишта, пруги, телекомуникациски мрежи и аеродроми.

Најголеми вложувања во Србија

Кина во последните десет години веќе вложи повеќе милијарди долари во земјите од централна и југоисточна Европа. Најмногу пари влегле во Србија: повеќе од десет милијарди долари. На второ место е Унгарија (околу 4 милијарди), а на трето е Полска со околу 3 милијарди.

Во Дубровник беа присутни највисоките претставници на земјите членки, меѓу кои и премиерот на Република Северна Македонија – Зоран Заев, српската премиерка Ана Брнабиќ, црногорскиот премиер Душко Марковиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ- Денис Звиздиќ. И тие ја искористија средбата за билатерални разговори со претставници на кинески фирми и договарање нови зделки, во прв ред во инфраструктурата.

Кинезите го спасуваат Уљаник?

Хрватска досега оствари релативно скромни кинески инвестиции во вредност од 0,69 милијарди долари, но по овој собир очекувањата се големи. Се создава впечаток дека во Кина се гледа спасител на разнишаната хрватска економија. Изградба на Пељешкиот мост? Без проблеми. Голема инвестиција во хрватските патишта и пруги? Веќе договорено, исто како и хрватски земјоделски производи на кинескиот пазар.

Li Keqiang besucht Kroatien (picture-alliance/H. Jingwen)

Кинескиот премиер Ли Кечијанг како економски спасител на Балкан?

Круна на сѐ е можно спасување на бродоградилиштето Уљаник. Според хрватските медиуми, кинескиот премиер лично се заложил за оваа тема, а поконкретно ќе се разговара на состанок на претставници на Уљаник и на кинеската бродоградилишна фирма ЦСИЦ в понеделник во Загреб.

Повеќе:

Новиот пат на свилата и опасна инфилтрација на Кина во Европа

ЕУ плаќа, Кина гради - и заработува!

Критичарите предупредуваат дека бизнисите договорени со Кинезите често не се реализираат, како и дека не се работи секогаш за директни вложувања, туку за кинески кредити кои еден ден треба и да се вратат.

Премиерот вети отворање на кинескиот пазар

Паралелно со политичкиот состанок на врвот, во Дубровник беше одржан и деловен форум на кој учествуваа околу 1.000 претставници на фирми и банки од Кина и Европа. Активирана е и нова интернет платформа за координација на контакти меѓу мали и средни претпријатија.

Како и претходно на самитот ЕУ-Кина во Брисел, кинескиот премиер Ли Кечијанг и во Дубровник вети отворање на кинескиот пазар за европски производи и вложувања. А за да не го разлутат дополнително и онака сомничавиот Брисел, кој стравува дека иницијативата 17+1 би можела да внесе раздор во Европа, учесниците на состанокот во Дубровник најавија дека сите склучени договори ќе им ги дадат на увид на највисоките тела на ЕУ. Идниот самит на иницијативата 17+1 ќе се одржи во Кина.

 

DW.COM

Реклама