Кина и Русија - два нееднакви партнери | Свет | DW | 05.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кина и Русија - два нееднакви партнери

Во Кремљ се вели дека меѓу претседателите на Русија и на Кина постои хемија. Дали е така, ќе се покаже денеска - Владимир Путин и Ши Џинпинг се среќаваат во Санкт Петербург.

Во гласот на претседателот Путин, кога објави дека во 2018 година трговијата со Кина преминала волумен од 100 милијарди долари, прозвуче благ триумфален тон.

„Кина е наш стратешки партнер“, изјави тој на крајот на април при својата последна посета на Кина. Денеска тој повторно се среќава со кинескиот претседател Ши, овојпат на Економскиот форум во Санкт Петербург. Патем, ова е нивна 28. средба во рок од шест години.

За време на тридневната посета треба да бидат потпишани 30 договори за соработка. Самитот го подготви кинескиот амбасадор во Русија, Ли Хуи. На јавните настапи тој ја истакнува и добрата координација на Русија и Кина на дипломатско рамниште. Точно е, двете постојани членки на Советот за безбедност на ОН често ги извисуваат западните иницијативи. Тоа се случува кај обидите на Американците и Европејците да се постигне мир во Сирија или  да се поттикне демократијата во Венецуела.  „Ние отфрламе унилатерализам“, подвлекува Ли Хуи. Во превод: Пекинг и Москва се спротивставуваат на сѐ што им наликува на „американска хегемонија“.

Неурамнотежена трговија

Билатералната трговија меѓу Кина и Русија растеше и во првите пет месеци годинава, што двете влади неуморно го повторуваат. Но, барем во Москва останува премолчано колку неизедначени се двата партнери. Русија во Кина извезува пред сѐ суровини, како нафта, гас, јаглен или дрво. Пекинг пак на својот северен сосед му продава машини, сообраќајни средства, животни производи. Размената на стоки со Русија изнесува само 1,9 проценти од кинеската трговија, што е занемарлива бројка. За Кина многу поважни се пазарите во САД и ЕУ.

 Russland | Vladimir Putin und Xi Jinping auf dem Eastern Economic Forum in Vladivostok (picture-alliance/dpa/Photoshot/mcg/H. Jingwen)

Ши Џинпинг и Владимир Путин на средба во Владивосток, септември 2018 година

Обратно – кинескиот удел во руската надворешна трговија изнесува дури 15 проценти. Уште во 2010 година Кина ја замени Германија како најважен трговски партнер. По 2014 година Кремљ економски, а сѐ повеќе и политички, се ориентира посилно кон Кина и Азија. Тоа секако е последица и на западните санкции против Москва, кои во догледно време тешко дека ќе бидат ублажени, зашто т. н. Мински процес е заглавен.

Кохезија на Западот

Слично како што Москва ја смета за неправедна санкционирачката политика, Пекинг се жали на заканувачката трговска војна со САД. Кина и Русија се сплотуваат зашто се чувствуваат загрозени од Западот, смета деканот на Високата економска школа од Москва, Сергеј Караганов. За ориентација на Русија во правец кон Азија тој пледирал уште во 90-те години, потсетува тој во разговор за Дојче веле. Но, советот на Караганов во тоа време не наишол на слух во Кремљ. Претседателот Путин подоцна го вклучи него во својот советнички тим. Како и порано, голем дел од московската политичка елита и натаму има недоверба кон Кина. „Кремљ не става сѐ само на картата на Кина“, потенцира Караганов. Русија гради врски со Индија, Јужна Кореја, Јапонија и други азиски држави.

Оружје и инфраструктура

Русија и Кина соработуваат и на воен план. Во септември 2018 година беа одржани воени маневри под име  „Восток 2018“  со учество на околу 300.000 руски и 3.000 кинески војници. Кремљ продолжува со  продажба на оружје во Кина, иако Пекинг го зголемува уделот на оружје од сопствено производство. Посебно самостоен е во изградбата на својата воена морнарица, со темпо што одзема здив.

Претседателот Путин и неговиот кинески колега по функција Ши во Санкт Петербург ќе разговараат и за унапредување на изградбата на инфраструктура вдолж преку 4.000 километри долгата заедничка граница. Додека Пекинг располага со потребните средства, Москва често не може да следи ист чекор.

Карактеристична е изградбата на преку два километри долгиот мост преку граничната река Амур на Далечниот Исток. Кинезите својот дел до средината на речното корито го завршија во најкратко време, додека изградбата на руска страна сѐ повеќе се одолговлекува, првенствено затоа што Кремљ нема доволно пари.

DW.COM

Реклама