Кина и ЕУ сѐ поблиски? | Економија | DW | 16.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Кина и ЕУ сѐ поблиски?

На годинешниот самит меѓу ЕУ и Кина покрај глобалните теми за безбедност, најгоре на дневниот ред се и економските релации. Притоа во фокусот е и некој кој воопшто не е присутен.

Доналд Трамп со неговите напади врз меѓународниот трговски систем со месеци ги иритира неговите трговски партнери. А, нивната потрага по соодветни реакции до сега беше безуспешна. Дури и актуелната ескалација со казнените царини не го придвижија Вашингтон во друг правец. Денеска двата најголеми трговски партнери на САД, Кина и ЕУ, во Пекинг одржуваат годишен самит. Покрај војната во Сирија, договорот со Иран и климатските промени, на врвот на агендата стојат глобалните и билатералните трговски врски.

Заеднички против царините?

Американските заштитни царини на алуминиум и челик, како и заканите за натамошни издатоци за автомобилската индустрија ги потресоа европските трговски партнери, пред сѐ Германија. И Кина се најде на нишанот на американската надворешна политика: веќе неколку дена увозниците мораат да плаќаат 25 проценти од вредноста на 818 производи кои се увезуваат од Кина во вредност од вкупно 34 милијарди долари.

Повеќе:

-Кина против САД: војна за економска превласт

-Европско предупредување до Трамп

-Повлечи-потегни до трговска војна?

Пекинг реагираше непосредно на одлуката и воведе царини на 545 производи од САД во реципрочна вредност. Во трговската војна немало да попуштат и натаму да воведуваат реципрочни царини, долар за долар. Тие пак според најавите од Вашингтон би можеле наскоро да се однесуваат на увоз во вредност од преку 200 милијарди американски долари.

За да се превенира натамошна ескалација кинеското раководство би можело да инсистира заедно со Брисел да се спротистави на т.н. политика "America First" на американскиот претседател Трамп. Заеднички Кина и ЕУ  сочинуваат една третина од светскиот БДП и речиси половина од глобалниот трговски волумен.

Суштински разлики

Иако имаат слични интереси што се однесува до светската трговија, познавачите не веруваат дека е можна европско-кинеска алијанса против САД. Според тоа, не се очекува нешто повеќе од заедничка изјава за светски трговски поредок под водство на Светската трговска организација.

За пристапот кон пазарите, размислувањата на Пекинг и Брисел се разидуваат. Неодамна авторите на една студија направена по нарачка на Стопанската комора на ЕУ во Кина, констатираа дека Кина „е една од најрестриктивните економии во светот. Европски и американски компании кои се активни во земјата веќе долго време се жалат на бирократски пречки, кои ја намалуваат нивната конкурентност во однос на кинеските компании. 

Проблемите биле повеќеслојни, изјави претседателот на Комората, Матс Харборн. Според нив законите биле двосмислени, а властите при пристапот до лиценци, финансирање и јавни прават разлики меѓу странски и кинески компании. „Особено тешко е тоа за мали и средни претпријатија, бидејќи не располагаат со човечки и финансиски ресурси како големите конкуренти“.

Друга пречка е интелектуалната сопственост. Кинеската влада ги присилува европските компании да го трансферираат знаењето во Кина со тоа што ќе склучуваат партнерства со кинески компании како предуслов за одредени трговски активности во земјата. Со амбициозната иницијатива „Made in China 2025“ Пекинг сака да ги стигне старите индустриски земји во поглед на технолошкиот напредок. Од работилница за светските компании, азискот џин треба да стане глобален лидер во технологијата во области како биомедицина, роботика, ИТ, воздухопловство, и интернет мобилност. Во ЕУ пак, настојувањата се критикуваат како интелектуална експлоатација

Кинеската експанзија 

И огромните кинески инвестиции за пробивање на рутите преку копно и вода кон Европа, Западна Азија и Африка, во ЕУ наидува на помешани реакции.

Релациите на Пекинг со некои средноевропски и источноевропски земји се дополнителен предмет на реакции во Брисел, каде таквите настојувања се толкуваат како можно загрозување на единството на ЕУ. „Европејците имаат одредени задршки против уште позасилени економски релации кон Кина“, вели Динг Чун, претседател на Центарот за европски студии на универзитетот Фудан во Шангај. „Економската сила на Пекинг и конкуренцијата од Кина се зголемуваат. Со порастот на популизмот растат и задршките во Европа кон Кина“.

Меѓусебното незадоволство, смета Динг Чун, било сосема нормално меѓу две толку големи економски сили. Двете страни имаат свои барања: Кина сака ЕУ и САД конечно да и го признаат статусот на пазарна економија. Светската трговска организација тогаш би имала проблеми да налага казнени антидампинг царини кон Кина, како што е случајот со САД и ЕУ.

„Се надевам дека ЕУ и Кина ќе постигнат значителен напредок во нивните трговски релации со тоа што ќе напреднат во преговрите за обемни инвестициски договори“, вели Динг Чун. „Тоа би било придонес за борбата против протекционизмот и ќе ја подобри ситуацијата за двете страни, па и за цел свет“.

Пекинг и Брисел се на прагот на склучување договор кој на инвеститорите на двете страни ќе им даде поголема правна сигурност и полесен пристап до пазарите. На последната средба од висок ранг се договрија за политичко забрзување на процесот.

 

DW.COM

Реклама