Кина го предупреди Трамп | Свет | DW | 03.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина го предупреди Трамп

За Кина, операциите на воен брод на САД во Јужнокинеското Море се „сериозна провокација“. Кинескиот претседател телефонски го предупредил својот американски колега

Кинеската влада ги повика САД „итно да ги прекинат провокативните операции со кои се повредува кинескиот суверенитет и се загрозува кинеската безбедност“. Испраќањето американски воен разорувач, без кинеска согласност, претставува „сериозна политичка и воена провокација“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Канг.

Американскиот разорувач поминал на помалку од дванаесет морски милји покрај островот Тритон во Јужнокинеското Море, врз кој аспирации полага Кина. Малечкиот остров припаѓа на островите Парацел, кои за свои ги сметаат освен Кина, и Тајван и Виетнам. 

Во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, шефот на кинеската држава Си Џинпинг укажал дека билатералните односи на двете земји во моментов се оптоварени од редица фактори, првенствено повикувајќи се на планираната продажба на оружје од САД на Тајван во поголем обем. Џинпинг се надева дека Трамп притоа нема да ја наруши „политиката за една Кина“, која ја води Пекинг. Правило на ОН одредува дека државите смеат да полагаат право на водите до дванаесет милји пред својата територија. Кина практично полага аспирации на целото Јужнокинеско Море. Заради утврдување на тоа право, Кина таму создаде неколку вештачки острови, на кои можат да бидат стационирани  воени авиони и друга воена опрема.

Но, и други држави од регионот, како Виетнам, Брунеи, Малезија и Филипини полагаат право на делови од морската област. САД во повеќе наврати предупредија да не се врши натпревар во вооружување и уште повеќе, попречување на меѓународниот  поморски сообраќај во тој дел. Пловењето на американски разорувач е веќе втора ваква акција од стапувањето на функцијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

 

DW.COM

Реклама