Кина го контролира пазарот на суровини | Економија | DW | 04.11.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина го контролира пазарот на суровини

Германија е еден од најголемите потрошувачи на суровини во светот. Гледано статистички секој Германец во животот троши 1.000 тони суровини. Но, земјата е зависна од увозот на метални суровини значајни за индустријата.

default

Германија бара нови стратегии за набавка на суровини

Едвин Ајхлер е шеф на управата на технолошкиот концерн Тисен Круп, најголемиот германски производител на челик. Помеѓу април и јуни годинава, продажбата кај Тисен Круп порасна за една четвртина. Сепак главниот менаџер Ајхлер не е задоволен:

„Пазарот на железни руди годинава потполно се промени. Од април цените двојно пораснаа, поради тоа што трите најголеми дистрибутери одеднаш одлучија да го променат одредувањето на цената. Веќе 50 години се применуваше постапката, со која цената се одредуваше секоја година. Сега цената се одредува на секои три месеци и порасна за 100 отсто.“

Недостиг на ретките земјени елементи

Rohstoffe Seltene Erde

Најголемиот дел од производството на ретки земјени елементи потекнува од Кина

Најголемиот дел од светската побарувачка на железни руди е сконцентрирана на четири земји и три рударски концерни. Ваков олигопол има и за многу други природни богатства, како ретките земјени елементи. Тоа се вкупно 17 минерали со електрични и магнетни својства, а 97 проценти од нивното производство во светот потекнува од Кина. Во последниве месеци Кинезите постепено ја редуцираа слободната трговија со овие елементи. Улрих Грило, раководителот на Советот за суровини на сојузното здружение на германската индустрија е загрижен: „Дури во јуни Кина најави дека во втората половина од годината за 64 отсто ќе го намали производството наспрема првата половина. На 24 септември, ‘Њујорк тајмс‘ и ‘Вашингтон пост‘ на насловната страница објавија дека Кина го прекинала извозот на ретки земјени елементи во Јапонија. Според ‘Чајна дејли‘ Кина во 2011 година ќе го намали извозот на ретки земјени елементи за 30 отсто. Тоа се‘ уште не е демантирано.“

Геостратешки инструмент за моќ

Organische Solarzellen - Fraunhofer ISE

Германската индустрија користи соларна фотонапонска енергија

Германската индустрија која користи соларна фотонапонска енергија мора да се справи со фактот дека реткиот земјен елемент Лантан во моментов не е достапен. Не може да се произведуваат соларни плочи колку што има побарувачка, барем не во Германија. Улрих Грило вели дека суровините се‘ повеќе се злоупотребуваат како геостратешки инструмент за моќ: „На многу места има големи промени на глобалниот светски поредок. Се‘ повеќе земји во Европа и на другите континенти засилено бараат суровини, за да го придвижат сопствениот развој. Тие сакаат да учествуваат во индустриското производство, порастот и благосостојбата, што без сомнение е легитимно право на секоја земја. Но, сметам дека е алармантно што притоа се наоѓаме во асиметричен системски натпревар.“

Со бариерите при тргувањето, како на пример квотите на извоз, царината за извоз и олеснувањата при увоз, значајните земји во засилен индустриски развој ја субвенционираат домашната индустрија и ја нарушуваат меѓународната конкурентност. Индустриските земји, кои имаат малку суровини, досега едвај можеа да се спротивстават.

Поголема политичка поддршка

Deutschland Bundesregierung Energie Wirtschaftsminister Rainer Brüderle

Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле

Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле вели: „Растечките цени на суровините отвораат нови модели за трговија. Со тоа се дефинираат очекувањата за иднината. Притоа потребни се храбри претприемачи, кои мора да ги препознаат и развијат соодветните проекти. Тогаш може да се започне со сопствени проекти на ископување. Можно решение е и учеството во други концерни за суровини.“

Но, само тоа не е доволно. Германија годишно увезува суровини вредни околу 80 милијарди евра. Претседателот на Сојузното здружение на германската индустрија (БДИ) Ханс-Петер Кајтел бара политичка поддршка при обезбедувањето на набавката на суровини: „И во надворешната политика може да си го поставиме прашањето, какви се политичките интереси на регион каков што е Централна Азија, кој непосредно или посредно се граничи со Кина. Можеби во овие земји едноставно имаат желби, во чија реализација можеме да помогнеме ако сакаме од нив да добиеме суровини.“

Стратегија за суровините

01.10.2010 DW-TV Journal Interview Keitel

Ханс-Петер Кајтел

Кон крајот на октомври германската влада усвои стратегија за суровините, во која се залага за потесна соработка со земјите во развој кои се богати со суровини. За тоа е потребна стретешка соработка на министерството за економија, министерството за надворешни работи и министерството за економска соработка.

Но, Германија и во иднина ќе биде зависна од кинеските суровини. Овие суровини, вели Кајтел, за индустријата се од витално значење, исто како и воздухот. Раководителот на Тисен Круп Едвин Ајхлер бара решенија: „Ова е драматична пресвртница. Повеќе немаме време да дискутираме до недоглед. Потребни се решенија, и тоа веднаш.“

Автор: Сабине Кинкарц/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска