Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО | Северна Македонија | DW | 07.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО

Политичката злупотреба на спортот е стара колку и самиот спорт. Страшно би било ако оваа недоследна политика се претвори во национален спорт. Колумна на Ивор Мицковски.

Како успеавме една голема клупска победа и национална радост да ја разводниме, дозволувајќи сите најниски пулсации и инстинкти, иако малцински, да излезат на површината и да фрлат дамка врз радоста на мнозинството навивачки агностици?!

Ќе се обидам да повлечам една линија тргнувајќи од нашето поблиско минато, и како спортот и националните или клупските успеси се претворија во поле на политичка конфронтација, шовинистички испади и форми на изразување на незадоволство. Тоа што конечно ме интересира и засега е дали шовинистичките испади, говорот на омраза и политичките злоупотреби можеме да ги ставиме само под графата на младешко и навивачко лудило?

Дали самиот навивачки феномен можеме да го третираме изолирано, или ова говори за една далеку покомплицирана и партиски индуцирана историја на нетрпеливост и националистички наратив? Дали е само рецидив од последиците на поделбите за време на режимот на Груевски, или е една активна политичка агенда од која опозицијата и натаму не се откажува, а со која власта не знае како да се соочи.

Во 2011 година, веднаш по историското 4-то место на нашата кошаркарска репрезентација во Литванија, бев модератор на една дебата помеѓу партиските подмладоци. Дебатата ја имаше несреќата да се одржи токму на денот кога беше организиран пречекот на нашите кошаркари. Кога дојде редот на младиот претставник на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по краткото излагање, тој не успеа да се воздржи од манифестицијата на супериорниот патриотизам кој во тоа време излегуваше од секоја пора на вмровскиот партиски наратив.

- Сега јас ќе заминам, кажа младиот господин на сред дебата, да ја прославам историската победа и да ги пречекам нашите национални херои, нешто што сите тука би требало да го направат!

Мојот одговор и блага иритираност пред политичката манипулација искажана во присуство и на помладоците од албанскиот политички кампус беше дека не сме завршиле, но дека младиот господин е слободен својата политичка ароганција да ја изнесе надвор.

Тоа беа денови кога сета националистичка симболика на режимот беше издигната до максимум. Антиквизацијата беше во полн подем, Триумфалната беше портата на рајот низ кој македонските херои влегуваа во пантеонот на националните победи, „Фалангата“ беше името на обединетите навивачки групи, додека од плоштадот, покрај вмровската фашизоидна песна од '97-ма „За шиптари гасна комора“, ечеше и новокомпираната химна „Излези момче право на тераса и поздрави ја Гоцевата раса“.

Овој меланж на националистичка хистерија и еуфорија, оваа антикатарзична еуфорија која повеќе од некакво внатрешно ослободување и самосвест претставуваше врвна манифестација на македонскиот шизофрен и националистички хибрис, беше директно спонзорирана и наметнувана од тогашниот национал-шовинистички политички наратив на ВМРО-ДПМНЕ. Режимот беше во зенитот на својата моќ и нивната хегемонија и монопол над националната идеја, наратив и идентитет беа речиси апсолутни.

Чукање на тапанот на национализмот

Оттогаш се случија многу работи, Македонија по повеќегодишна режимизација, киднапирање на државата од страна на партијата, се спротивстави на криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ и благодарение на меѓународната поддршка и внатрешната побуна, успеа да стави крај на периодот на режимот. Успехот во нашата надворешна политика, комплетната промена на парадигмата и националниот наратив, компромисите со Грција и Бугарија, обновениот евроатлантски пат на Македонија, придонесоа и кон консолидацијата на еден алтернативен и проевропски македонски идентитет, веќе и потврден како прифатена идентификација од мнозинството граѓани на претседателските избори.

Но, болните компромиси, слабите внатрешни реформи, политиката на неказнивост, амнестии и несоочување со последиците и чинителите од режимот, самата промена на името, па и релативно слабиот резултат на претседателските избори, заедно со годините напластени поделби, говорат колку новиот европски пат на Македонија стои на кршливи нозе.

Една од причините за таа фрагилност е, се разбира, и постоењето на деструктивната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која одбива да се реформира, да се откаже и да преземе одговорност за режимската декада.

Како сево ова да се толкува во актуелната политичка димензија и реалност на нештата? Несомнено е дека постои една линија која ги поврзува блиското минато, сите недоречености и контрадикции од пострежимскиот период, актуелното политичко поведение и злоупотреби, вклучувајќи ги тука и грешките и недоследностите на актуелните власти.

Македонија денес се соочува со деклинациите на својот радикален национализам од времето на режимот, но кој непречено, со поголем или помал успех, се развива овие последни 30 години. Националистичкиот дискурс во овој момент го доживува својот историски минимум сфатен како државно спонзориран национализам, но и понатаму успева низ неодговорни поединци и групи да лази по површината. Се разбира, во партиско-политичка смисла, моторот на национализмот и шовинизмот и понатаму е ВМРО-ДПМНЕ, а сите натамошни манифестации, дали преку млади и недозреани навивачи, или преку криминализирани групи, дали преку неодговорни јавни личности или спортисти, или преку анонимноста на социјалните мрежи, е еден систем на заемно влијание кој нема намера да се откаже од своите национални и политички небулози.

Да појаснам - нема сомнежи дека ВМРО е политичкиот актер кој и натаму чука на тапанот на национализмот, игра на картата на поделби, го генерира преку ботови, социјални мрежи и своите медиуми наративот за „Северџаните“, и „Никогаш Северна секогаш Македонија“. ВМРО кокетира со навивачките групи кои се оцрнија со сомнителни финансирања и протести за името, и доста успешно, преку остатоците од својот систем на симболи или идентификацијата со ставовите на неодговорни македонски спортисти, успева комуникациски да влијае врз и да киднапира еден спортски успех, каде на веќе масовната народната радост и еуфорија ќе ја придодаде и илузија на мнозинско незадоволство, додека во етерот ќе го пренагласи својот политички наратив и патриотска супериорност.

(Квази)патриотска прослава

ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во својата фаза на банален национализам. Бидејќи денеска се профилираат како деструктивна, екстремно-десничарска партија, нивниот националистички дискурс има далеку послабо влијание. Сѐ што им останува е репертоарот на симболични материјали, слогани, смешни гестови како покривање на придавката Северна, еден фрагментиран национализам кој се состои од банална идентификација со спортски успеси, истакнување на Комити и револуционери, дискурсот за изгубената Македонија и идентитет, пеењето патриотски песни и слични естрадно-фолклорни манифестации. Со други зборови, откако го изгубија монополот над националната идеја и идентитет, откако се потврдија како криминална партија која не сака да расчисти со своите одговорности и минато, она што им остана е овој празен, но потенцијално опасен банал-патриотизам.

Дотолку посмешен е нивниот наратив кога самите подвизи на македонскиот спорт покажаа дека ниту коментаторите од регионот не нѐ именуваат како Северна, туку како Македонија, и дека придавката освен во својата официјална употреба, нема ама баш никаква идентитеска валентност.

Но, овој феномен на вмровско партиско киднапирање на националните победи, не би го идентификувал со подеднаква вмровска инфилтрација во сите структури и кај сите поединци кои изразуваат негодување кон политиките на власта или потпаѓаат под влијание. Механизмот сметам дека е нешто покомплициран. И оваа проекција на илузијата за загубената Македонија, загубеното име или идентитет, токму преку спортот, е производ на далеку подлабоки колективни или поединечни фрустрации и разочарувања.

Други колумни од авторот:

Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе

Емотивна Македонија

Пред да дојдам до тоа, морам да ја истакнам разочараноста од тоа како нашите власти, по малку апсурдно, се најдоа во ситуација да кокетираат и лошо да се снаоѓаат со вмровскиот репер на (квази)патриотска прослава и дочек на спортските успеси.

Владата на Заев, актуелните локални власти, капитулираа пред политички киднапираната радост и ентузијазам на мнозинството луѓе, олицетворени низ десничарската „Никогаш Северна“ идентификација на неодговорни јавни личности и спортисти. Власта, од желба да не излезе помала од претходниците во навивачкиот патриотизам, или да им се допадне на сите, а што од желбата да си купи политички мир, си искешира за мир во куќата.

Но, тој мир кратко ќе трае, и секоја победа ќе се претвора во политички пораз и поле на општествена поделба, сѐ додека оваа власт помирувањето го разбира како купено и амнестирано мнозинство, како клиентелистички караван на двокатни автобуси полни навивачи, кои на ангро треба да се купат и сместат под својот партиски чадор.

Сѐ додека власта лошо зборува за деструктивната опозиција, а сепак прави зделки и носи закони со неа, сѐ додека вработува конвертити и клиенти без трунка вредности, ќе ѝ се удри од глава двојната вистина – ниту да биде сакана, ниту да биде почитувана и бранета кога еден ден работите ќе загустат.

Тоа што не го препознаваат е дека повеќе од нивната политичка судбина, си поигруваат со волјата на здравото мнозинство, со новиот европски пат на оваа земја, со новиот идентитет и определби на државата, кои ако за да се остварат се потпираат само на клиенти и лесно купен мир, за да се одржат ќе им треба далеку посилно општествено и политичко врзно ткиво.

Оваа победа ни покажа колку сме поделени, и колку покрај оваа деструктивна опозиција, но и безидејна и коруптивна власт, спремна веднаш и секогаш да искешира за краткотраен мир, нашата европската иднина и напредок се на кршливи нозе.

Побанално од баналното

Дволичноста и лигавоста на власта, која ветуваше соочување со самите извори на поделеноста и омразата, и која таа борба ја жртвуваше за да понуди едно лажно, елитистичко, политички селективно помирување, додека сѐ уште никој нема платено за гревовите на режимот, евентуално ќе стане причина за уште поголем презир и недоверба кон самата власт.

Победата ја стави власта на лизгав терен - да го докажува патриотизмот преку идентификацијата со спортот и спортските победи. Беше приморана да ја следи замислената волја на народот, и токму тука се лизна, а потоа и себеразочара. Покажа колку всушност има страв од народниот суд, колку знае и колку е свесна дека премалку направила за реален општествен мир преку неказнување на режимот и неисправување на системските грешки. Всушност, победата ја натера да се соголи, и да покаже дека се раководи според идеите и реперите на режимот и деструктивната опозиција, наместо, како некој сигурен во себе и во постигнатото, да го отфрли тој лажен дух и наратив.

Така власта излезе побанална и од баналната опозиција.

Нашата власт треба конечно да го примени тоа што декларативно го говори. Односно, да покаже дека имаме непомирливи идеи околу иднината и националните аспирации на оваа земја, и дека помирувањето и крајот на поделбите не одат преку изнасиленото манифестирање на сличностите, туку преку системското нагласување и почитување на различностите. Или поинаку кажано, да не паѓаат во стапицата дека идентификацијата со спортот, било клупски или национален, е прашање на врски со крвта и земјата, на една биополитичка заедница, или дека спортот мора да игра толкава улога во дефинирање на националниот идентитет.

Погледнете ја нашата фудбалска репрезентација, каде мултиетничкиот карактер одлично ја пресликува реалноста на нашата држава, и која претставува убав пример за индивидуална идентификација со националниот дрес.

Последното прибежиште на Никаквецот

Политичката злупотреба на спортот е стара колку и самиот спорт. Страшно би било, ако оваа недоследна политика се претвори во национален спорт. Спортот сам по себе не е причина за ваквите тенденции, но нормално, како и сѐ останато, ги следи политичките и трибалистички пулсации. Ентузијазмот ќе спласне, а со него и злоупотребите, притисокот на општествено наметнатиот патриотизам, ќе се врати во рамките на општествено прифатливото под услов да ја исфрли својата националистичка и шовинистичка компонента.

Патриотизмот е последното прибежиште на Никаквецот, а спортот се покажа како последното прибежиште на (квази)патриотите. Ширењето евтин национализам и токсичен шовинизам е опасна рецептура која нашата комплексна држава не смее да си ја дозволи. Одговорните поединци кои шират говор на омраза мора да сносат одговорност, како што одговорност ќе сносат и политичките партии за киднапирањето на колективната радост и нејзина трансформација во чемер и јад. Тие што мислат дека љубовта кон државата и патриотизмот треба да се покрстат со нечистата вода на национализмот, доследно е да ги потсетиме, надвор од секоја метафора, дека во нечистата вода на национализмот први ќе се удават нашите деца и нашата заедничка иднина.

DW.COM

Реклама