Келнската про-Ердоган демонстрација со дипломатски епилог | Свет | DW | 01.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Келнската про-Ердоган демонстрација со дипломатски епилог

Плакатите со ликот на Ердоган во Келн беа дозволени, но турскиот претседател не смееше во живо преку видео да им се обрати на демонстрантите. Турската влада е огорчена.

Изречената забрана за директно видео-вклучување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и обраќање до демонстрантите во Келн има дипломатски епилог. Турското министерство за надворешни работи го повика на разговор германскиот заменик-амбасадор во Анкара, бидејќи амбасадорот Мартин Ердман е на одмор.

Германија реагира опуштено

Според портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Мартин Шефер, ваквата покана за разговор меѓу државите е „нормално секојдневие“. Германија, без оглед на нановите напнатости, нема намера да го повлекува својот амбасадор од Турција, тоа би било контрапродуктивно, изјави Шефер. Актуелните односи меѓу Германија и Турција се наоѓаат во турбулентна фаза, но во минатото постоеја периоди на исклучително добар тек на работите, смета портпаролот.

Забрана за видео-обраќање на Ердоган

Турската влада остро ги критикува германските служби што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не доби дозвола вчера (31.07) со видео-порака да им се обрати на учесниците на демонстрантите во Келн на про-Ердоган собирот. Портпаролот на Ердоган Ибрахим Калин забраната од страна на германскиот Уставен суд ја оцени за неприфатлива, барајќи од Германија задоволително објаснување.

Организаторите на про-Ердоган манифестацијата првично планираа вклучување на претседателот преку директна видео врска на голем екран, но поради вжештеното расположение, тоа беше забрането.

Две недели по обидот за воен пуч во Турција, вчера десетици илјади луѓе во Келн демонстрираа во знак на поддршка на Ердоган, под мотото „Да за демократија, Не за државен удар“. Информациите на полицијата велат дека имало меѓу 30.000 и 40.000 демонстранти. Одржани беа и неколку контра-демонстрации, но не дојде до „блиски средби“ и се‘ помина мирно, соопшти полицијата.

DW.COM

Реклама