Католиците, дел од колоритот на македонското општество
25 декември 2010Семејство Серечи од Скопје денеска (25.12.10) го слави Божик. Да се биде католик во Македонија е посебна привилегија, вели Антон Серечи, македонски Албанец, истакнат член на католичката заедница во Македонија. Оваа малубројна религиска заедница е дел од мозаикот на религии во македонското мултиконфесионално општество. Рамноправни со припадниците на останатите вери, без отворени прашања, ја делат судбината на македонските граѓани, целосно интегрирани во општеството.
„Да се биде католик е да се биде дел од тој колорит на македонското општество“, објаснува Серечи.
Неговото семејство ја практикува верата отсекогаш, не се припадници на новопечените верници од мода.
„Јас сум родена како католик, имаме и една ќерка која редовно секоја недела оди на миса“, вели Регина Серечи. Сопругата на Атнон пее во црковниот хор во скопската катедрала „Срце Исусово“. Вели дека Божик традиционално го поттикнува милосрдието, ја буди хуманоста, го јакне човекољубието.
„Организираме секоја година панаѓур, подаруваме разни работи, пееме во црковниот хор“.
Најголема желба за еден католик од Македонија е Папата да ја посети земјата. Тоа го посакува и Регина иако шансите Бенедикт Шеснаесетти да дојде во земјата на Мајка Тереза се мали. „Имам желба Папата да не посети, тоа би било многу убаво за сите нас“.
„За жал за разлика од Папата Јован Павле Втори, актуелниот Папа многу ретко патува, тоа е нашиот хендикеп“.
Последниве години политичарите редовно одат в црква на големите верски празници. Гости на синоќешната Божикна миса во Скопје беа шефот на државата Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска