Каталонија: Препирки на релација Мадрид-Атина | Свет | DW | 30.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каталонија: Препирки на релација Мадрид-Атина

Шпанскиот амбасадор во Грција очигледно смета дека во грчкото државно раководство има различни ставови во однос на Каталонија. Атина остро се спротивстави на ваквите ставови.

Грчкото министерство за надворешни работи ги отфрли како „неприфатливи“ тврдењата на шпанскиот амбасадор во Атина дека грчката влада доцна реагирала на едностраното прогласување на независност на Каталонија.

Во синоќешното соопштение, Министерството оцени оти амбасадорот на Шпанија во Грција, Енрике Вигера, „ја преминал демократската граница“ со изјавата дека постојат разлики во ставовите на грчкиот претседател и грчката влада за каталонската криза, оценувајќи дека тоа претставува „неприфатливо мешање во внатрешните прашања“ на Грција.

Вигера во интервјуто за вчерашното издание на весникот „Елефтерос типос“ рече оти грчката влада не ја поддржала веднаш Шпанија по прогласувањето на независност на Каталонија, за разлика од лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис и претседателот Прокопис Павлопулос, кои веднаш изразија недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет на Шпанија.

„Изненадени сме од јавните критики кои на сметка на грчката влада ги изнесе амбасадорот на нашиот сојузник и пријател, Шпанија“, се наведува во соопштението на грчкото Министерство.

Министерството за надворешни работи на Грција предходно се огласи со соопштение, во кое се наведува дека Грција во целост го поддржува територијалниот интегритет и единството на Шпанија, но и секоја иницијатива што е можно поскоро да се обнови демократскиот дијалог во рамки на шпанскиот устав.

Министерството едностраните потези на Каталонија ги отфрли како поткопување на територијалниот интегритет на Шпанија, единството на земјата и на неповредливоста на границите.

Портпаролот на грчката влада Димитрис Цанакопулос изјави во саботата дека Грција не ги прифаќа унилатералните еднострани акции на Каталонија и повика на дијалог со Мадрид за решавање на проблемот. „Многу сме загрижени поради ситуацијата во Шпанија и подвлекуваме оти Европа може да оди натаму само обединета. Еднострани потези не можат да се прифатат“, се наведува во соопштението.

 

DW.COM

Реклама