1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кастриот Реџепи објави видео порака

ДТЗ
11 ноември 2021

СДСМ најавува дека мнозинството ќе расте. Координаторот на СДСМ, Јован Митрески обвини дека пратеникот на Беса имал притисоци токму од опозицијата.

https://p.dw.com/p/42tZZ
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, по кој партиите од опозицискиот блок трагаат цел ден, објави видео на социјалната мрежа Фејсбук, на кое порача дека е добро и дека откако ќе поминат заканите ќе раскаже се што се случило. 

„Добар сум, не се грижете за мене и им благодарам на сите за поддршката и разбирањето на моите ставови кои се во насока на зачувување на интересите на државата и евроатланската перспектива на сите нас“, вели пратеникот Кастриот Реџепи преку видео порака. 

Тој додава дека претседателот Биљал Касами и останатите во Беса немаат потреба да бидат загрижени. „Јас , сум добро и на сигурно, јас сум со Албанците и со сите граѓани на државата кои сакаат мир, слобода и просперитет во земјата и продолжување на НАТО и ЕУ курсот. Имам извесни закани од некои лица, но откако тоа ќе биде минато ќе се појавам пред медиумите. Да се ангажираме сите за добро на државата, народот и демократијата, на сите, Албанци, Македонци и сите други кои живеат во Северна Македонија. Се гледаме наскоро. Ви благодарам“, порача Реџепи. 

Кој му вршел притисок? 

Тој се појави во јавноста, откако неговите сопартијци изразија сомневање дека е киднапиран и држен против негова волја. Тие најавија дека случајот го пријавиле и во полиција и дека се трага по Реџепи, кој предизвика пресврт на настаните на денешната собраниска седница, на чиј што дневен ред е иницијативата за гласање доверба на Владата. Реџепи којшто не се појави на денешното гласање предизвика иницијативата да виси во воздух, бидејќи опозицијата не успеа да обезбеди кворум.  

Претходно и координаторот на СДСМ, Јован Митрески изјави дека Реџепи не е  киднапиран, но дека има  информации дека опозицијата му вршела притисок. Тој очекува  Реџепи деновиве да излезе и да соопшти што му се случувало во овој период. 

Тој порача дека единствен виновник за она што се случува во Собранието е Христијан Мицкоски и го повика да се извини на јавноста.  „Сето она што се случи е резултат на тоа што Христијан Мицкоски јавно кажа дека има 61 пратеник, да не бара алиби, затоа што седна со тие што се анти-НАТО, анти-европски, партии кои се против концептот Едно општество за сите. Народот е излажан од Христијан Мицкоски, тој ги пумпаше невистините дека има мнозинство. Нема ново мнозинство во Собранието, рече Митрески. СДСМ најави дека парламентарното мнозинство ќе расне.