Изјавата на Хан во Капитал е точно пренесена
27 јануари 2016Интервјуто на европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан за „Капитал“ е пренесено целосно точно, велат од редакцијата на бугарскиот весник за Дојче Веле.
Во македонската јавност изјавата на Хан поврзана со изборите во Македонија предизвика бурни реакции, а реагираа и од кабинетот на Хан со појаснување дека неговата изјава е извадена од контекст.
„Пак ќе речам, за нас одлучувачко е изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред“, вели Хан во интервјуто прашан за неговите очекувања за развојот на состојбата во Македонија.
По реакциите во македонската јавност се огласи портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич која рече дека „верува оти изјавата е извадена од контекст“.
Денеска, Коцијанчич ни потврди оти нејзиниот став останува дека изјавата е извадена од контекст и не упати на последното соопштение од Кабинетот на Хан од 21 јануари.
„Ги поздравуваме првите чекори преземени од опозицијата за да останат вклучени. Сериозни напори мора брзо да бидат преземени од владејачките партии за гласачките листи, Државната изборна комисија и реформата на медиумите“, се наведува во изјавата од 21 јануари.
Коцијанчич сепак не објаснува што од оваа изјава е извадено од контекст и во таков случај, како таа треба да гласи?
Капитал: интервјуто е точно пренесено
Во редакцијата на „Капитал“ ги отфрлаат ваквите тврдења.
Ништо од интервјуто со комесарот Хан не е извадено од контекст, велат оттаму. ДВ контактираше и со одговорните луѓе во „Капитал“ и со авторката на интервјуто, Светломира Ѓурова. Одговорот е ист: интервјуто е целосно точно пренесено.
Во редакцијата на Капитал за ДВ потврдија дека не добиле никаква реакција од кабинетот на Хан за интервјуто, ниту е побарана исправка на било кој негов дел. Напротив од неговиот кабинет била побарана и добиена оригиналната аудио снимката од разговорот. Според информациите на ДВ, од Кабинетот на Хан сметале дека кажаното во интервјуто е конзистентно со досега искажаните ставови на комесарот Хан.
„Изјавите на комесарот Хан се пренесени апсолутно точно и целосно. Разбираме дека тие можеби се интерпретирани на различен начин во македонските медуми, но тоа нема никакво значење за интервјуто и проблемот со неговата интерпретација“, вели за ДВ новинарката на Капитал Светломира Ѓурова. Таа ни потврди дека уште еднаш ја преслушала аудио-снимката од разговорот и дека спорната изјава на еврокомесарот е точно пренесена.
Интервјуто на Хан за бугарскиот весник е објавено на 22 јануари, а деталите од него стигнаа до македонските медиуми дури вчера, на 26 јануари. Од неговиот кабинет реагираа со изјава четири дена подоцна, откако тоа беше пренесено во Македонија.
Во изјавата на Хан од 18 јануари, всушност се потврдуваше неговата поддршка за избори на 24 април. Во изјавата, Хан рече дека „претпочитал консензуално решение од сите партии“, но по одлуката на мнозинството во македонскиот парламент „важно е сите политички и институционални фактори во земјата да се погрижат да обезбедат фер избори, во согласност со демократските стандарди“.