Капетанот на потонатиот јужнокорејски во притвор ја брани својата одлука
19 април 2014Тројца членови на екипажот, вклучувајќи го и капетанот на јужнокорејскиот фериботот, се уапсени. Тие се обвинети дека обидувајќи се себеси да се спасат ги напуштиле стотиците патници заглавени во фериботот. Истражните органи утрово го уапсија Ли Џон-Сео заедно со двајца негови колеги. Ли е обвинет за небрежност и необезбедување на безбедноста на патниците, што претставува кршење на поморскиот закон.
Прашан зошто на патниците им било наредено да не се движат повеќе од 40 минути од почетокот на тонењето на фериботот, Ли одговорил дека тоа била безбедносна мерка.
„Во тоа време не дојде брод за спасување. Немаше ниту рибарски бродови кои би спасувале или, пак, други бродови кои би помогнале“, рекол Ли. Временските услови биле неповолни, бидејќи имало силни водени струи и водата била премногу студена. „Мислев дека патниците ќе бидат однесени далеку (од водените струи, н.з.) и ќе паднат во неволја ако се евакуираа непромислено“, додал Ли.
Во несреќата успеаја да се спасат 174 патници. Нови преживеани не се најдени. Во меѓувреме, јужнокорејските органи потврдија дека 29 лица се загинати во несреќата, а 273 лица се’ уште се водат како исчезнати. Додека јужнокорејските органи апсеа дел од екипажот на фериботот, нуркчите ја продолжија нивната акција за потрага на исчезнатите лица. Нуркачите два дена се бореа со моќни водени струи и со речиси нула видливост, но конечно успеаја да влезат во трупот на 6.825 тони тешкиот ферибот.
„Нуркачите лоцираа три тела преку прозорец. Тие се обидоа да го скршат прозорецот за да влезат внатре и нив да ги извадат, но тоа беше премногу тешко“, информираше висок офицер од крајбрежната стража.
На роднините на исчезнатите патници, кои спијат во блиска гимназија, им беше покажана видео снимка направена од еден од нуркачите. На неа се гледа дека видливоста во водата се мери во сантиметри, дури и кога се користи силно подводно светло.
Причината за оваа несреќа засега е непозната. Фериботот превезувал повеќе од 470 лица во моментот кога се превртел и почнал да тоне. Несреќата се случи за време на патувањето од пристаништето Инчеон кон островот Џежу.