1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канабисот влегува на широка врата во С.Македонија

ДТЗ
21 јули 2021

Посебна Агенција ќе го контролира одгледувањето на медицински канабис, а фирмите што ќе се занимaваат со оваа дејност секоја година ќе ѝ плаќаат на државата по 10% од добивката.

https://p.dw.com/p/3xn4b
Cannabis Pflanze Marihuana
Фотографија: Fotolia/Unclesam

Целосна легализација на користењето канабис за лични потреби и формирање посебна Агенција која ќе го контролира одгледувањето на медицински канабис, а фирмите што ќе се занимaваат со оваа дејност секоја година ќе ѝ плаќаат на државата по 10% од добивката. Ова е предвидено во предлог – законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци што го утврди Владата. Законот ќе се носи со европско знаменце, бидејќи, како што велат од Владата, во него се пренесени повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на Европската Унија, како и со повеќе меѓународни конвенции.  

-повеќе на темата: Заев: Може по две-три стебла марихуана за лична употреба

Владата најавува измена и допрецизирање и во Казнениот законик дека е дозволена и легална употребата на канабис за лична употреба. Владиниот портпарол Душко Арсовски вели дека една од новините е формирање Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели, која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.  

Со предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко. 

Frankreich | Cannabis-Markt in Paris
Употребата на канабис за лична употреба е легална.Фотографија: Jb Le Quere/Maxppp/dpa/picture alliance

Новина е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10 отсто од нето-добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот кои ќе бидат наменети за поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција. 

Опозицијата со критики

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека преку ваквиот вид на инвестиции ќе се отворат нови работни места со високи плати. Тој смета дека со секој ден одложување на Законот за контрола на опојни дроги се губат пари за квалитетни намени.Производителите на канабисм пак, сметаат дека ако се развие правилно економски оваа индустрија, С. Македонија може да живее само од оваа гранка.   

-повеќе на темата: Скопје и Охрид како Амстердам: Планот на Зоран Заев за легализација на марихуаната

Но, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ станува збор за скандалозен чин со којшто по којзнае кој пат се злоупотребува европското знаменце за теми кои немаат никаква унифицирана регулатива во Европската Унија. 

„Заев и Ахмети четири години ги лажат граѓаните дека од државата ќе направат европска Македонија за со овој предлог закон за трговија со дрога да направат Македонија да биде Колумбија со Европа, земја во која трговијата со дрога онака како што правеше началникот на МВР во Прилеп, ќе стане легален бизнис на семејството Заеви и на неговите коалициони партнери“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, овој закон е скандалозен, не само заради европското знаменце, туку  и заради тоа што „премиерот ја приватизира Владата за носење на закони кои значат бизнис профит за неговото потесно семејство“.