Камчев: Јас сум жртва која се бори за правда во земјата | Северна Македонија | DW | 06.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Камчев: Јас сум жртва која се бори за правда во земјата

Бизнисменот Јордан Камчев и првообвинетиот Бојан Јовановски беа во главни улоги на денешното рочиште за случајот „Рекет“. Камчев тврди дека во рекетот биле вмешани и други обвинители и судии.

Бизнисменот Јордан Камчев во судницата се судри со обвинетиот рекетар Бојан Јовановски, но изнесе и серија тврдења кои имплицираат вмешаност и на други обвинители и судии во случајот „Рекет“. Камчев директно ги посочи специјалната обвинителка Лиле Стефанова, истражната судијка Весна Димишкова и нејзиниот брат Васил како соучесници во случајот. Камчев и за време на исказот и подоцна, во изјава за медиумите, тврдеше дека тој е жртва со мисија да донесе правда во државата.
„Јас сум жртва, со целиот процес, со целата изнуда која се правеше од оваа злосторничка група од Бојан Јовановски и Катица Јанева и другите, што ќе се докаже во подоцнежните процеси. Не само јас и други биле жртви, но јас се одважив да го кажам тоа јавно“, рече Камчев по рочиштето, додавајќи дека многу други функционери и директори биле жртви на Јовановски.

слушај аудио 12:34

Разговорите меѓу Камчев и Јовановски


Во судницата Камчев даде изјава, а одговараше и на вкрстеното испитување во кое главна улога имаше Бојан Јовановски.
Камчев сведочеше дека случајот го пријавил кај директорот на УБК Горан Николовски и кај премиерот Зоран Заев. Откако Заев го ислушал „бил запрепастен“, рече Камчев. „Ми рече остави ме два дена, шокиран сум. По два дена се јави и ми рече се што имам да пријавам и однесам кај обвинителката Вилма Русковска“, рече Камчев. Тој тврдеше дека Јовановски ги злоупотребувал своите контакти и познанства со политичарите, но ги апсолвираше од вина сите државни функционери кои се споменуваа како вицепремиерката Радмила Шекеринска и министерот за здравство Венко Филипче.

Nord-Mazedonien | Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer (DW/P. Stojanovski)

Јордан Камчев пред денешното сведочење во судот


„Нема вмешано ниту еден политичар во мојот случај и не сум имал притисок од никој“, тврдеше бизнисменот.
Камчев сам ги направил снимките од предавањето на парите и телефонските разговори со Јовановски и Јанева, но не знае како тие завршиле во јавноста. Вели дека изворот треба да се бара „во кругот меѓу судот и обвинителството“.
„Ова што го изјавувам е 100 посто вистина. Никого не заштитувам. Пробав да се изборам за правда во оваа држава. Тоа ми беше мисијата".
„Направив голема заслуга за оваа држава, еднаш засекогаш да се исчисти ова зло што постои. Да не ги етикетираме сите судии и обвинители“, побара Камчев во изјавата пред новинарите по сведочењето.
Следната недела треба да сведочи и неговата сопруга Ана, која денеска не се појави на рочиштето поради болест. Третообвинетиот Зоран Милевски Кичеец вчера ја призна вината и доби казна затвор од три години.

 

DW.COM

Реклама