Калифот на Исламска држава сепак не е мртов? | Свет | DW | 29.09.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Калифот на Исламска држава сепак не е мртов?

Џихадистите на ИД се наоѓаат под екстремен притисок и загубија огромен дел од териториите со кои владееја во Ирак и во Сирија. Сега нивниот лидер, кој беше прогласен за мртов, во аудио-снимка ги повикува на истрајност.

Терористичката милиција Исламска држава вчера објави наводна аудио-порака од нејзиниот лидер Абу Бакр ал-Багдади. Во неа, говорникот, кој би требало да е лидерот на ИД, ги повикува соборците кои во Сирија и Ирак ги губат позициите, да му пружат отпор на непријателот и покрај тешките воени порази

„Водачите и борците на Исламска држава се свесни дека за победата и Божјата милост мора да се изборат со трпение и со пружање на отпор на неверниците без оглед на нивните сојузништва“, истакнува Ал-Багдади во пораката, која трае 46 минути, дополнувајќи: „Не се важни бројноста, опремата и силата на нeпријателот“.

Кога е снимен говорот на Ал-Багдади, кој беше објавен на интернет, не е познато, но во него тој се осврнува и на најнови случувања, како што е спорниот референдум за независност на ирачки Курдистан. Ова е прва наводна аудио-порака на лидерот на ИД од ноември 2016 година. Тогаш тој ги повика неговите приврзеници на одбрана на градот Мосул во Ирак. Исламска држава во 2014 година освои големи делови од Ирак и Сирија. Во јули истата година Ал-Багдади единствен пат се појави во јавноста и притоа го прогласи „калифатот“ на ИД.

Лидерот на ИД неколку пати е прогласуван за мртов во изминатите три години, а последна во јули годинава тоа го стори Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон. САД меѓутоа изразија сомнежи во тоа.

Вашингтон, како што јавија агенциите, ја проверува и најновата снимка, но извори од американските  разузнувачки служби истакнуваат дека нема причина да се сомневаат во нејзината веродостојност.

Инаку џихадистите на ИД се наоѓаат под екстремен притисок и загубија огромен дел од териториите со кои владееја во Ирак и во Сирија. Нивното упориште Мосул падна. Денеска, како што соопшти ирачката армија, започна и нападот врз нивниот единствен преостанат бастион во северен Ирак, градот Хавиџа. Терористичката милиција, наскоро би можела да го загуби и нејзиното последно големо упориште во Сирија - градот Рака, кој важи за главен град на ИД. 

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама